Еден од најпопуларните филмови од творештвото на ненадминливиот Алфред Хичкок секако е филмот „ Птици“ од 1963 година.
Филмот премиерно бил прикажан на 28.март.1963 година во Њујорк а во месец мај бил прикажан и на Канскиот филмски фестивал каде присуствувале режисерот Хичкок и актерката Типи Хедрен , која ја толкува главната улога во филмот покрај Род Тејлор, Сузан Плечет, Џесика Тенди и Вероника Картврајт.
Сценариото за филмот го напишал Еван Хантер според кусиот расказ на Дафне Ду Муриер .
Филмот говори за нападите на птици врз луѓето во калифорниското место Бодега Беј. Во оригиналниот расказ на Дафне Ду Муеиер, птиците ги напаѓаат луѓето во Велика Британија а не во Калифорнија.
Хичкок инспирацијата за филмот ја добил од еден напис во калифорнискиот весник „Сентиел“ објавен на 18 .август .1961 година . Во написот пишувало дека птиците во местото Санта Круз во Калифорнија покажувале чудно па дури и аграсивно однесување кон луѓето.
Филмот„ Птици“ , според многумина, е ремек дело на филмскиот великан Алфред Хичкок. Тоа е филм кој преставува вистинска пресвртница во неговото творештво во кое своето препознатливо градење на напнатоста го збогатува со елементи на страв и го напушта подрачјето на цврстата реалност. Во исто време филмот преставува и пресвртница во целокупната американска кинематографија чии размери во целост се покажуваат дури денес. Имено, станува збор за филм кој преставува предходница на еден значаен жанр, филмот на катастрофи, кој започнува да цвета во седумдесетите години од изминатиот век а е витален и во новиот милениум.Во него, за да биде во склад со особениот црн хумор на Хичкок , тој го најави и птичјиот грип .
Да се потсетиме, приказната на филмот накусо изгледа вака:
Мич Бренер (Род Тејлор) е адвокат кој случајно ќе ја запознае познатата припадничка на високото друштво на Сан Франциско, Мелани Дениелс ( Типи Хедрен). Богатата убавица го следи привлечното момче во Бодега Беј во кој тој ги поминува викендите со својата посесивна мајка (Џесика Тенди) и помалечката сестра.Нејзиното доаѓање во мирното рибарско место се поклопува со почетокот на низа таинствени поединечни напади на птиците врз луѓето кои прераснуваат во необјаснува трагична катастрофа со голем број на човечки жртви.
Филмот го карактеризира необичната музика . Имено, звучната подлога не е составена од музика туку исклучиво од монтажа на приридни звуци кои ја направил познатиот композитор Бернард Херман кој честопати соработувал со Хичкок.
Алфред Хичкок за првпат ја видел актерката Типи Хедрен во 1962 година во една реклама за диетален пијалок . Во рекламата таа шета по улица а еден маж одушевен од нејзината вита става свирка по неа, таа ја врти главата и му се насмевнува. Истата сцена Хичкок ја искористил на почетокот од филмот„ Птици“, одкако ја ангажирал за главната улога ,со тоа што таа оди кон продавницата за птици. Ова било шега од страна на Хичкок , кој пак од истата продавница во филмот излегува водејќи две кучиња.
Во текот на снимањето на филмот , Типи Хедрен била информирана дека за бруталните сцени при нападот на птиците ќе бидат користени механички птици, но во текот на снимањето биле користени вистински птици кои ги напаѓале актерите.
Кога една птица ја нападнала актерката Типи Хедрен и скоро и’ го ископала нејзиното око, Хедрен доживеала нервен слом, паднала во несвест и цела недела имала ноќни кошмари заради таа случка.
Филмот содржи дури 370 специјални ефекти. Последната сцена од филмот содржи 32 одделно снимени елементи кои потоа се составени во една слика .
За време на одржувањето на премиерата на филмот во Лондон во киното „ Одеон“ , посетителите ги пречекал пискав звук на птици и звук на јата на птици од звучни кутии кои биле скриени во блиските дрва.
Кога филмот „ Птици“ за првпат бил емитуван на телевизијата ЕНБИСИ во САД на 6. Јануари,.1968 година бил најгледаниот филм кој бил прикажан дотогаш на тој телевизиски канал. Овој рекорд бил срушен неколку години подоцна кога бил прикажан филмот „ Љубовна приказна“ на 1. Октомври .1972 година.
Има еден мошне интересен момент кој е сврзан за овој филм. Имено, една од највозбудливите сцени во филмот е онаа кога птиците ги напаѓаат жителите на малечкото рибарско градче. Како последица на големата паника што се создава , експлодира бензиска пумпа која се наоѓа наспроти еден ресторан во кој се засолнети повеќе луѓе.Меѓутоа , во стварноста таа бензиска пумпа не постоела на тоа место за време на снимањето на филмот.Но, неколку години подоцна таа била изградена токму на местото каде била прикажана во филмот, а таму се наоѓа и ден денес.
Филмот „ Птици“ имал буџет од 2,5 милиони долари што за тоа време биле големи пари, а заработил 11,5 милиони долари. Филмот се снимал од 5.март до 10 . јули. 1962 година.
По 55 години од неговото снимање од екипата која учествувала во неговото создавање сеуште е жива само актерката Типи Хедрен која денес има 88 години. Пред 56 години кога учествувала во реализацијата на филмот таа имала 32 години.Само да се потсетиме дека Типи Хедрен е мајка на актерката Мелани Грифит и баба на сега мошне популарната актерка Дакота Џонсон.
Интересно е дека имало неколку обиди да се направи продолжение или римејк на овој класик на Хичкок , но без успех. Така , во 1994 година бил реализиран филмот „ Птици 2“ но со други актери иако во филмот во една споредна улога се појавува и Типи Хедрен. Тоа бил всушност филм кој не стигнал во кино салите туку бил прикажан директно на телевизиските екрани. Филмот бил толку лош што неговиот режисер Рик Розентал го отстранил неговото име и го заменил со познатиот холивудски псевдоним Алан Смит.
Во 2007 година компанијата„ Јуниверзал“ објавила дека ќе направи римејк на овој филм со Наоми Вотс во главната улога , но до ден денес овој проект стои во некоја фиока на оваа компанија.
Во август 2017 година, Би-Би-Си објави дека ќе направат телевизиска серија од “Птици” која би се за емитувала во оваа 2018 година. Но, досега нема некоја најава за вакво нешто.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк