Во потрага по трајната убавина на почетокот од декември, последниот месец од оваа календарска година патот не одведе во Куќата на Робевци во која за прв пат се презентирани вредни експонати од етнолошката збирка на НУ Завод и Музеј од Охрид.
Изложбата на пафти, токи колани – украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј ја подготви Оливера Мишева, виш кустос етнолог. Таа го раководеше проектот кој е реализиран со финансиска поткрепа на Министерството за култура и туризам во рамките на Годишната програма на Завод и Музеј. Мишева е и автор на каталогот и целата концепција на изложбата.
Претставени се 48 вредни примероци, врвни занаетчиски творби. Одбран е највпечатливиот накит на народната носија, украсот на градската облека што се носел во ХIX и почетокот на ХХ век.
Заслугата на Мишева е долгорочна и опфаќа голем временски период бидејќи за сето ова да се зачува, вака да се постави и да се прикаже потребно е многу работа, рече етнологот, проф. д-р Владимир Јаневски, кому му припадна честа заедно со директорот на Завод и Музеј м-р Горан Патчев да ја отвори изложбата
-Овие материјали веќе не може да се најдат на терен или се многу ретки. Овој историски аспект кој го посочува Мишева е многу важен за Музејот и развојот на самата збирка, но гледајќи ја тука збирката и експонатите можеме да забележиме дека се работи за предмети кои доаѓаат од повеќе кувенџиски центри, главно најголем број на предмети има од Охридско-струшкиот кувенџиски центар, потоа од Дебарскиот, Прилепско-битолскиот, Кичевскиот, Кривопаланечкиот, неколку примероци доаѓаат од Пиротскиот кувенџиски центар, но има и од Цетинскиот во Црна Гора. Една голема збирка која еден подолг период се собирала. Мишева не донесе во една ситуација да уживаме во повеќе кувенџиски центри и во повеќе техники. Овде ќе можете да забележите дека се среќава една широка лепеза на накит, кажа Јаневски.
Луѓето како Мишева, додаде д-р Јанески, остaваат еден огромен белег затоа што тие даваат една нова форма на овие предмети, бидејќи ние можеме денес да ги гледаме и да се восхитуваме.
Накитот и украсувањето се дел од културата на човекот од најстарите времиња. Се појавиле не само со исклучива цел како декоративен елемент, за поголема допадливост и впечатливост, туку и како јасен знак, симболично обележје на општествената положба, верската припадност, животниот период.
Накитот добил значајна улога и во заштитата на носителот од надворешни лоши сили и влијанија. Тоа значи дека накитот освен што е предмет на посебно уметничко обликување и изразување на занаетчиските вештини, тој во себе носи многу покомплексна и подлабока симболика.
Секој дел од човековото тело има посебно значење и поврзаност со земниот и небесниот свет. Појасот, односно половината го дели човековото тело на два дела: горна (чиста) половина и долна (нечиста) половина, небесна и земна а папокот е пресекот- оската во која се спојуваат двете спротивности. И кај мажите и кај жените појасниот дел од човечкото тело во многу култури, почнувајќи од праисторијата, во античкиот период, преку средновековието до новото време зазема значајно место во изгледот на облеката, накитот и неговата симболика. Деловите од облеката што се носат околу половината имаат основна практична употребна функција да го држат стомачниот дел (половината) при тешка физичка работа. Покрај тоа имаат намена и да ја истакнат женственоста, убавината на женската фигура, а воедно се и симбол на репродукцијата и раѓањето, со цел да ги чуваат и штитат бремените невести. Тој магичен, затворен круг штити од секакви лоши сили. Тоа е оној дел од телото во кој се чувале амајлии со исцелителна моќ, ќесиња со пари, прибор за пишување, оружје, клучеви итн. Преку појасот се сигнализирало на околината за личниот, семејниот, социјалниот статус, како и за хиерархискиот ранг во општеството. Појас и украси на појасот носеле и владетели и свештеници, монаси пустиници, омажени жени.
Највпечатлив елемент од накитот за украсување на појасот се пафтите. Тоа се потешки метални токи составени од три дела и служат за запетлување на појасот или коланот. Пафтите како украс ги носеле и жените и мажите, и христијаните и муслиманите, како дел од народната носија и како елемент во градскиот начин на облекување. Во народната култура пафтите биле дел од даровите за свршувачка или свадба. Ги носеле омажени жени. Покажуваат знак на приврзаност и верност. Помасивни, од не многу скапи материјали како дел од народната носија, а подискретни, од поскапи и пофини материјали и со помали димензии подоцна како украс и на градската облека. Ја означувале иницијацијата, односно преминот на девојката во жена.
Во Македонија, во сите нејзини предели речиси и да нема невестинска и празнична женска народна носија без пафти како украс за појасниот дел, особено во Брсјачката и Мијачката етнографска област. Но, тие се дел од народната облека и во некои земји на Балканот: Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина…
Охрид и Струга имаат вековна традиција во кујунџискиот занает што својот процут го достигнува во XIX век. Кујунџиите изработувале накит од сребро и злато, пафти, мангури, чапрази, белезици, обетки, крстови, украсни игли, но и декоративни елементи од сребро и злато на оружје. Со развојот на занаетчиството и трговијата почнале да се употребуваат и поскапи материјали, но и да се изработуваат и посложени изработки. Тогаш паралелно со ориенталните навлегуваат и западноевропските влијанија. Кузман Шапкарев забележал дека украси за појас се носеле во охридските села, во битолско, костурско, дебарско и кај населението доселено од селата во Охрид. Иако, денес работат неколку лица кои се занимаваат со филигран, тие не изработуваат накит од овој вид, бидејќи пафтите како декоративен елемент на народната носија и градската облека престанале да се употребуваат во првата половина на XX век.
Збирката со накит во етнолошкото одделение при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид брои 65 примероци накит за украсување на појасот: пафти, токи и колани, од кои 48 се подобро сочувани и порепрезентативни примероци. Сите предмети се изработени рачно од занаетчии – кујунџии, филигранисти, најмногу локални мајстори од Охрид и Струга, но веројатно и од другите занаетчиски центри во Македонија и во соседните земји. Набавени се од Охрид, охридските села Лескоец и Велгошти, потоа од Ресен, од струшкото село `Ржаново и од реканските села Галичник и Лазарополе, а веројатно дел од нив се донесени од други делови од Македонија и од надвор. Повеќето се затекнати во депо, а има и откупени и подарени предмети. Збирката е формирана во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век, односно во првите децении од формирањето на Охридскиот музеј. Пафтите од музејската збирка потекнуваат од XIX и почетокот на XX век. Попрецизен датум и потекло не може да се одреди, бидејќи за повеќето од нив не постојат подетални податоци, но исто така заради тоа што се работи за накит што се наследувал и пренесувал од генерација на генерација, некогаш од една во друга област.
Материјал, техника на изработка, форма
Најголем дел од пафтите се изработени од сребро, а полуксузните примероци имаат и позлата. Има изработки и од бакар, бакарно – посребрена легура, од бронза и месинг, како и од седеф во комбинација со бакар или месинг. Најзастапена техника на изработка е филигранот со гранулација, но се среќаваат и голем број примероци изработени во техниките на лиење со исчукување и гравирање. Како дополнителна декорација се користени и украсни камчиња и стакленца во повеќе бои. Неколку примероци имаат колан изработен од текстил – ткаен волнен или памучен извезен со конец во различна боја или со нанижани ситни монисти и еден примерок на колан изработен од кожа. Некаде има додатоци како синџирчиња во неколку реда или пак, висулци со конусна или сплесната тркалезна форма.
Токите се изработени од сребро, некаде со позлата и бакарна легура во техники на лиење, филигран, гранулација и пунктирање.
