Во јуни, годинава, Фондацијата „Принцеза на Астурија“ (чиј што покровители се кралот Филип VI, престолонаследничката Леонор и целото кралско семејство кое од 1981 година го доделува највисокото шпанско признание со исто име – пандан на шведската Нобелова награда), ја објави одлуката на жирито и имињата на наградените во доменот на Научно и техничко истражување во 2024 г. Помеѓу нив се најде името на Светлана Мојсов како признание за нејзиното откритие на активната низа на GLP-1, вели за Публицитет.мк познатиот македонски офталмолог Владимир Попоски кој живее и работи во Барселона.
Вечерта, во Овиедо, на традиционалната свечена церемонија во театарот Кампоамор (Campoamor), кралот Филип VI ѝ ја додели наградата на професор Светлана Мојсов која за неа би можела да биде важна “отскочна штица” кон вечниот, неприкосновениот и сонуван Нобел.
Светлана Мојсов е првата Македонка која викендот ја доби оваа престижна награда „Princesa de Asturias“ а се доделува на личности и организации кои имаат значителни постигнувања во науката, хуманитарните активности и јавниот живот.
Мојсов, која е професор на Универзитетот Рокфелер во САД, ја подели наградата заедно со Џоел Хабенер, Даниел Џ. Друкер, Јенс Холст и Џефри Фридман. Нивните истражувања придонесле за „развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината, како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии“. Таков е на пример лекот „Оземпик“. Овие лекарства им го подобруваат квалитетот на живот на стотици милиони луѓе ширум светот,ни пишува Попоски.
-Во петокот, откако јас и Дани ( мојата сопруга исто така офталмолог) во рани мугри ја напуштивме Барселона, имавме чест да не прими на “аудиенција” во гламурозниот хотел Reconquista, баш таа лично, прекрасната Светлана Мојсов.
Како што нагласив претходно, нејзиниот придонес во современата медицинска наука е огромен. Врз база на нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања (во доцните 80 години на ХХ век), денес сме пред една одамна очекувана глобална револуција, хумана и хуманитарна!
Инаку, добив впечаток дека е скромна, тивка личност… но, во очите видов смелост и цврстина. Горда е на своето македонско потекло… Македонија ѝ е во срцето. Живеела во Скопје до своја десетгодишна возраст. Таа е ќерка на познатиот македонски дипломат Лазар Мојсов.
Неформалниот разговор беше вистинско уживање и разменивме мислења, “заеднички спомени од она време”, сеќавања за оптимизмот со кој ние што сме отишле во туѓина ги пребродувавме предизвиците и тешкотиите, нашата љубов кон вечниот Охрид…
Времето летна и средбата заврши, оставајќи зад себе “вкус” на едно неверојатно, вонвременско, незаборавно доживување.
Засекогаш ќе ни остане во драг спомен оваа топла средба со Светлана Мојсов… вистински божји дар, вели на крајот од својот допис до нашиот портал д-р Попоски.
П.С
Доста долго ја подготвував оваа средба. Обезбедувањето и организацијата на настанот се на толку високо ниво, што ни “пиле не може да прелета” без специјална дозвола која ми беше потврдена на два дена пред церемонијата.
На Светлана ѝ подарив книга за македонската историја! Нејзиниот сопруг, Michel Nussenzweig, врвен имунолог, но и вљубеник во Македонија, исто така, сакаше да дознае многу повеќе за земјата која толку многу ја љубат и посетуваат…
Тој, со нежност ја чуваше книгата во скутот за време на полчасовната средба… која мораше да заврши, бидејќи кралот и кралицата ги чекаа на прием.
Се’ беше како во сон
А најмногу не стопи “натопореното” македонско знаме во позадина, пишува д-р Владимир Попоски
Публицитет.мк