Охриѓани како и секогаш на уникатен начин го одбележаа верскиот празник Богојавление-Водици. На градското пристаниште присуствуваа илјадници верници, кои имаа можност да ја проследат неповторливата глетка кога запливаа стотици млади лица за да го фатат Чесниот крст. Годинава за прв пат централната богослужба се одржа во Охрид, а со неа чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски господин господин г.г. Стефан.
Богојавление Водици, денот на кој се празнува споменот на Христовото крштевање, во Охрид-Балканскиот Ерусалим беше одбележан масовно и на спектакуларен начин. Илјадници верници од земјава и странство присуствуваа на црковниот церемонијал кој се одвиваше на Градското пристаниште, а со кој за прв пат по возобновувањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски, неговото Блаженство Господин, Господин Стефан. Во својата беседа пред верниците тој рече дека со Охрид и езерото е поврзано се што е наше и духовно и национално, нашето минато, сегашноста и иднината.
„Како христијански народ, посебно ова наше поколение да се запрашаме дали доволно ја исполнуваме најсветата обврска и пред родот и пред бога, размислуваме ли колку време и колку љубов им посветуваме на луѓето околу нас. Празниците на нашата света вера се токму за тоа, да не потсетат на настанот или богоугодниот, но и на тоа како живееме и како постапуваме и кон себе си и кон другите“, изјави Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан-Поглавар на МПЦ ОА.
По богослужбата и пригодното слово, Архиепископот Стефан го положи Светиот крст во езерските води по кој запливаа стотици млади лица. Највешт и најсреќен беше Мартин Гоџо од Варош.
„Втор пат го фаќам крстот. Прв пат беше во 2022 година, во 2025 година пак ми се посреќи среќата прв да стигнам до светиот крст. Тоа е огромна чест за мене, за мојата фамилија и мојата тајфа“, изјави Мартин Гоџо-фаќач на крстот.
Уникатното одбележување на Водици во Охрид го проследија повеќе претставници на државниот врв, меѓу кои беше и претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова.
„Оваа година по сите параметри беше централна манифестација и најпосетена и онака како што доликува на Балканскиот Ерусалим. Му посакувам многу здравје, среќа и успех на фаќачот на крстот“, рече Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
„Специјално дојдовме од Битола за да присуствуваме на овој свечен чин на фрлањето на крстот во Охридското Езеро“.
„Мислам дека ова е најголемиот празник за охриѓани. Водици и кога било забрането се фрлал крстот“.
„Голем ден кој сите си го славиме сите години со голема радост и посетеност и да ни помогне, за многу години да ни е денот“.
„За многу години на сите, преубаво чувство. На тој што го фати крстот сè најубаво, Господ здравје и многу среќа“, изјавија присутни.
Голема улога за безбедноста на лицата кои запливаа по крстот одиграа спасителите на вода, езерската полиција, нуркачите и медицинските тимови.
„Имавме 15-тина интервенции во вода на оние капачи коишто беа премрзнати, но ништо сериозно. Имавме многу посериозни интервенции, 7 на копно и пред самиот почеток на осветување на водите“, изјави Сашо Точков-претседател на Црвен крст Охрид.
Утре на празникот Свети Јован Крстител, кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите, повторно ќе има групно капење во езерото.
Младите охриѓани со тој чин ја продолжуваат традицијата на своите предци, кои на тој начин ја искажувале својата приврзаност кон езерото.
Извор: www.mrt.com.mk
Новинар: Сашо Нелоски
Фото: Христијан Јанкуловски и Томе Љушев
Публицитет.мк