Од утре 9. ноември па во наредните 10 дена , до 19 ноември 2017 година, во организација на Младинскиот културен центар ќе се одржи шеснаесеттото издание на МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ НА ЕВРОПСКИ ФИЛМ – СИНЕДЕЈС, кој и оваа година како и сите претходни, ќе се обиде да го задоволи изградениот вкус на својата многубројна и верна публика…
Годинешниот СИНЕДЕЈС нуди филмови што „гравитираат“ во неколку веќе познати програмски целини: Официјална селекција,Сине Балкан, Гала програма, Музички документарци, Шведски филмови, МК-Кратки филмови, СИНЕДЕЈС+, Студентска програма, Детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани.
ГАЛА програмата и оваа година изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… Од вкупно 20 филмови во ГАЛА програмата, љубителите на европскиот филм ќе можат да ги погледнат „Среќен крај“ на Мајкл Ханеке, „Од никаде“ на Фатих Акин, „24 кадри“ од Абас Киаростами (воедно и неговиот последен филм), „Убиството на светиот елен“ од Јоргос Лантимос, „Двојниот љубовник“ на Франсоа Озон и „Мојот Годар“ на Мајкл Хазанавициус, кои се дел и од специјалната програма „Француски прозорец кон светот“ во соработка со Францускиот културен центар во Скопје, „Мајка“ на Дарен Аронофски, „Субурбикон“ на Џорџ Клуни, „Другата страна на надежта“ од Аки Каурисмаки, документарниот филм „Гледај и чуди сe: Соништа за поврзан свет“ од Вернер Херцог, и многу други наслови, кои буквално ги ‘собраа’ сите европски и светски филмски награди.
Поголемиот дел од избраните филмови преставуваат таканаречени „ Фестивалски филмови“ кои одат од еден на друг филмски фестивал патувајќи низ светот и ретко кој од нив може да се види на редовниот кино репертоар што ги прави особени за вистинските љубители на седмата уметност.
Фестивалот започнува утре со проекцијата на филмот „ Квадратот“на режисерот Рубен Оустлуд, добитникот на Златна палма на годинешниот Кански филмски фестивал. Организаторите на фестивалот посебно ја издвојуваат премиерата на филмот „Пченица“на култниот турски режисер Семи Капланоглу, кој воедно ќе биде и почесен гостин на фестивалот за премиерата, но и како Претседател на жирито во Официјалната селекција.
Организаторите се особено горди и на тоа што на годинешниот фестивал ќе биде одржана и долгоочекуваната македонска премиера на филмот „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, чија интернационална премера е во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Солун, а е и дел од натпреварувачката програма на еден од најпрестижните европски фестивали Tallinn Black Nights.Со премиерното прикажување на овој филм на 19. Ноември ќе биде затворен годинешниот фестивал.
ОФИЦИЈАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА и програмата СИНЕ БАЛКАН, традиционално се по изборот на Бернд Будер, кој и оваа година нуди извонредна селекција на филмови.
Публиката во оваа селекција ќе може да ги види филмовите:турскиот „ Сина тишина„ на Булент Озтурк, албанскиот „ Зора“на режисерот Џентиан Кочи, хрватскиот „Трамполина„ на режисерката Катарина Зринка Матијевиќ , Косовскиот „ Непожелен“ на Едон Ризваноли , српскиот „ Ветер“ на Тамара Дракулиќ и босанскиот „ Жаба“ на режисерот Елмир Јукиќ.
По завршувањето на филмските проекции од овие две програмски целини, ќе следат Q&A сесии на кои публиката ќе има можност да разговара со режисери, продуценти, директори на фотографија, актери, кои ќе бидат гости на овогодишното издание на фестивалот СИНЕДЕЈС – пракса, во која со години организаторите на фестивалот се обидуваат да ја доближат филмската уметност поблиску до публиката.
Во рамките на ОФИЦИЈАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА ќе може да се погледнат осум филмови Плоштад Америка– режија: Јанис Сакаридис
Бодкин Рас – режија: Кавех Модири
Срце од камен – режија : Гудмундур Арнан Гудмундсон
Свет воздух – режија:Шеди Срур
Надвор – режија: Гјорги Кристоф
Родители – режија :Кристијан Тафдурп
Техеран Табу – режија:Али Созандех и
Горскиот принц – режија :Куба Чекај
Особено е важно да се истакне и заложбата на фестивалот, сериозно да придонесе кон развојот на европскиот филм во домашни и светски рамки, со што се одвојува специјален фонд за награди од 300.000 денари за Најдобриот филм во Официјалната селекција и 300.000 денари за Најдобриот филм во селекцијата СинеБалкан.
Секоја година, организаторите нудат содржајна програма од МУЗИЧКИ ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ и неверојатна понуда на КОНЦЕРТИ, сѐ со цел фестивалскиот ден да се заокружи на најдостоинствен начин. Филмската селекција ја сочинуваат девет филмови, кои ќе ги задоволат и најпрефинетите вкусови на филмските, но и музичките сладокусци.
Mузичката програма пак, се состои од 10 концерти во 10 фестивалски дена и тоа со настап на познати артисти, локални и интернационални.
Во соработка со Шведската амбасада во Скопје – воедно и во активистичкиот дух на фестивалот – ќе биде реализирана и филмска програма, најновите остварувања од Шведската кинематографија, преку популарната програма ЗЕМЈА ВО ФОКУС.
ПРИДРУЖНАТА ПРОГРАМА, во која секоја година се прават максимални напори да се донесат експерти од филмската област, кои имаат за задача своите видувања, експертизи и познавања да ги пренесат кон студентите, но и заинтересираните домашни филмски професионалци.
Жирито во Официјалната селекција, покрај турскиот режисер Семи Капланоглу, го сочинуваат и руската продуцентка и членка на Европската филмска академија и Националната академија и преседател на Kinoglaz, Евгенија Тирдатова како и младата грчка продуцентка Марина Драндаки, членка на EAVE, додека членови на жирито на селекцијата СИНЕБАЛКАН се Ник Џелилај, млад и наградуван актер од Албанија, новинарката и филмски критичар Павлина Желева, бугарски претставник во одборите на Eurimage и FIPRESCI, како и главен кореспондент за Film New Europe и актерот Велибор Топиќ, меѓународно познат актер од Босна, кој глуми во повеќе од 65 филмски остварувања, меѓу кои филмови на Гај Ричи, Том Хупер, Метју Вон, Ентони Мингела и три филма на Ридли Скот.
Новина е и програмата кратко наречена СИНЕДЕЈС +, во која ќе бидат одржани специјални проекции на: биографскиот филм за уметноста на Дејвид Линч, „Дејвид Линч: Животот на еден уметник“, кој со проекција ќе оди пред концертот на Криста Бел, неговата муза и актерка во серијата „Твин Пикс“, филмот „Фадо“, кој со специјална проекција ќе оди симултано на два фестивали – СИНЕДЕЈС и филмскиот фестивал во Тирана, рускиот филм „Хармс“ во кој учество зазема и македонскиот продуцент Сашо Павловски со гости од филмот, филмот „Насоки“ во режија на бугарскиот режисер Стефан Командарев, каде што исто така, учество зема и македонскиот продуцент Владимир Атанасов, документарниот филм за фудбалската легенда „Пеле: Раѓањето на една ѕвезда“ и филмот „Словенија, Австралија и утре целиот свет“, во режија на словенечкиот режисер Марко Набершник, каде што свое копродукциско учество има и македонскиот продуцент Роберт Насков.
Во рамките на СТУДЕНТСКАТА ПРОГРАМА, ќе бидат прикажани повеќе од 50 студентски филмови од регионалните филмски академии, каде што жирито составено од македонската актерка Наташа Петровиќ, режисерката Марија Апчевска и кураторот на меѓународниот фестивал на кратки филмови „2Annas“, Лајма Граждановича, ќе одлучат за најдобриот студентски филм и награда од симболични 30.000 денари.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк