Дванаесеттиот Римски филмски фестивал ќе започне во четврток на 26 октомври а ќе трае до до 5 ноември 2017 година во аудиториумот Parco della Musica и во други локации низ градот Рим.
Годинешниот фестивал на љубителите на филмот им нуди богата разновидна програма со која фестивалот ќе продолжи на истата линија како и во изминатите две години кога новиот директор на фестивалот Антонио Монда фестивалот го направи ненатпреварувачки односно народен фестивал , голем празник на филмот посветен на директни разговори на гледачите со авторите на филмовите. Во таа насока од пред две години не постои стручно жири кое ги оценува филмовите а единствена награда е онаа која ја доделува публиката.
А на нејзиното височество – публиката, организаторите во главната програма оваа година им нудат 36 филмски остварувања од сите страни на светот.Освен тоа организаторите на љубителите на филмот им ги нудат и програмите :почит, ретроспективи, неколку мастер класи кои ќе ги одржат популарни авторски имиња, панел дискусии на кои филмофилите ќе имаат можност да разговараат со годинешните гости на фестивалот.
Филмската понуда од главната програма содржи 36 филмови кои веќе биле прикажани на некој од неодамна одржаните филмски фестивал но има и филмови кои премиерата ќе ја доживеат на овој фестивал.
Фестивалот , ќе биде отворен со прикажувањето на американскиот вестерн „Непријателства“ на режисерот Скот Купер во кој главните улоги ги толкуваат Кристијан Бејл и Розамунд Пајк. Дејствието на филмот се случува во 1892година кога легендарниот армиски капетан Џозеф Џ.
Блокер неволно се согласува да го придружува поглавицата на Чеените и неговото семејство на долгиот пат до нивната родна земја.Двајцата поранешни антагонисти се соочуваат со патување кое е вистинска одисеја: илјада милји марш од Форт Берингер, до Ново Мексико, во преријата на Монтана.Филмот веќе е прикажан на неколку фестивали меѓу другите и во Торонто.
Инаку, на фестивалот ќе бидат прикажани уште 12 американски филмови меѓу кои и три документарни филмови.Така , публиката ќе има можност да ги погледне најновите филмови на оскаровката Кетрин Бигелоу „ Детроит“, филмот на Дејвид Гордон Грин „Посилен“кој ја донесува вистинската приказна за Џеф Бауман кој го преживеа бомбашкиот напад на маратонот во Бостон во 2013 година а чиј лик го толкува Џејк Гиленхол, потоа воената драма „ Летот на последното знаме“ на режисерот Ричард Линлејтер кој говори за две генерации на американски војници кои учествувале во две различни војни во Виетнам и Ирак, и други како и документарните филмови за Боб Дилан насловен како „ Нема повеќе проблеми“ на режисерката Џенифер Лебо како и филмот кој се очекува да привлече големо внимание , насловен како „ Скоти и тајната историја на Холивуд„ на режисерот Мет Тарнауер кој говори за тајните на холивудската легенда Скоти Бауер- сексуален подводаџија во Холивуд.
Франција на фестивалот е застапена со шест филмови меѓу кои и филмот на режисерот Тиери Клифа со Кетрин Денев и Дајан Кругер во главните улоги и комедијата „ Ова е живот“ на режисерите Ерик Толедано и Оливер Накаш кои се прославија со прекрасниот филм „ Недопирливи “ како и документарниот филм кој говори за опреската дива Марија Калас насловен како „ Марија за Калас: Во нејзините сопствени зборови“на режисерот Том Волф.
На програмата на фестивалот се наоѓаат и филмови кои доаѓаат од Јапонија, Мексико, Полска, Чешка, Шпанија, Португалија, Бразил, Индија, Австрија, Германија, Англија…
Домаќинот , Италија е застапен само со два филма: најновиот филм на браќата Тавијани „ Приватно прашање“ и филмот на затворањето- комедијата „ Место“ на режисерот Паоло Џеновезе во кој настапуваат: Валерио Мастрандеа, Марко Галиани, Сабрина ферили и други.
Од останатите програми на фестивалот ќе ги споменеме и програмите: „Предпремиери“ во чии рамки ќе бидат прикажани четири италијански филмови од најновата продукција од кои два играни и два документарни од кои едниот посветен на писателот Алберто Моравија , насловен како „ Моравија офф“ на режисерот Лука Лансиче.
Мошне интересна е и програмата Ретроспектива во чии рамки ќе се прикажат 12 играни италијански филмови од различни периоди на мошне богатата италијанска кинематографија под заеднички наслов „ Италијанско училиште“подготвена од Марио Сести. Со оваа ретроспектива на некој начин им се одава почест на најголемите италијански режисери но и на вештините на техничарите и занаетчиите, кинематограферите и уредниците, сценограферите и костимографите, дизајнерите, актерите и сите оние кои ја направија историјата на италијанскиот филм.Публиката во рамките на оваа програма ќе можат де се посетат а помладата генерација и да се запознае со делата на Лукино, Висконти, Пјер Паоло Пазолини, Роберто Роселини, Виторио де Сика, Елио Петри, Франческо Рози, Федерико Фелини…
Тука е и програмата „ Реставрација и почест“ која е направена во соработка со институтот „ Светлина„ , студиото „ Чинечита“ и Центарот за експериментална кинематографија. Во програмата ќе бидат преставени четири италјански филмови чии копии се реставрирани со примена на најнова технологија.Се работи за филмовите
„ Сако и Ванцети“ на режисерот Џулијано Монталдо, „ Дилинџер е мртов “ на режисерот Марко Ферари ,комедијата „ Тото во мизерија“ на Марио Матоли и „ Пудра од талк“ на Карло Вердоне.
Програмата „ Филмови на нашиот живот “ донесува седум познати љубовно музички филмови од разни продукции од постар датум по избор на .уметничкиот директор Антонио Монда и членовите на комисијата за избор – Марио Сести (уметнички координатор), Ричард Пења, Џована Фулви, Алберто Креспи, Франческо Зипел, Валерио Карочи. Секој член на комисијата кои го направиле овој избор ќе го сподели филмот што го сакал со публиката, во отворена дискусија со автори, актери и гости.
.
И на годинешниот фестивал во Рим публиката до 5 ноември ќе биде во можност да другарува и да разговара со поголем број на познати гости од светот на филмот . Така оваа фодина на фестивалот ќе присуствуваат : култниот режисер Дејвид Линч кој повторно е мошне актуелен со новото продолжение на тв серија „ Твин Пикс“,со младиот канадски режисер Ксавиер Долан ,инаку миленик на Канскиот филмски фестивал, со познатиот италијански актер, шоумен и водител Росарио Фиорело, со американскиот актер Џејк Гиленхол, со англискиот актер Сер Иан МекКелен, познатиот италијански режисер и актер Нани Морети, композиторот и диригентот Мајкл Њуел, писателот Чак Планик познат по романот „ Боречки клуб“, познатиот италијански комичар Џиџи Проети, познатата актерка и во поново време и режисерка Ванеса Редгрејв и познатиот австриски актер Кристов Волц.
Се’ на се’ годинешното 12 издание на овој фестивал повторно нуди извонредна програма и настани во кои публиката ќе биде вистински соучесник а не само пасивен гледач, што од друга страна ваквата концепција наидува на се’ поголемо разбирање и симпатии кај вистинските љубители на седмата уметност.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк