Бернард Руиз-Пикасо е внук на Пабло Пикасо. Како дете се срамел од сликите на дедо му. Денес е сопственик на една од најголемите збирки на еден од најголемите сликари на 20 век.
Кога Пабло Пикасо почина на 8 април 1973 година, тој остави милионско наследство, но не и тестамент. Беа потребни цели седум години за да се направат попис и каталог на сите слики, скулптури, цртежи, писма и текстови што ги поседува Пикасо. Резултатот е вџашувачки: 1.856 слики, 7.089 цртежи, 30.000 графики, 1.355 скулптури и 2.880 парчиња керамика.
Втората сопруга на Пикасо – Жаклин Рок – не само што го заштитуваше од очите на јавноста во последните години, туку и ги спречи неговите вонбрачни деца и внуци да присуствуваат на погребот.
Бернард Руиз-Пикасо, внукот што го сретнавме во Париз, тогаш имал 13 години. Тој е син на Пауло Руиз-Пикасо, првиот син на Пабло Пикасо и неговата прва сопруга Олга Коклова, па со тоа и „законски наследник“ – сѐ уште не е јасно што треба да добијат вонбрачните деца.
Но, рака подаде и државата: се плаќаат даноци поради големото наследство, во Франција за првпат се примени закон – таканаречениот „Дасион“. Според овој закон, на наследниците им е дозволено да плаќаат даноци не во пари, туку во уметнички дела. Така, во 1985 година, во Париз беше создаден Музејот на Пикасо, во кој се наоѓа најголемата колекција на уметникот со 5.000 експонати и 200.000 документи и предмети од неговата лична архива.
Пред 20 години Бернард Руиз-Пикасо донираше дел од својата колекција за заедно со својата мајка да го основа Музејот на Пикасо во Малага. Неговиот славен дедо е роден во андалузискиот крајбрежен град на 25 октомври 1881 година.
ДВ: Кога за првпат сфативте дека Вашиот дедо е еден од најголемите гении во историјата на уметноста во 20 век?
Бернард Руиз-Пикасо: Дури пред неговата смрт во 1973 година, сфатив дека тој е прилично позната личност. Како дете редовно го посетував на југот на Франција. Секогаш беше опкружен со многу пријатели и живееше во голема куќа полна со уметнички предмети. Секогаш беше многу зафатен. Но, тогаш бев млад и не сфаќав колку е важен во уметничка смисла. Но, забележував како луѓето гледаат кон него. Не го третираа како столар или електричар, туку со поголема почит.
Го основавте Музејот на Пикасо во Малага и велите дека Пикасо би можел да биде првата поп-ѕвезда во историјата на уметноста. Како музејот го одбележува Пикасо и што е планирано како дел од прославата на годишнината од неговата смрт?
Случајно, 20-годишнината на музејот се совпаѓа со 50-годишнината од смртта на Пикасо. Пред 20 години го основав музејот со мајка ми Кристин Руиз-Пикасо и оттогаш работиме на проширување на колекцијата. Ќе ја прославиме годишнината со попис и ќе видиме каде стоиме денес и ќе ја подготвиме куќата за иднината. Затоа што музејскиот свет и публиката многу се променија во последните дваесет години.
Во 21 век сѐ погласни се критиките за однесувањето на Вашиот дедо кон жените. Во едно интервју кажавте дека тој е феминист. Можете ли да го објасните тоа?
Станува збор за цитат од француски новинар изваден од контекст во шпански весник. Но, мислам дека начинот на кој тој се прикажува себеси, но особено начинот на кој ги прикажува жените – како мајки, како љубовници, како страшни, хистерични – е невообичаен. Во тој контекст, изложбата во музејот Орсеј за неговиот сино-розов период ми ги отвори очите. Таму научив да ги гледам неговите дела на нов начин. Овие рани слики прикажуваат жени кои страдале од сифилис или гладувале во затвор. Пикасо секогаш се борел против тиранијата и варварството на сите полиња.
Дали антивоената слика „Герника“ од 1937 година беше слика преку која тој се политизираше?
Не, Пикасо уште од мали нозе бил вклучен во разни групи кои се бореле за подобар живот. „Герника“ е само еден пример. Тоа беше нарачано дело за шпанскиот павилјон на изложбата „Париз Експо“ во 1937 година. Но и после тоа продолжи да се занимава со последиците од војните. На пример, во 1951 година ја насликал сликата „Масакрот во Кореја“, а во 1940 година, за време на Втората светска војна – слика која прикажува жена со само една рака. Мислам дека Пикасо беше многу чувствителен уметник кој подеднакво ги гледаше убавите и тажните аспекти на животот.
Никогаш не бил во Германија. Знаете ли зошто?
Не, мислам дека едноставно не сакаше да патува. Повеќе сакаше да остане дома и да работи во своето ателје.Сепак, тој отиде во Полска за да го поддржи тамошното мировно движење и неколку пати беше во Англија. Се обидел да оди и во Северна Америка, но не му дале виза бидејќи бил комунист.
Зошто се приклучил на Комунистичката партија во 1944 година?
Па, на почетокот на 20 век имало некои тирански држави во Европа. Имало диктатори или комунисти и малку демократи кои имале само мал интерес за уметноста. Значи, луѓето морале да изберат страна. Уметниците од авангардниот период се многу независни, анархистички на некој начин. Не чекале некој да им каже што да прават. Сите се ангажирале политички. Во форма на уметнички манифести, но и преку нивните уметнички дела или преку нивните текстови.
Пикасо пишувал и песни, што не е толку познато.
Нашата фондација финансиски го поддржа францускиот издавач Editions Gallimard да ги објави песните на Пикасо на шпански. Имаше многу архаичен стил, без интерпункција, без точка или запирка. Како резултат на тоа, треба сами да го поминете текстот, да развиете сопствен ритам и да ја замислите интерпункцијата.
Кога умре Пикасо, беше комплицирано да се подели наследството. Требаше да ѝ дадете голем дел на француската држава. Како го решивте тоа?
Пикасо почина во 1973 година, а две години подоцна, за жал, и татко ми. Во тоа време законски наследници бевме само јас и мојата полусестра Марина. Истата година се самоуби нејзиниот брат. Тоа беше тажна година. На крајот, неговите жени, полубраќата и сестрите Маја, Палома, Клод, Жаклин – вдовицата на Пикасо – Марина и јас го делевме наследството.Бевме шестмина. А потоа адвокатите заедно со француската влада го поставија т.н. „Дасион“, односно начин за отплата на даночните долгови со уметнички дела. Навистина добар метод.
Има безброј изложби кои во 2023 година потсетуваат на Пикасо и го слават. Дали ќе ги посетите сите?
Сè уште се обидувам да сфатам како да бидам на две места во исто време. Не, нема да ги видам сите. Но, во 2023 година ќе патувам многу, бидејќи дефинитивно вреди да се посетат што повеќе изложби. Нашата уметничка фондација учествува на некои изложби. И, колку што знам, претседателите на Франција и Шпанија дошле на идеја да ја завршат прославата на годината на Пикасо во зградата на УНЕСКО во Париз. Јасен знак за демократски вредности.
Извор: www.dw.com
Публицитет.мк