• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
вторник, јули 1, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Слово за светите браќа Кирил и Методиј на фонот на Болоњскиот псалтир  

мај 26, 2025
in Во потрага по трајната убавина
Слово за светите браќа Кирил и Методиј на фонот на Болоњскиот псалтир  

или како глаголичкото к  / Ⰽ / стана ф во Болоњскиот псалтир

 Составувајќи го житието на свети Кирил, писецот го започнува со исказ од стих од псалтирот и го завршува со два стиха, исто од псалтирот.

Небаре сиот животен пат на свети Кирила го сместил меѓу тие стихови од два различни, но содржински поврзани псалма, во кои провејува како виулица осознаената мисла од првиот псалм „животов е пат“ или: пѫть житие се глаголєть поместена во толкувањето на Болоњскиот псалтир, препишан во селото Рамне, меѓу 1230 и 1241 г., речиси два века потем Синајскиот псалтир или четири века потем кирилометодиевскиот превод на псалтирот.

            Во сиот тој период, житијата на светите браќа, според историски податоци се чувале во Охрид, заедно со споменот за нив и со продолженијата на нивното дело, а потоа поради безбедносни причини и потем една светогорска доживелица во манастирот Ватопед, доживуваат своја обнова во манастирот Матејче во 1469 г., или шест века потем нивните патешествија опишани во житијата и похвалите за нив.

Овој безбедносен триаголник: Охрид – Ватопед – Матејче е клучен за стариот период од развојот на македонската писменост, означен како македонска варијанта на црковнословенскиот јазик.

            Да потсетиме, житието од Матејче, започнува со исказот: богъ милостив и штедрыи од 8 стих од 102 псалм, а се завршува со шестиот и осмиот стих од 123 псалм: благословенъ Богъ иже нє дасть въ ловитвоу зоубомь невидимыих. враг нашихь и сѣть ихь ськроуши и избави ни от истлѣнїа ихь.

Читајќи го денес житието на свети Кирил на фонот на коментарите на овие два псалма во Болоњскиот псалтир, ги доживуваме како мисла водилка на житиеписецот низ сето Кирилово житие. И таа мисла остро се провлекува како јасна сознајба низ дејноста на Охридската книжевна школа.

             123 псалм ја содржи веродостојно претсмртната порака Кирилова, упатена до најблиското негово окружение во Рим, поточно податокот дека свети Кирил ја извлекол, или себеси се насликал со тие два стиха. А таа претстава ја содржи пред и потем заветната определба за истражување во нивното заедничко дело од кое се оформи словенската писменост. А нејзиното оформување не било докрај испланирано, особено ако се имаат предвид претходните безуспешни обиди на други народи да оформат своја писменост на фонот, како што се тврди во науката, византиската грчка, а не мрднала подалеку од грчката кирилејса.

Онаа промрморена низ стиховите Кирие елеисон што ќе рече: господи помилоуи што го возбудувале Истокот и Западот до времето на европскиот романтизам, но – во името на вистината, не дотолку и Димитрија Миладинов, или уште поточно мајка му, како и неговите ученици во онаа Прличева восхитеност: „многу псалми на македонско наречје се преведоа тогаш“, имено во времето на црковнонародниот подвиг спроти Охридската завера.

            Зошто не бил и фонот, оној гркофон, толку силен, зашто имало нешто подлабоко и митско, како и до млекото ќе да е, како што впрочем пишува и во житието за Кирила, зашто македонската преродба повеќе ја возбудуваше делото кирилометодиевско и седмочисленичката акција, особено Григора Прличев и Кузмана Шапкарев, а меѓу нив и Партенија Зографски и продолжително до Младата македонска книжевна дружина и Македонското научно литературно другарство, имено до Александар Караѓуле и Крсте Мисирков.

Но, да му се вратиме на 102 псалм и поточно на неговото толкување во рамненскиот Болоњски псалтир, рамненски по место на препишување, Болоњски по место на чување. Читаме: въсѣмъ Бо оудом доушєвныим и тѣлесным подобаетъ благословити бога.

А според житието во расправата со патријархот Анис, што ја подметнал иконоборната ерес, филозофот му одговара:

 да на  кою те брань  гонимь, отвѣштаи: на тѣлесноу или на доуховноую.

