Кон крајот на секоја година се објавуваат голем број на рангирања за тоа кој се најдобри филмски остварувања во тековната година.
Некои тоа рангирање го прават врз остварената заработка на кино благајните што е мошне важно за филмските компании кои се занимаваат со филмскиот бизнис а некои рангирањето го прават врз добиените награди на познати светски филмски фестивали и добиените критики на признати критичари.
Пред неколку дена познатиот сајт Huffington Post објави листа од 10 најдобри филмови во оваа 2017 година според нивно субјективно мислење а кое е направено врз основа на досегашните вреднувања од критичарите и оценката на стручните жирија на познати филмски фестивали. Првите пет од оваа листа на 10 те величенствени изгледа вака:
1.ПОВИКАЈ МЕ СО ТВОЕТО ИМЕ
„Повикај ме со твоето име“ е романтична драма во режија на Лука Гвадањино а е снимен врз основа на истоимениот роман од Андре Акиман од 2007 година. Ова е трет и последен филм во трилогијата на Гвадањино, по “Јас сум љубов” (2009) и “Поголема сплетка” (2015). Приказната е сместена во Северна Италија во 1983 година, и ја раскажува романтичната врска помеѓу Елио Перлман (Тимоте Чаламет), 17-годишен жител на Италија и американскиот асистент на татко му, Оливер (Арми Хамер). Во филмот, исто така, се појавуваат и Михаел Штулбарг, Амира Казар, Естер Гарел и Виктоар Ду Буис.
Филмот својата светска премиера ја имаше на почетокот на оваа година на фестивалот Санденс.
Во меѓувреме по неговото прикажување во Европа и САД ,филмот доби едногласно признание, со посебни пофалби за неговата режија , сценарио актерски изведби.Тој е избран од Националниот одбор за преглед и Американскиот филмски институт како еден од првите 10 филмови во оваа 2017 година. За 75-тата награда “Златен глобус”, е номиниран за најдобра филмска драма, најдобар актер во драма за Тимоти Чаламет и за најдобра споредна улога за Ерми Хамер. На 24-тите номинации за наградите на актерскиот еснаф тој доби номинација за најдобра машка улога за Тимоти Чаламет. Деновиве здружението на њујоршките критичари го прогласи за еден од 10 те најдоби филмови во оваа 2017 година. Тоа истото го направи и здружението на афроамериканските критичари. Според многумина тој ќе биде еден од фаворитите во трката по највисоките награди Оскар.
2.ПРОЕКТОТ ФЛОРИДА
Филмот „Проектот Флорида“ преставува комедија-драма во режија на Шон Бејкер, според сценариото напишано од Бејкер и Крис Бергох .Во филмот настапува познатиот актер Вилијам Дефо, Принц Бруклин, Брија Винаит, Валерија Котто, Кристофер Ривера и Калеб Лендри Џонс. Филмот го следи 6-годишното девојче кое живее во еден мотел во Орландо со нејзината бунтовна мајка обидувајќи се да преживеат.
Филмот светската премиера ја имаше на годинешниот Кански филмски фестивал а во кино салите во САД започна да се прикажува во почетокот на октомври.
Здружението на критичарите на Сан Франциско, Њујорк и Торонто го прогласија за најдобар во оваа 2017 година а актерот Вилијам Дефо е прогласен за најдобар актер во споредна улога.Освен тоа тој доби и номинација во истата категорија и за наградата Златен глобус.
