Најживописното охридско село долж брегот – Трпејца, кое го нарекуваат македонско Сен Тропе за помалку од две години ќе добие модерна пречистителна станица и канализациска мрежа. Со тоа во иднина вљубениците во оваа најпосетувана населба од домашни и странски туристи преку летото наместо во езерска вода од трета ќе се капат во вода од прва категорија.
Деценискиот проблем со немање канализациска мрежа и пречистителна станица во најатрактивното село крај Охридското Езеро-Трпејца ќе се реши најдолго за година и половина. Проектот вреден еден милион и 800 илјади евра ќе го финансираат Министерството за транспорт и врски и општина Охрид. Наместо 25 или 26 пумпни станици со новиот проект заради заштеда на струја е предвидена само една.
„Изработивме проект којшто ќе вклучува само една пумпна станица со примарна, со секундарна канализациска мрежа којашто по гравитациски пат ќе ја носи целата отпадна вода на едно место и од тоа место ќе се пумпа директно во пречистителната станица и понатаму од таа пречистителна станица ќе се испушта прва класа во Охридското Езеро“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Изградбата на овој капитален објект ќе започне на почетокот на 2025 година.
„Фала му на Господ ако ја решите, ние сме решени со Господ, поубаво село ќе нема од Трпејца“.
„Ако се изгради пречистителна станица ние ќе се родиме како нови луѓе. Трпејца најпосетено место никакво е со канализацијата, нигде. По патиштава вода тече насекаде, луѓето немаат што да прават“.
„Пречистителната станица во Трпејца кога ќе се изгради, тогаш веќе влегуваме во понова фаза. Значи поубава нијанса и поздрав живот за сите и експанзија на нови гости“, велат анкетирани граѓани.
Македонското Сен Тропе како што го нарекуваат селото Трпејца по изградбата на пречистителната станица и канализациската мрежа ќе биде тргнато од Листата на најголеми загадувачи на Охридското Езеро.
Извор: www.mrt.com.mk
Новинар: Сашо Нелоски
Публицитет.мк