Утре, четврток – 20 јули во рамки на Годишната програма за работа во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи отворена трибина на тема: „Мирисот на оловото“.
До почетокот на деведесеттите години од сега минатиот век во речиси секој град во земјава имаше – опстојуваше по еден градски весник најчесто во рамките на Локалните радио и ТВ станици.
Во Охрид во рамките на Радио Охрид – Центар за печат и радио излегуваше месечникот „Езерски глас“ Но весници излегуваа или печатеа и редакции во рамките на големите претпријатија и фабрики: „Отекс“, „ЕМО“, „Застава ХТД“, ГП „Трудбеник“ и други. Нивното златно време беше од почетокот на седумдесеттите до крајот на осумдесеттите. И гледано од денешен аспект тие беа и се огледало на времето, вистинска историска хроника на еден град, на еден живот на едни генерации.
-Овој проект – преку утрешната трибина само ја отвора вратата за по опсежно и далеку посериозно занимавање со дводеценискиот период кој во многу нешта беше ренесанса за жителите на Охрид. Овие траги во времето зачувани во нашето Одделение за периодика кои допрва треба да се истражат и дигиталзираат ќе сведочат за животот на Охрид , за неговиот општествено – економски растеж. Преку изложбата на весници на трибината ќе се зборува за тој период. Се’ со цел да се извлече поука да се зачува некогаш печатеното со надеж дека ќе биде проучено и нема да остане само мртво слово на хартија, вели директорот на охридската Библиотека м-р Милчо Јованоски, новинар и публицист.
Отворена трибина „Мирисот на оловото во Охрид“ ќе започне во 10 часот, наутро а како панелисти се поканети поранешни и сегашни новинари и публицисти, уредници: Веле Митаноски, Владо Жура, Елида Битрак, како и Горан Момироски од Регионалната канцеларија на Здружението на новинарите на Македонија.
Библиотеката упатува отворена покана до сите поранешни новинари и соработници, кои имаат допирна точка со „Езерски глас“ и останатите поранешни фабрички весници или едноставно биле нивни читатели да дојдат да учествуваат со своја дискусија или само да го проследат настанот – влезот е слободен.
Публицитет.мк