Он же рече: на доуховноу.

философ отвѣшта ннѣ (сега) ти силиѣи хоштеши быти, да не  глаголи намь тацѣхь притьч. Не без врѣмене  бо цвѣтьць иштемь,  ниже на  воискоу тебе гонимь.

            Се содржи на ова место во житието сета ука што Кирил ја впил во себеси во Магнаурската школа, во која надвременски се споило богословското и античкото и се осознавало дека РАСПРАВАТА Е ВОЈНА, а за војна треба да си добро наоружан, во онаа смисла во која во охридскиот збор БРАН е врежано и значењето „ОРУЖЈЕ“.

Ја има во 102 псалм и сета онаа дејност што се поврзува со свети Климентовата заложба во оформувањето на требникот, не без поддршката на архиепископот Методиј во Моравија, особено во службата на исповедникот во која е пресликана обновата на човекот преку чинот на исповедта и преку молитвата, и сето тоа е поставено на фонот на клучната мисла од „Физиологот“ (средновековен текст поместен и во „Тиквешкиот зборник“) за обновата на орелот. А на своевиден начин, таа е вклопена во Похвалното слово за Кирила од Климент Охридски.

Треба да се спореди Житието со Похвалата за Кирила и да се долови персонификацијата. Но, препишувачот на Болоњскиот псалтир ни остава префинета загатка по однос на митот за орелот претставен во псалтирот и образложен во толкувањето. Имено, наместо 40 години стои 500 или, се досетуваме наместо глаголичкото к / Ⰽ/ со гласовна вредност 40, пишува ф – и глаголична и кирилична, зашто ист е знакот во двете азбуки.

Па, читаме: „Орелот на петстотото лето се обновува,  греан од сонцето и нуркајќи на изворот на водата, пак млад станува. Така човекот се обновува со крштението во живот вечен“.

Го сфаќаме ова и како една од оние дигресии во кои три мисли се сведуваат во  една низа, и такви примери има повеќе во македонската средновековна литература.

Но, се вживееме ли во тие 500 години, од времето на свети Кирил и Методиј, ќе се вратиме назад во времето на патристите, на Григориј Богослов и Василиј Велики, но и Јоан Златоуст и Ефрем Сирин, а токму нивното учење се обновува во учењето на свети Кирил и Методиј и трајно се зацврстува во македонската апокрифна книжевност.

А пресметаме ли 500 г., од Болоњскиот псалтир наназад или нанапред, во Охрид, времепловот ќе нè сообрази со Еразмо Охридски и Јустинијана Прима.

А меѓу нив како медиум се јавува свети Климент Охридски и неговото учење на фонот на свети Климент Римски од времето на првите страдалници и маченици во името на Христа, од времето потем апостолско.

            А со зборовите на апостол Петар, свети Кирил ја разрушил тријазичната ерес, и метафорично, сето тоа, претсмртно го сведува на два стиха од 123 псалм. Во нивното толкување читаме: „Ѓаволите, се вели, почнале да џвакаат како ѕверови.  / Раскрилувајќи се како птица, душата човечка се избави од ѓаволите“.

Со овие толкувања од кои блика раскошно охридскиот градски говор од 13 век, Охридската книжевна школа длабоко ја осозна седмочисленичката културна акција и го отвори непречениот пат на македонската писменост низ сите оние многуметежни времиња како што пишува во првата глава во Житието на Кирил според преписот од Матејче.

            А којзнае на кое време се мислело кога се оформувала словенската писменост.

Димитар Пандев – Беседа за Св. Кирил и Методиј, наставо катедралната црква Св. Софија во Охрид на 24 мај, 2025 г.

Посетеност: 394
Share
Previous Post

ВО ОХРИД: Наградени најдобрите просветни работници од регионот- Митковска, Тодоровска, Спасова и Патраклиева

Next Post

Со промоција на монографија уметникот Јордан Манасијески одбележува 55 години активно творештво

Next Post
Со промоција на монографија уметникот Јордан Манасијески одбележува 55 години активно творештво

Со промоција на монографија уметникот Јордан Манасијески одбележува 55 години активно творештво

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 394

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk