Охрид во текот на летната туристичка сезона беше преполн со туристи, а некои експерти сметаат дека тоа не беше само заслуга на македонските тур-оператори и туристички агенции, туку повеќе на оние од соседството и регионот кои во своите понуди ја вклучуваа Македонија и Охрид. Според нив околу седумдесет и пет проценти од туристичките движења биле резултат на нивните остварувања, поради што препорачуваат поголем ангажман на сите засегнати страни во земјава, бидејќи само на тој начин можеме да ја кроиме нашата судбина во овој сектор…
Иако Охрид оствари успешна летна туристичка сезона, сепак експертите велат дека таа се одвивала стихијно, бидејќи нашата судбина наместо македонските ја кроеле тур-операторите од непосредното соседство и регионот. Ние бевме еден вид неми сведоци посочуваат тие, затоа што околу 75 проценти од сите туристички движења беа резултат на странските тур-оператори. Тоа се случи поради нашето отсуство од најзначајните за нас туристички берзи во последната деценија и незначителната промоција на странските пазари.
„Албанија веќе доживува еден туристички бум и експоненцијален раст во делот на туризмот и кога веќе сте во близина на Македонија тие за да ги подобрат своите перформанси го нудат Охрид како дел од нивните итинирери. Дали тоа ќе биде само еднодневна екскурзија или ќе биде само едно ноќевање“, изјави проф. д-р Климент Наумов Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Последна достојна презентација на нашето културно и природно богатство во странство имавме во 2010-тата година вели Наумов, оттогаш навака имаме слободен пад во таа сфера.
„Нашето културно наследство, нашата културна баштина се промовираше во Музејот на средновековна уметност во Утрехт „Катарајне конвент“, кога беше изложена златната маска, колекцијата на икони, златните артефакти во периодот од 6 до 5 век пр. н. е. и сето тоа продуцираше еден зголемен интерес за културни посети“, изјави проф. д-р Климент Наумов Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Покрај учеството на туристички берзи потребна е и медиумска промоција преку најпознатите ТВ куќи во светот каков што беше проектот „Macedonia Timeless“, бидејќи тоа го прават сите држави кои сакаат да го развијат туризмот, посочува Наумов.
Сашо Нелоски –
Извор: www.mrt.com.mk
Публицитет.мк