Јутјуб го слави својот 20. роденден: како дојде до идејата што доведе до вирални сензации и ѕвезди како „Gangnam Style“ или „Baby Shark“?
Од неговото име е направен глагол. „Го пропуштивте најновиот вирален феномен? Само „јутјубнете“. Се чини дека животот во 21 век без Јутјуб (YouTube) е незамислив, нели?
А, сето тоа започна како необична идеја на тројца поранешни вработени во Пејпал – Џавед Карим, Чад Харли и Стив Чен – кои го активираа својот домен на Денот на вљубените во 2005 година, не знаејќи точно во која насока ќе оди сето тоа.
На доделувањето на дипломите на Универзитетот во Илиноис во 2007 година, Џавед Карим, роден во Германија, објасни: „Ние дури и не знаевме како да го опишеме нашиот нов производ“. За да привлечеме внимание, едноставно рековме дека тоа е нов вид на страница за запознавање. Имавме дури и слоган: „Вклучи се, поврзи се“.
Но, никој во САД не покажал интерес за нивната страница. Не помогнале ниту огласите во специјализираните списанија во Лас Вегас и Лос Анџелес, каде на жените им биле понудени 20 долари да ги објават своите видеа на страницата.
Прикажи дополнителна содржина?
Оваа содржина е дел од текстот што моментално го читате. Давателот YouTube ја обезбедува оваа содржина и може директно да ги собира вашите податоци за користење кога ќе кликнете на „Прикажи содржина“.
Прикажи содржинаСекогаш прикажувај содржина од YouTube.
„Лајкувај, коментирај или претплати се“
Тие го сменија правецот кога забележаа дека корисниците наместо тоа поставуваат видеа од кучиња, одмори и слична содржина. „Тоа ни беше многу интересно. Си рековме: ‘Зошто да не дозволиме корисниците сами да го дефинираат Јутјуб?’ До јуни, целосно ја редизајниравме страницата, правејќи ја поотворена за многу содржини. И тоа успеа“.
Во првата година од постоењето, Јутјуб привлече корисници ширум светот благодарение на едноставниот интерфејс и иновацијата што му дозволуваше на секого да стане создавач на содржина – сè што им беше потребно е корисничка сметка и камера. Покрај тоа, корисниците можеа да „лајкуваат, коментираат или да се претплатат“, а содржините постојано се зголемуваа. Така, се создаде инклузивно, интерактивно искуство.
Во ноември 2006 година, Гугл го препозна потенцијалот на страницата и го купи Јутјуб за 1,65 милијарди долари во акции.
Моментот кој промени се
Според легендата за создавањето на Јутјуб, Карим дошол на идеја да кодира веб-страница за споделување домашни видеа, откако неуспешно барал снимки од два сосема различни настани во 2004 година.
Во февруари истата година, инцидентот за време на Супер Боул во САД, кога облеката на пејачката Џенет Џексон се лизна за време на настапот со Џастин Тимберлејк, предизвика огромен интерес за видео клиповите. Во декември истата година, разорното цунами во Индискиот Океан ги натера луѓето ширум светот очајно да бараат и да споделуваат видеа од катастрофата.
Денес, повеќе од 500 часа содржина се поставуваат секоја минута на Јутјуб.
Платформата стана дом на вирални видеа, кои оставија неизбришлива трага на глобалната култура – без разлика дали се работи за невиниот шарм на „Charlie Bit My Finger“ или заразната енергија на хитот на јужнокорејската пејачка Псаја од 2012 година „Gangnam Style“. Ова беше првото видео кое достигна милијарда прегледи, а исто така ја покажа способноста на Јутјуб да ги надмине културните и јазичните бариери.
Најгледаното видео на Јутјуб во моментов е „Baby Shark Dance“ со повеќе од 15 милијарди прегледи.
Од анонимни луѓе до светски ѕвезди
Ниту една приказна за создавањето на Јутјуб не може да биде целосна без да се спомене поп сензацијата Џастин Бибер. Во 2007 година, неговата мајка, Пети Малет, објави видеа од нејзиниот син како пее обработки на популарни песни, што го привлече вниманието на менаџерот Скутер Браун.
Останатото е музичка историја, но неговиот успех покажа дека Јутјуб може да биде отскочна даска за неоткриени таленти. Славата на Бибер исто така илустрираше како Јутјуб може да ги изедначи шансите во забавната индустрија, овозможувајќи му на секој со камера и добар глас да стане следната голема ѕвезда.
Влијанието врз Холивуд
Истото важи и за филмската индустрија. Пример е краткиот филм „Nothing, Except Everything“ на режисерот Велсли Ванг. Филмот за тинејџерската анксиозност, кој го снимил за време на последната година од средното училиште, стана вирален и собра повеќе од 4,4 милиони прегледи на Јутјуб. Ја освои Големата награда на жирито на фестивалот за краток независен филм во Индијанаполис. Ванг сега соработува со продуцентската куќа на познатиот режисер Дарен Аронофски на долгометражна верзија на филмот.
Слично на тоа, австралиските близнаци Даниел и Мајкл Филип, креаторите на каналот на Јутјуб „RackaRacka“ , постигнаа голем успех со нивниот хорор филм „Talk To Me“ од 2022 година.
„Како можам да…?
Јутјуб е можеби најпознатото место и извор на корисни трикови и совети – од „Како да ја фотографирате Месечината со Ајфон“ до „Чистење со Кока-Кола“.
Каналите како „TED-Ed“, „Khan Academy“ и „CrashCourse“ ја претворија платформата во виртуелна училница достапна за сите, каде и да се. Според студијата на Pew Research Center од 2021 година, за време на ковид – пандемијата, Јутјуб забележал најголем раст од сите социјални мрежи, бидејќи луѓето барале креативни начини како да им помине времето.
Интересен факт: Финес О’Конел – познат и како брат на Били Ајлиш, но и како нејзин музички продуцент – во 2021 година изјави дека основите на музиката ги научил од своите родители, „а останатото од Јутјуб“. Тој го продуцираше деби албумот на Ајлиш, „When We All Fall Sleep, Where Do We Go“ , кој освои неколку Греми во 2020 година, вклучувајќи ја и наградата за албум на годината.
Критики и контроверзии
Сепак, платформата се соочи и со критики за начинот на кој управува со авторските права, за ширење теории на заговор и несоодветна содржина.
Воведени се различни мерки за решавање на овие прашања, вклучувајќи построги упатства за содржината и подобрени алгоритми за филтрирање на штетни материјали. На пример, платформата се соочи сокритики за нејзиниот потенцијал да се шират дезинформации за вакцините и екстремистичка содржина, што доведе до построги правила за управување и партнерства со организации за проверка на факти.
Сепак, критичарите тврдат дека дезинформациите опстојуваат, а Гугл ги отфрла регулативите на ЕУ кои би го решиле тоа.
„Што се случи со основачите на Јутјуб?
Видеото „Me at the Zoo“ беше официјално првото видео поставено на Јутјуб на 23 април 2005 година. Трае 19 секунди и го прикажува Џавед Карим како стои пред ограден простор за слонови во зоолошката градина во Сан Диего.
Но, за разлика од технолошките магнати кои сакаат да бидат во центарот на вниманието, Карим, Харли и Чен главно водеа мирен живот откако го продадоа Јутјуб. Сите тројца инвестираа во различни старт-ап проекти низ годините, но ја избегнуваа јавната сцена.
Еден коментар на Јутјуб можеби најдобро го сумира нивното влијание: „Лудо е кога ќе помислите дека овие три момчиња го променија не само интернетот, туку и целиот свет“.
Извор: dw.com
Публицитет.мк