Годинешното 48 . издание на меѓународниот филмски фестивал ФЕСТ кој секоја година кон крајот на февруари и во почетокот на март се одржува во Белград, заврши вчера на 8. март со доделување на наградите од главната програма и доделувањето на наградата Белградски победник за исклучителен придонес на филмската уметност на актерот Џон Малкович.
По добивањето на наградата Џон Малкович и’ се обрати на публиката со зборовите:„ Никогаш немам чувство дека сум заслужил признание бидејќи имав толку среќа во животот. Имав можност да работам со навистина извонредни луѓе, феноменални колеги, режисери,писатели, актери, беше тоа феноменално возење“
Годинешниот 48 по ред ФЕСТ се одржа во периодот помеѓу 28. Февруари и 8. март.Публиката имаше можност да види 96 премиерни филмови и да ужива во повеќе од 300 проекции во осум дворани во Белград.
Од оваа година фестивалот имаше натпреварувачка програма а за наградите се натпреваруваа 20 филмови од Србија и светот.
Премиерните филмови беа прикажувани во програмите: Главна натпреварувачка програма, Главна натпреварувачка надвор од конкуренција, Фокус ФЕСТ, Гала, Фест класик, Специјални проекции и ФЕСТ фокус надвор од конкуренција.
Фестивалската програма „Гала“на гледачите им ги понуди најновите филмови на Роман Полански, Атом Егојан, Клинт Иствуд, Џим Џармуш, Вуди Ален, Андреј Кончаловски…Меѓу филмовите кои беа прикажани во оваа програма се најдоа и неколку филмови кои конкурираа за наградата Оскар , како на пример: „ Корпс Кристи“ и „ ЈоЈо зајакот“.
Програмата „ Класика“ оваа година и беше посветена на неодамна починатата актерка Неда Арнериќ.
Во програмата Надвор од конкуренција меѓу другите се најдоа и филмовите на Горан Паскаљевиќ, Коста Гаврас, браќата Дарден. Во програмата Специјални проекции се најде и првата епизода од новата телевизиска серија „ Тајкун“ во режија на Миша Терзиќ како и телевизискиот филм на РТС „ Пролет на последното езеро“.
Фестивалот беше отворен на 28. Февруари со филмот „ Татко“ на режисерот Срдан Голубовиќ кој беше дел од натпреварувачката програма во кој се најдоа 20 филмови.
Меѓу нив беше и македонскиот филм „ Врба“ на режисерот Милчо Манчевски кој беше премиерно прикажан на 2. Февруари.Филмот беше извонредно примен од страна на публиката и критиката . Во Белград на фестивалот присуствуваа режисерот Манчевски и актерите: Сара Климовска, Наталија Теодосиевска, Камка Тоциновски и Никола Ристески.
Годинешниот ФЕСТ беше во знак на сеќавање на актерот Беким Фехмиу и именуван како „ Собирачи на емоции“.По повод една деценија од неговата смрт во рамките на фестивалот беше прикажана ретроспектива на негови филмови а неговиот лик ја имаше централната улога во визуелниот идентитет на фестивалот.
Петчленото меѓународно жири на главната натпреварувачка програма беше предводено од словенечкиот актер Себастијан Каваца а како членови беа и српската актерка Наташа Нинковиќ, хрватската режисерка Дана Будисављевиќ, српскиот режисер Никола Љуца и германскиот актер Клеменс Шик.Тие ги доделија следниве награди:
Наградата Белградски победник за најдобар филм во главната натпреварувачка програма отиде кај филмот „ Невидливиот живот“, бразилско германски филм во режија на Карим Анјуз.„ Филмот го одликува одлична режија на актерите и мошне артикулирано користење на сите аспекти на филмската нарација. Овој филм публиката ја води на преубаво и горко патување.Филмот, кој лесно би можеле да го наречеме ремек дело, ја заслужи нашата почит и ни ја враќа надежта во вистинската уметност на создавање филмови„ , стои во одлуката на жирито .Наградата ја прими актерката Барбара Сантос која настапува во победничкиот филм. Таа наградата ја посвети на сите жени а особено на самохраните мајки, избеглиците и ромките од регионот.
Наградата за најдобра режија му припадна чешкиот режисер Вацлав Мархоул за филмот „ Обоена птица“ кој преставува чешко, словачко, украинска копродукција.
Наградата за најдобро сценарио и припадна на Рита Калнејаис за филмот „ Млечни заби“
Актерот Горан Богдан ја доби наградата за најдобра машка улога за филмот „ Татко“ на режисерот Срдан Голубовиќ. Тој наградата му ја посвети на прерано починатиот српски актер Небојша Глоговац.
Наградата за најдобра женска улога и припадна на актерката Трина Дирхолм за улогата во данско шведскиот филм „ Дама херц“.
За најдобар дебитант е прогласен Филипо Менегети , режисерот на француско , луксембуршко , белгискиот филм „ Ние двете“ .
Наградата на публиката за најдобар европски филм од Главната натпреварувачка програма му припадна на филмот „ Самрак во бечкиот хаустор“ на режисерот Младен Ѓорѓевиќ.
Посебното жири од ново востановената натпреварувачка програма „ ФЕСТ Фокус“, за најдобар филм го прогласи филмот прикажан во оваа програма насловен како „ Ивана грозна“ во режија на Ивана Младеновиќ.
Жирито на натпреварувачката програма „ Небојша Ѓукелиќ“ одлучи да му ја додели наградата на филмот „ Мајка “ на режисерот Јуре Павловиќ.
Наградата на весникот „ Политика“ – Милутин Чолиќ која му се доделува на најдобриот режисер на некој српски филм му беше доделена на Младен Ѓорѓевиќ за филмот „Самрак во бечкиот хаустор“. Тој наградата им ја посвети на гастарбајтерите , за кои говори неговиот филм.
Наградата на жирито ФЕОДОРА отиде за филмот „ Татко“ на режисерот Срдан Голубовиќ.
Почесните награди Белградски победник , освен на актерот Џон Малкович им беа доделени и на српската актерка Мира Бањац и познатиот режисер, Коста Гаврас.
Пишува: Ѓоко Симјаноски/Публицитет.мк