Сергеј Четковиќ, кого милионската публика на поранешните југословенски простори уште го нарекува и ,, крал” на баладите, синоќа го оствари неговиот голем сон да настапи пред охриѓани и многубројните посетители, под рефлекторите на античкиот театар, во самото ,,срце” на стариот град.
Повеќе од два часа, со музичката поддршка на камерниот оркестар од Битола, со кој диригираше маестро Владимир Димовски, тој неуморно ги пееше неговите најголеми хитови ,,Пусти проблеме”, ,, Погледи у тами” и др.

При првите тактови на песната ,,За љубав”, Сергеј на сцената покани млад пар, да танцува во ритамот на големиот хит. Притоа, девојката и момчето открија дека за неколку месеци ќе ,,запловат” во брачните води.
Како специјален гостин, настапи нашиот Ѓоко Танески. Двата фантастични вокали беспрекорно ја испеаја ,, Лихнида кајче веслаше”. Потоа, Ѓоко ја испеа и ,, Една љубов имам”.
Топол и непосреден, Сергеј слезе и меѓу толпата, каде што ги запеа и ,,Цесарица”, ,,Није хтјела” и ,, Тајно моја”, покажувајќи и оддавајќи голема почит покојните музички великани Оливер Драгојевиќ, Кемал Монтено и Тоше Проески.

Од продукциската куќа ,, Евентум, до крајот на годината најавуваат уште неколку интересни настани токму во градов, за што ќе известат дополнително.
Весна Цветаноска
Публицитет.мк