Беше 15 мај – среда , пред точно 30 години познатиот охридски уметник Славко Упевче тогаш свечено ги отвори вратите на своето ново ателје и галерија кои станаа едно од ретките култни места за уметниците и вљубениците во уметноста во градот.
Тој ден, една од моите работни задачи во Радио Охрид ( кое патем некако се поклопи и истиот ден ја почна својата проширена програма наречена од 9 до 19) беше да направам интервју со Упевче во живо од неговата галерија каде тој креативно и претходно неофицијално но оттогаш официјално и сите овие години ја има како свое уметничко засолниште.
Се сеќавам на врвулицата од луѓе, половина час уште пред закажаното свечено отворање, возбудата растеше од миг во миг. Интервјуто го реализиравме преку фиксен телефон ( мобилни немаше ) и знам со чашка вино во раката му посакав среќа во творечкиот занес и многу инспирација.
Со Славко и Никола потоа се нижеа интервјуа по разни и убави поводи и јубилеји, но овој некако ми е посебно врежан во моите сеќавања.
Ете и денеска, не преку Радио Охрид ( кое згасна ) туку преку мојот Публицитет.мк со многу возбуда му посакувам уште плодни децении и заедничка творечка енергија нему и на неговиот син Никола Упевче , академски сликар, реставратор и конзерватор.
ХАМЕРОТ СО ПОТПИСИТЕ НА ДЕЛ ОД ПРВИТЕ ПОСЕТИТЕЛИ НА ДЕНОТ НА ОТВОРАЊЕТО , ПРЕД ТРИ ДЕЦЕНИИ
Охрид е нивната вечна инспирација заедно со Варош, Езерото и Чинарот. Не случано токму Чинарот е симбол на Охрид со векови исто како и нивните слики и мозаици на кои сум сигурен ќе им се восхитуваат и генерациите кои ќе дојдат после нас.
Само да потсетам:
Уметничкото ателје и галерија „Упевче“ е се’ уште во старата семејна куќа на Упевчевци.
Во галеријата се организирани неколку независни самостојни изложби на: Златка Пентова, академска сликарка од Софија, Бугарија; од Јасмина Томовска, академски сликар од Скопје; од Предраг Урошевиќ, академски сликар од Скопје, сликарот Драган Ристески од Охрид и други автори.
Драги пријатели и УМЕТНИЦИ Ви честиттам за љубовта со која го воздигате Охрид и уметноста!
м-р Милчо Јованоски, Публицитет.мк