Владата на Република Северна Македонија на денешната 45-та седница донесе одлуки поврзани со справувањето со коронавирусот кои важат од утре, четврток, 23-ти април, а се однесуваат на намалување рестрикциите на движењето и на зголемување за заштитата на граѓаните.
Согласно овие одлуки, секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење од понеделник до петок во целата држава ќе почнува во 19:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро.
За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05:00 часот наутро до 12:00 на пладне.
Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.
Со новите одлуки се намалува и ограничувањето на движење за време на викендите. Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро.
Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот наутро, а младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.
На оваа своја седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето на коронавирусот и за заштита на населението за време на вонредна состојба.
Уредбата определува дека секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
Под лична заштитна опрема се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).
По исклучок, секој граѓанин, може да не ја носи личната заштитна опрема на лицето, само ако:
– носи посебна лична заштитна опрема на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи,
– престојува во двор на станбена семејна куќа,
– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,
– патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.
Уредбата исто така утврдува дека сите граѓани на територијата на Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја обавуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштитна опрема на нос и уста од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема.
Денеска е донесена и Уредба со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус КОВИД-19.
Според оваа уредба, сите домашни и странски физички лица, симптоматски и асимптоматски, на кои им е извршено тестирање за присуство на коронавирус КОВИД-19 во нивниот организам, се ставаат во задолжителна самоизолација и тоа од моментот на земањето на материјалот за тестирање (брис од уста, брис од грло, брис од нос, крв и слично), сé до добивањето на негативен резултат.
Уредбата утврдува дека доколку земањето на материјал за тестирање е извршено вон домот, односно местото на потенцијална самоизолација на физичкото лице кое се тестира, лицето има обврска без одлагање во најкус можен рок и на најбрз начин, да се упати во самоизолација при што треба да ги намали, односно сведе на минимум попатните контакти со други лица, се до пристигнување на местото на самоизолација.
Со уредбата се определува дека самоизолацијата трае до добивање на негативен резултат од тестирањето.
Самоизолацијата се спроведува во домот на лицето или во стан или куќа каде што истото може целосно да биде изолирано од лицата со кои живее (викенд куќа, стан во кој што не живее и слично).
За времетраење на самоизолацијата, лицето во самоизолација не смее воопшто да излегува, треба да ги сведе на апсолутен минимум контактите со лицата со кои што живее (ако не може целосно да се одвои) и треба да ги почитува препораките на Министерството за здравство во врска со самоизолација.
Самоизолацијата може да премине во домашна изолација врз основа на Решение за здравствен надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно протоколите за намалување на внесот, ширењето и справувањето со коронавирусот КОВИД-19.
На оваа седница Владата донесе Уредба за примена на законот за трговија за време на вонредна состојба. Со оваа Уредба, во листата трговски објекти се додава зборот “дуќани” и се утврдува дека во објектите во кои се врши трговија на мало, истовремено може да пазаруваат најмногу по едно лице на површина од секои 20 метри квадратни, а во објектите со површина помала од 20 метри квадратни може да пазарува само едно лице.
Со Уредбата се определува дека трговецот е должен да обезбеди заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените лица во објектот, а вработените лица се должни заштитната опрема да ја носат постојано во текот на работното време.
Владата денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за поштенските услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека за поставување ред и дисциплина при влез, во внатрешноста и при излез од капацитетите и објектите во кои се даваат поштенски услуги, за време на траење на вонредната состојба, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
Согласно оваа уредба, давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат редарска служба при влезот, во внатрешноста и при излезот на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и задолжително носење на заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот на корисникот на поштенската услуга кој влегува во објектот.
Давателите на поштенски услуги се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците на поштенските услуги пред и внатре во објектот. Ознаките се поставуваат на растојание од најмалку два метри и тоа: пред секој пункт/шалтер на кои граѓаните пристапуваат за вршење поштенска услуга, како и пред влезот на објектот.
Уредбата ги задолжува давателите на поштенски услуги најмалку еднаш неделно да вршат превентивна дезинфекција во објектите во кои се даваат поштенски услуги.
На денешната седница е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за банките за време на вонредна состојба со која се утврдува дека за поставување ред и дисциплина при влез во и излез од внатрешноста на деловните единици или простории на банките и штедилниците во кои се примаат клиенти, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба.
Според оваа уредба банките и штедилниците се должни да обезбедат редарска служба при влезот во и при излезот од објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и да не дозволи влез во објектот на лица кои не носат заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот .
Банките и штедилниците се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците пред и внатре во објектот на растојание од најмалку два метра и тоа пред секој шалтер на кој корисниците пристапуваат за вршење финансиски услуги, како и во дијаметар од 10 метри пред влезот на објектот.
Согласно оваа уредба банките и штедилниците се должни на вработените лица кои работат во објектите или имаат контакт со клиенти да им обезбедат заштитна опрема (ракавици и маски) кои се должни да ги носат во текот на целото работно време.
Уредбата определува дека во банките и штедилниците во исто време, заедно со вработените, не смее да има:
– повеќе од 5 лица во просторија до 50 квадратни метри;
– повеќе од 10 лица во просторија од 50 до 100 квадратни метри;
– повеќе од 15 лица во просторија од 100 до 200 квадратни метри и
– повеќе од 20 лица во просторија над 200 квадратни метри.
На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за намалување на наградниот фонд на наградната игра „Мој ДДВ, МојаНаграда“ и за уплата на средствата во Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.
Со заклучок на Владата му се препорачува на Акционерското друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија на Република Северна Македонија“ средствата во износ од 4.383.410,00 денари да ги уплати на донаторската сметка отворена во рамки на Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија наменета за донации од правни и физички лица за справување со КОВИД-19 епидемијата.
Владата ги задолжи Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Државна лотарија на Република Северна Македонија да склучат анекс на договорот за заедничко организирање на наградната игра „Мој ДДВ #МојаНаграда“ и ја задолжи Државна лотарија на Република Северна Македонија да ги измени Правилата за приредување на наградната игра „Мој ДДВ #МојаНаграда“ и да направи техничко прилагодување за реализација на одлуката.
Согласно Одлуката за измени и дополнувања на одлуката за ограничување на движењето, Владата денеска ја усвои Одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи на државната управа и се утврдува дека работното време во овие институции започнува помеѓу 07:30 и 08:30 часот и завршува помеѓу 15:30 и 16:30 часот, со вкупно времетраење на работниот ден од осум часа.
Извор:Влада на РСМ