Следната недела на 4. март. ќе се одржи церемонијата на доделувањето на најпрестижните награди во филмската уметност- Оскарите.
Ќе се случи тоа по 90. пат.Номинациите во 24 те категории веќе се објавени од поодамна , за фаворитите во поедини категории веќе наголемо се говори и пишува, но сепак мора да го дочекаме денот кога овие награди ќе станат сопственост на најдобрите.
Во богатата историја на оваа награда честопати се случувале и големи изненадувања за кои потоа со години се говори. За жал , или за среќа, во последните неколку години такви изненадувања има се помалку.
Едно од ретките се случи изминатата година и тоа во самиот финиш на церемонијата при прогласувањето на добитникот на Оскар во категоријата најдобар филм.Сигурно се сеќавате на тој голем пропуст на презентерите Феј Данавеј и Ворен Бити кога за победник во најважната категорија прочитаа погрешно име. Но, тоа повеќе беше изненадување од техничка природа или ако сакате превид ,бидејќи грешката беше исправена веднаш кога на сцената се искачија вистинските добитници .
Престижниот интернет портал IMDb овие денови направи потсетување на 10 големи изненадувања во историјата на оваа награда за кои и ден денес се говори и пишува.
Еве кои се тие:
1.Во 1993 година, експертите мислеа дека Ванеса Редгрејв ќе го освои Оскарот категоријата за најдобра споредна женска улога за нејзината изведба во филмот “Крајот на Хауард “. Наместо тоа, младата актерка Мариса Томеи беше изненадувачки победник за нејзината изведба како девојка од Њу Џерси во комедијата „ Мојот роднина Вини“. Многумина сметаа дека нејзината изведба е премногу лесна за дури и да заслужи номинација за Оскар во оваа категорија.. Имаше дури и гласини дека презентерот Џек Паланс случајно прочитал погрешно име.
2.Режисерот Боб Фос и „Кабаре“ го победија режисерот Френсис Форд Копола
и „Кум “ , во категоријата за најдобар режисер во 1973 година.
Но , времето ја исправи оваа неправда. Филмот „ Кум“го издржа тестот на времето за да стане вистински класик. Се рангира на местото број 2 на IMDb листата на Топ 250 филмови на сите времиња, но со потсетување на денот кога гласачите во 1973 година повеќе ги сакале мјузиклите одколку гангстертите.
Академијата овој превид го исправи две години подоцна кога Копола го освои оскарот за најдобра режија за филмот „ Кум 2“ .
3. 1977 година беше одлична година за филмот. Таа година во категоријата за најдобар филм беа номинирани извонредните филмови:„ Таксист“, „ Мрежа“ и „ Сите луѓе на председателот“.Но, осскарот за најдобар филм му припадна на „Роки“кој стана изненадувачки победник . Оскарското наследство на франшизата продолжи и во 2016 година, кога Силвестер Сталоне доби номинација во категоријата за најдобар спореден актер, повторувајќи го ликот на Роки Балбоа во филмот „ Крид“.
4 Многу критичари и ден денес неможат да си објаснат како можеше Оскарот за најдобар филм во 2006 година да го добие драмата „ Фатална несреќа“ а не геј драмата „ Планината Броубек“.
Дури и режисерот на филмот „ Фатална несреќа“ , Пол Хеџис признава дека тоа можеби не бил вистинскиот избор, велејќи во едно интервју во 2015 година: “Дали тоа беше најдобриот филм на годината? Не мислам така”…
5. Во 1969 година, имаше две победнички во категоријата за најдобра актерка,што ретко се случува во историјата на Оскарите. Таа година со Оскар се закитија : Барбра Стрејсенд за улогата во мјузиклот „ Смешна девојка “ и Кетрин Хепберн за улогата во во костимираната драма”Зимата на еден лав”. Овој Оскар за Хепберн беше третиот во нејзината кариера (својот четврти Оскар ќе го заработи за филмот „ Летниковец“) . Хепберн, инаку позната по тоа што ги одбегнувала церемониите на доделувањето на наградите Оскар, и таа година не се појавила на сцената за да ја прими наградата.
Тоа го направила само Барбра Стрејсенд во улогата на единствен победник која го прочитала својот говор на благодарност. Нејзиниот настап на сцената останал запаметен и по прозирната облека во вид на пижама која ја носела на себе.
6. Многу критичари сметаат дека Кејт Бланшет ја дала својата најдобра улога во ликот на кралицата Елизабета I во филмот „Елизабет“. Но, во таа 1999 година Оскарот за најдобра женска улога го освои актерката Гвинет Палтроу за нејзиниот настап во во костимираната комедија „Вљубениот Шекспир“.Компанијата која го произведе филмот водеше рекламна кампања која тврдеше дека Палтроу одиграла повеќе улоги во оваа комедијата, бидејќи нејзиниот лик бил актерка која се маскирала како маж за да може да се појави на сцената. Дали гласачите поверувале во тоа или во прашање било нешто друго , ќе остане неоткриена тајна.
7. Во истата та 1999 година филмот „ Вљубениот Шекспир“ во категоријата најдобар филм го победи големиот фаворит во оваа категорија, воениот спектакл„ Спсувањето на војникот Рајан “ на режисерот Стивен Спилберг.
Филмот на Спилберг, кој многумина го сметаат за еден од најдобрите воени филмови на сите времиња, корисниците на филмскиот портал IMDb го рангираа на 30. место на листата од 250 најдобри филмови на сите времиња. На таа листа го нема филмот „Вљубениот Шекспир“.
8.Во долгата историја на наградата Оскар вообичаено е , филмот што го ќе го освои Оскарот за најдобар режисер исто така да го освои и Оскарот за најдобар филм. Така, кога Ворен Бити во 1982 година го освоил оскарот за најдобар режисер, сите претпоставувале дека неговиот филм “Црвените” исто така ќе победи. Но , само неколку минути подоцна, сите биле шокирани кога британскиот спортски филм „Огнени кочии“бил прогласен за најдобар филм во таа 1982 година.
9. Во 1994 година, за најдобра споредна женска улога беа номинирани квартет на познати актерки: Рози Перез (за филмот „Бестрашен„), Винона Рајдер (за „Ерата на невиноста“), Ема Томпсон (за филмот„Во името на таткото“) и Холи Хантер (за филмот „Фирмата“). Вистински шок предизвика одлуката Оскарот во оваа категорија да и припадне на 11-годишната Ана Пакин која ги победи сите нив за нејзината улога во филмот „ Пијано“
10. Многу филмски критичари сметаат дека филмот „Граѓанин Кејн“ е најдобриот филм на сите времиња. Корисниците на IMDb го рангираа на местото број 66 на листата на Топ 250најдобри филмови. Оскаровските гласачи од 1942 година не се согласуваат со ова.Тие тогаш гласаа за велшката рударска драма„ Како зелена беше мојата долина“ во категоријата за најдобар филм. Иновативната драма на Орсон Велс освои оскар само за најдобро оригинално сценарио иако имал номинации во дури девет категории.
Пишува: Ѓоко Симјаноски. Публицитет.мк