3. ОБЛИКОТ НА ВОДАТА
Еден од најголемите фаворити за освојување на наградите Златен глобус , кои на 7. Јануари ќе се доделат по 75 .пат е филмот „ Обликот на водата“ на режисерот Гиљермо Дел Торо кој доби седум номинации за ова а престижна награда (најдобра филмска драма, драма, најдобра режија, најдобра актерка во драма за Хокинс, најдобра споредна женска улога за Спенсер, најдобар актер за Џенинс, најдобра сценарио ).Се работи за научно фантастичен филм со елементи на драма во кој настапуваат Сали Хокинс, Мајкл Шенон, Ричард Џенкинс, Даг Џонс, Михаел Штулбарг и Октавиа Спенсер. Филмот го следи немоќниот чувар во владина лабораторија со висока безбедност кој се спријателува со заробени морски суштества во 1961 година во Балтимор.Филмот беше прикажан во главната натпреварувачка програма на 74-от Венецијански меѓународен филмски фестивал и премиерно беше промовиран на 31 август 2017 година, каде што беше награден со Златен лав за најдобар филм во натпреварот. Тој, исто така, беше прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Торонто во 2017 година.„ Обликот на водата“ доби прекрасни оценки од страна на повеќе здруженија на критичари, при што многу критичари го прогласија за најдобар филм на Дел Торо по неговиот филм „ Пановиот Лавиринт“а особено е пофалена улогата на актерката Сали Хокинс.
Американскиот филмски институт го избра филмот како еден од најдобрите 10 филмови во оваа 2017 година.
4. ОКЈА
Меѓу десетте од овој избор се најде и филмот „ Окја“ во режија на режисерот Бонг Џон Хо .Во овој јужнокорејски филм настапуваат јужнокорејската актерка Ан Сео –Хјун и холивудските актери Тилда Свинтон, Пол Дано, Стивен Еун, Лили Колинс и Џејк Гиленхал.
Филмот се натпреваруваше за Златната Палма во главната натпреварувачка програма на годинешниот Кански филмски фестивал.
Филмот на Бонг Џон – Хо преставува ангажиран , хуман и смел филм кој всушност ја раскажува приказната за 13 годишното девојче Мија , која во текот на 10 години се грижи и дружи со огромното прасе Окја , среде јужнокорејските планини. Но работите се менуваат од моментот кога една голема мултинационална компанија – глобален производител на храна, го превзема и транспортира огромното прасе Окја во Њујорк…Се работи за еден прекрасен филм , интелегентен, забавен, необичен, исклучително допадлив и топол, кој може да се чита на повеќе нивоа и во кој секој може да се пронајде , без обзир на годините што ги има.Покрај тоа што тоа е прекрасна семејна авантура и вистинска љубовна приказна , тоа е филм кој говори за односот на луѓето кон животните, како и немилосрдна критика на ссовремениот капитализам.
Филмот доби прекрасни критики низ целиот свет.
5. БЕГАЈ
Ретко се случува во ваков избор на најдобри филмови во текот на една година по избор на критиката да се најде еден хорор. А токму еден таков филм се најде на оваа листа.Тоа е филмот „ Бегај“ на режисерот Џордан Пеле кому ова му е дебитантски филм. Во филмот настапуваат Даниел Калуја, Алисон Вилијамс, Бредли Витфорд, Калеб Ландри Џонс, Стефан Рут, Лејкит Стенфилд и Кетрин Кинер.
Филмот следи една млада двојка која ги посетува родителите на девојката, при што ќе се случи серија чудни настани што доведува до вознемирувачко откритие.
Филмот премиерно беше прикажан на почетокот од годината на фестивалот на независни филмови – Санденс.
Филмот доби извонредни критики од повеќе здруженија на критичари а здружението на афроамериканските критичари го прогласи за најдобар филм за оваа 2017 година. Од друга страна,филмот е избран од Националниот одбор за ревизија, Американскиот филмски институт и списанието Тајм како еден од првите 10 филмови за оваа 2017 година. Тој е еден од ретките филмови од оваа листа кој помина одлично и на кино благајние заработувајќи 254 милиони долари ширум светот а имал буџет од само 4,5 милиони долари. Филмот доби и две номинации за наградата Златен глобус , во категоријата најдобар актер во комедија- мјузикл за актерот Данијел Калуа и најдобар кинематографер.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк