Вечерва во Битола со македонската премиера на филмот„ Ослободување на Скопје“ на режисерите Данило и Раде Шербрџија , кој преставува еден од 14 филмови од годинешната натпреварувачка програма , започнува 37 издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „ Браќа Манаки“.Овој филм во кој главните улоги ги толкуваат :Раде Шербеџија, Силвија Стојановска, детето Давид Тодосовски, Луција Шербеџија, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски и Мико Хоусианен ,беше прикажан на годинешниот Пулски филмски фестивал како и на меѓународниот филмски фестивал во Сарајево. На свеченото отворање на фестивалот во Битола се очекува на присутната публика во Домот на културата да и се поклони поголемиот дел од актерската и останата екипа што го создаде овој филм кој доби позитивни критики од страна на публиката и критиката на двата споменати фестивали.
На свеченото отворање на славниот австралиски кинематографер Џон Сил ќе му биде врачена наградата за животно дело „ Златна Камера 300“ со што тој ќе се вброи во Клубот на великаните на на филмската камера „ Браќа Манаки“, оваа година заедно со холандскиот кинематографер Роби Милер.Ним им се придржува и помладиот Федон Папамихаил кој ја добива Специјалната Камера 300. Четвртиот лауреат е неодоливиот светски прославен продуцент Сајмон Пери, творецот на „Пред дождот” како најдобар македонски филм на сите времиња и откривачот на талентот на Милчо Манчевски.
Публиката ќе може да види 14 врвни кинематограферски остварувања во конкуренција за наградите „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена камера 300“, кои директорот на фестивалот, Благоја Куновски-Доре, ги селектирал главно од фестивалите во Кан, Берлин и Венеција, а ќе биде прикажан и по еден филм од фестивалите во Карлови Вари, Ротердам и Гетеборг.
Интернационалното жири ќе го предводи американскиот кинематографер и режисер Федон Папамихаил. Другите членови на жирото се: Клер Пијман, кинематограферка од Холандија, Алин Ташчијан, филмска критичарка и претседателка на Меѓународната асоцијација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, Ѓокан Тирјаки, кинематографер од Турција и Владимир Самоиловски, кинематографер од Македонија.
Во главната конкуренција покрај филмот на отворањето „ ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ“ чиј кинематографер е Дејан Димески , по наградите ќе се натпреваруваат уште и филмовите:
СИЕРАНЕВАДА на режисерот Кристи Пуиу чиј кинематографрер е Барбу Баласооиу
БЕСКРАЈНА ПОЕЗИЈА на режисерот Алејандро Јодоровски , кинематографер Кристофер Дојл,
ПАТРИЈАРХОТ во режија на Ли Тамахори, кинематограферГину Луане,
БЕНГ, БЕНГ ( МОДЕРНА ЉУБОВНА ПРИКАЗНА) во режија на Ева Хусон , кинематографер Матиас Троелструп
ТАНЧАРКАТА во режија на Стефани Ди Гуесто, кинематографер Беноа Деби,
ДИПЛОМИРАЊЕ , во режија на Кристијан Мунџиу, кинематографер Тудор Владимир Пандуру,
КАКО ЛУДИ , во режија на Паоло Вирзи, кинематографер Владимир Радовиќ,
ЈАС СУМ НЕРО , во режија на Рафи Питс, кинематографер Кристос Кара Манис,
НЕОНСКИ ДЕМОН , во режија на Николас Виндинг Рефн, кинематографер Наташа Браиер,
ТОНИ ЕРДМАН , во режија на Марен Аде, кинематографер Патрич Орт,
СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ НА ЉУБОВТА , во режија на Томаш Василевски , киноматографер Олег Муту,
НЕСРЕЌНИОТ ДЕН ВО ЖИВОТОТ НА ОЛИ МАКИ , во режија на Јухо Коусманен , кинематографер Џи Пи Паси и
БЕЛЏИКА во режија на Феликс Ван Гроенинген , кинематографер Рубен Импенс.
Годинешниот фестивал ќе се одржува под мотото „Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола“. Предвидени се десет различни филмски програми, а ќе бидат прикажани 150 филмови од 50 земји во светот.
Во Документарната програма, публиката на фестивалот ќе види десет филмови од најновата светска продукција. „Сите десет документарни наслови го содржат режисерскиот концепт на ангажираност кој антиципира присутност на актуелниот момент во постоењето на акцијата и немирот на протагонистите“, вели Гена Теодосиевска, селектор и уметнички директор на фестивалот.
Во програмата „Мак поинт“ и годинава ќе бидат претставени поновите остварувања на филмските автори од Македонија, со кратки играни и документарни филмови и еден целовечерен игран филм. Годинава филмска земја во фокусот е Турција, а во фестивалската програма се вклучува и Кинотеката на Македонија со програмата „45 години македонски анимиран филм“.
Организаторите на „Браќа Манаки“ најавија и прикажување на најдобрите остварувања од последната едиција на Филмскиот фестивал „Golden Apricot“, кој се одржува во Ереван, Ерменија, како и филмови од Студентската програма и од Детската програма, придружена со изненадувања како поттик за развој на детската креативност.
Годинешново издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ја доби поддршката од програмата „Медиа“ од „Креативна Европа“ на Европската комисија. Инаку оваа за првпат добиена финансиска поддршка во висина од 40 илјади евра од „Медиа“ е главно наменета за фестивалската програма „Перспективи на европскиот филм“ на која ќе се прикажат вкупно 30 наслови.
Со оваа нова/стара програма фактички ја потврдуваме нашата доследна ориентација и неизбежна свртеност кон европскиот филм, како богатство од културно-уметнички, јазичко-креативни различности, во единечните кинематографски искуства, но обединети во географската припадност на општиот феномен на европски филм, чии презентни искуства и перспективи ќе ги потврдуваме и истражуваме. Притоа, како ком- плементарна програма на Главната компетиција, во оваа програма ќе го негуваме рамноправниот однос и свртеност кон сите генерации на филмски творци од разни профили, но ќе им даваме мала предност и поддршка на помладите синеасти: сценаристи, режисери, кинематографери, актери, кои ќе го афирмираат покажаниот и докажан талент на секој од нив во креирањето на заедничкото филмско дело. Изборот за разновидни филмови од богатиот европски кинематографски простор се, како и секогаш, бројните европски фестивали од каде што со нашето присуство и соработка, оптимално се создаваат услови за поголем увид и побогат избор на најквалитетните филмски дела. Се разбира, притоа ќе развиваме и паралелни можности за поканување на повеќе млади синеасти, а не е далеку и идејата, во рамките на оваа програма и да конституираме и жири на интернационалната кри- тика, паралелно и со жири на публиката. Во годинешниот избор од 30 филмови, нудиме богат и разновиден увид во она што е најкарактеристично и најинтересно од аспект на тематско-содржинските и креативните аспекти на е европскиот современ филм од најновата продукција.-велат за оваа мошне интересна програма организаторите на годинешниот фестивал во Битола.
На фестивалот, меѓу другото, ќе се одржат дури три мастер-класи на врвни светски имиња од кинематографијата, меѓу кои е и оскаровецот Алан Старски, потоа изложба посветена на Роби Милер, а ќе се одржи и конференцијата на ИМАГО, на која ќе пристигнат повеќе од 55 учесници. Планирани се и други придружни содржини.
Директорот на фестивалот Благоја Куноски Доре, на една од пресконференциите откри дека најмалку седуммина од кинематограферите од главната програма ќе бидат гости во Битола.
Фестивалот ќе биде затворен на 17.септември , со премиерата на новиот македонски игран филм „Златната петорка“, кој ќе биде прикажан надвор од конкуренција. Станува збор за историско-современа интерполирана морална драма, во режија на Горан Тренчовски, во која искусниот кинематографер Апостол Трпевски адекватно оптимално ја оформува визуелната атмосфера.
Интересно е да се спомене дека филмот на Горан Тренчовски на 29 септември ќе ја има својата светска премиера во официјалната програма на интернационалниот филмски фестивал „ Реинденс “кога ќе биде прикажан во познатото кино „Вју“ во центарот на Лондон.СЕ работи за најголемиот британски фестивал за независен филмчиј основач е Елиот Гроув а е под покровителство на Тери Гилијам , Мајкл Винтерботом и други познати автори.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк