Годинешното јубилејно издание ,15 по ред,на филмскиот фестивал во Рим беше одржано во периодот помеѓу 15 и 25 октомври.Фестивалот се одржа во Аудиториумот Парко де ла музика но и на неколку други локации како и дел во вид на виртуелна програма во духот на придржување и примена на протоколите при одржување на вакви манифестации во времето на пандемијата од вирусот Ковид – 19.Во градежниот комплекс освен проекциите на предвидените филмови беа одржани и изложби, настапи на славни личности, дебати, конференции и панели, додека пространата авенија пред комплексот од 1300 квадратни метри и оваа година беше еден од најголемите црвени теписи во светот по кој прошетаа голем број на гости.
Како и на светски познатиот кино фестивал во Венеција кој се одржа изминатиот месец, термичките скенери ја мереа температурaта на публиката пред вратите на кино салите носењето маска беше задолжително а во кино салите беше дозволен редуциран број на гледачи.
„Безбедноста на секого има предност пред сè друго“, рекол директорот на фестивалот Антонио Монда во интервју за „ Ил Месаџеро “пред започнувањето на фестивалот.
Оваа година официјалната селекција ја сочинуваа 24 играни и документарни филмови од сите страни на светот:САД, Франција, Велика Британија, Јапонија, Данска, Италија, Австрија, Германија, Холандија, Мексико, Шпанија, Латвија, Литванија, Перу, Колумбија, Белгија, Ирска и Шведска.
Фестивалот беше отворен со компјутерски анимираниот филм „ Душа “на компанијата „Пиксар“ на режисерот Пит Доктор кому му беше доделена награда за животно дело.Филмот ја раскажува приказната за еден наставник по музичко образование чија душа се дели од телото .Премиерата на филмот беше неколкупати одложувана за конечно да биде одржана на филмскио фестивал во Лондон. Треба да се спомене и тоа дека филмот нема да се прикажува на редовниот кино репертоар туку ќе оди директно на стриминг платформата на компанијата „Дизни“ од 25 декември. Накнадно ќе бидат објавени термините за неговото прикажување во кино салите во земјите каде не е достапна платформата на Дизни.
На церемонијата на отворањето присуствуваше италијанскиот министер за култура Дарио Франческини и италијанските актери кои им го позајмуваа гласот на ликовите во филмот „Душа “.
Еден од најочекуваните филмови во Рим беше документарецот „ Се викам Франческо Тоти“кој е посветен на легендарниот фудбалер кој целата своја кариера ја помина во Рома.
Меѓу филмовите кои беа прикажани во главната програма беше и британскиот филм „Амонит“на режисерот Франсис Ли, кој беше прикажан на фестивалот во Венеција. Филмот говори за животот на британскиот палеентолог Мери Анинг, чиј лик го игра оскаровката Кејт Винслет, која влегува во романтична љубовна врска со Шарлот Мучисон , во интерпретација на Саоирсе Ронан.
Беа прикажани филмовите „Уште една тура“ на данскиот режисер Томас Винтерберг со Мадс Микелсен во главната улога и францускиот „ Лето ‘85“ на мошне продуктивниот режисер Франсоа Озон. И трите споменати филма беа дел од програмата на годинешниот Кански филмски фестивал кој не се одржа но филмовите од неговата програма можеа да бидат дел од програмите на повеќе европски филмски фестивали кои се одржуваат оваа есен.
На фестивалот беа прикажани и неколку италијански филмови од најновата продукција а меѓу нив и филмот „ Фортуна“ на режисерот Николанџело Џелорнини со Валерија Голино и Пина Турко во главните улоги.Дел од званичната програма на фестивалот беше и германскиот филм „Дом“ кој преставува режисерско деби на познатата актерка Франка Потенте во кој настапуваат Кети Бејтс и Џејк Меклафин . Беа прикажани и филмовите „Заборавени“ на шпанскиот режисер Фернандо Труеба како и филмовите „ Мангрова“ на режисерот Стив Меквин(кој присуствуваше на фестивалоти кој беше награден со наградата за животно дело) и „ Супернова“ во кој настапуваат актерите Колин Фирт и Стенли Тучи.
Од званичната програма ќе го одбележиме и космичкиот документарец „ Огнена топка:Посетители од потемнетите светови„ на режисерите Вернер Херцог и Клајв Опенхајмер кој беше достапен само на дигиталната платформа на фестивалот.
За време на фестивалот беа прикажани и првите две епизоди од ТВ серија „ Ромулус“ на режисерот Матео Ровер која говори за потеклото на легендата за создавањето на Рим.Треба да се спомене и филмот „Ѕвездената прашина“на режисерот Габриел Ренџ, кој ја доловува пресвртната точка во кариерата на Дејвид Боуви, преставувајќи го Дејвид пред да стане Боуви , една од најголемите личности во историјата на популарната музика.
Во програмскиот дел именуван како „Сите зборуваат за нив“ беа прикажани пет најуспешни филмови од меѓународна продукција меѓу нив и филмот „Курир“ на режисерот Доминик Кук кој говори за британскиот шпион за време на студената војна Гревил Вин и неговиот руски извор кои се обиделе да стават крај на кубанската ракетна криза.
Главната улога во филмот ја толкува Бенедикт Камбербач.
Во програмата „Посвета на италијанското кино“ како и во изминатата и оваа година беа прикажани шест филма меѓу кои и филмовите „ Алида“ на режисерот Мимо Вердеска кој преставува почит кон актерката Алида Вали. Посебна почит му беше оддадена на режисерот Федерико Фелини по повод 100те години од неговото раѓање.За таа цел беа прикажани два филма за животот на Фелини:„Фелинополис “ во режија на Силвија Џулиети и „ Ла Фелинема“ во режија на Франческа Фабри Фелини.
Оваа година ретроспективата беше посветена на индискиот филмски режисер Сатјатит Реј кој се смета за еден од најголемите филмаџии во историјата на кинематографијата.
Годинешната програмска целина именувана како „Филмови од нашите животи“беше посветена на научната фантастика. Пред секоја проекција на филмовите гледачите имаа можност да гледаат кратки клипови од најпознатите филмови од научна фантастика. Во програмата беа прикажани седум филмови од овој жанр а меѓу нив беа прикажани и филмовите :„Војна на ѕвездите:Епизода 4- Нова надеж“ како и „Блиски средби од трет вид“.
Посебна посвета фестивалот му оддаде на италијанскиот композитор Енио Мориконе кој почина во јули оваа година, со емитување на неговата музика во просториите каде се одржуваше фестивалот.
Фестивалот заврши на 25. Октомври со прикажувањето на италијанскиот филм „ Што ќе биде“ во режија на Франческо Бруни. Филмот говори за Бруно Салвати, кому животот му се чини дека е во ќорсокак се’ додека еден ден не открие дека има рак.
И сосема за крајот информацијата за тоа кој е победник на годинешниот фестивал. Како што е познато од пред пет години победникот го бира публиката. Нема стручно жири нема други награди освен единствената за најдобар филм.
Оваа година публиката од понудените 24 филма од натпреварувачката програма за најдобар го избра францускиот филм „ Лето ’85 “ на режисерот Франсоа Озон
Филмот е темелен врз романот „ Танц на мојот гроб“ од Ајдан Чембрес и гвори за шеснаесет годишниот Алексис кој во летото во 1985 година кога бил на летување во Нормандија од давење го спасува осумнаесетгодишниот Давид.За Алексис овој чин бил причина и да добие пријател за кој одсекогаш сонувал да го има.Но, дали овој сон ќе се оствари и ќе трае повеќе од едно лето?
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Феликс Лефевр,Бенџамин Возаин,Валерија Бруни Тедески, Изабел Нанти и други.
На годинешниот фестивал по црвениот тепих поминаа голем број на актери и режисери претежно од Италија, што беше очекувано заради актуелната ситуација со корона вирусот.Но и покрај се’ на фестивалот како гости дојдоа Мадс Микелсен, режисеот Стив Меквин,француската актерка Изабел Ипер, францускиот режисер Франсоа Озон, американскиот актер и режисер Џон Вотерс, режисерот Томас Винтерберг, режисерот Фернандо Труеба и други.
Пишува: Ѓ око Симјаноски, Публицитет.мк