Во знак на сеќавање на прерано починатиот д-р Драган Спасески – Охридски подеднакво познат по пишаната реч и сликарството утре од 20 часот во Лапидариумот непосредно до Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата на слики „ Ех, моја Македонија“.
Обединети уметниците: Мајкл Клос од Канада, Демир Демироски – Мак од Германија и Наташа Попоска – Карче и Ѓоко Симјаноски од С. Македонија ќе претстават дел од својата најнова ликовна продукција.
-Тоа се исклучително талентирани уметници – сликари на кои заедничка судбина им е Охрид. Инспирација, локација, место на кое секогаш му се враќаат или од тука заминуваат по белиот свет- тие или нивните дела.
А синтагмата „Ех, моја Македонија“ секој може да ја доживее различно. Како болка, очај, радост, љубов и надеж, ќе напише промоторот на изложбата м-р Милчо Јованоски, новинар и публицист.
Покрај во сликите публиката ќе може да ужива и во изведбите на виолинистот – маестро Џевад Рамаданоски.
Помагатели на овој настан се: НУ Завод и Музеј од Охрид и Културолошката инцијатива 5 до 12 од Охрид.
Публицитет.мк