Според формата, пафтите од збирката од охридскиот музеј можат да се класифицираат во неколку типови:
Бадем (полжав) пафти – составени од три дела: еден централен елипсовиден и два странични извиени повеќе или помалку на краевите во вид на листови – палмети. Изработени најчесто од сребро, бакар, некаде посребрени, бронза и месинг, во филигранска техника, со лиење, исчукување, украсени со стакленца и украсни камчиња во разни бои. Тука припаѓаат и пафтите изработени од седеф. Потсетуваат на ангелски, херувимски крила, истакнувајќи ја нивната заштитна функција. Овој тип на пафти особено оние со извиени полжавести краеви е доста распространет во Македонија. Употребата на пафтите „седефлии“ (изработени од седеф) е резултат на културните влијанија од исток.
Тркалезните пафти многу често се употребувани како украс на народната носија. Тие се составени од два или три дела, при што централниот е кружен, но со помала големина, додека страничните се со поголеми кружни форми. Изработени се од бронза, месинг и посребрен бакар, со елементи во филигранска техника, а некои украсени со камчиња. Два примероци имаат волнен ткаен колан од лицето извезен со конци во разни бои. Според материјалот и изработката, како и поедноставната орнаментика се претпоставува дека овој тип на пафти веројатно го носеле жените од посиромашните слоеви.
Пафтите во вид на стрелка се со најголеми димензии, составени од три дела: централен со кружна или елипсовидна форма и странични кои завршуваат на краевите во вид на стрелка. Изработени се од сребро, бакар и посребрен бакар во техники на лиење со исчукување и гравирање. Овој тип на пафти се нарекуваат и „пиротски“, бидејќи таму најмногу се изработувале и се носеле.
Пафтите „крстачки“се составени од три еднакви делови сите во форма на кикиришка од петел. Изработени се од сребро во филигранска техника, посребрен бакар, бронза и украсени со декоративни камчиња и стакленца. Еден примерок има платнен колан извезен и украсен со монисти. Овој тип на пафти се носел речиси во сите земји од Балканот, а во Македонија повеќе во источните делови.
Пафтите со форма на отворена школка имаат колан од ситни правоаголни, малку закривени делови кои влегуваат еден во друг и се нанижани на колан изработен од платно. Се работи за еден прекрасен примерок, што многу наликува на изработките од битолските работилници.
Има и пафти во форма на човечки раце каде се претставени женска и машка рака споени една со друга со алка, изработени од сребро.
Токите имаат правоаголна, тркалезна, форма, но и форми на елипса и на панделка. Токата со правоаголна форма веројатно е дел од колан, изработен од сребро со филигранска техника и украсен со сино стакленце.
Токите во форма на панделка се изработени од повеќе слоеви филигрански елементи. Во збирката постојат два примероци токи панделки со висулци, додека другите два се дел од колани „фишеклии“, изработени од сребро.
Тркалезните токи веројатно се дел од други украсни елементи, но во старите податоци за нив стои дека се употребувале како токи носени на појасниот дел.
Орнаментика, симболи, значење
Од семиотички аспект, кај украсите за појас особено забележлива е богатата орнаментика со различна симболика и значење. Сите тие знаци и симболи имаат длабоки корени во минатото, пренесени преку различни култури во колективната меморија и не случајно се појавуваат на овој накит за појасот. Тоа е еден ритмички јасен, декоративен систем. Орнаментите претставени на овој накит можат да се поделат во неколку групи:
Се среќаваат следните геометриски мотиви: кругот, полукругот, триаголникот. Кругот е еден од најстарите мотиви со митолошко и магиско значење, соларен симбол, но и симбол на заштитата, бесконечноста и бесмртноста. Во голема мера е застапен и ромбот, а кај два примероци се среќава ѕвезда со осум крака и хексаграм, односно ѕвезда со шест крака – Соломонов знак или Давидова ѕвезда. Ромбот е женски симбол и секогаш се поврзува со плодноста. А Давидовата ѕвезда со своите елементи ја претставува севкупноста на универзумот. На една тока се среќава вртешка што се претпоставува дека е дериват на свастиката и се јавува како соларен симбол, симбол на вечноста и бесконечноста, а на друг примерок на тока е застапен крстот како многу стар симбол, тука како христијански знак со заштитна функција од секакви болести, лоши очи и несреќи.
Флоралните или вегетабилни мотиви се застапени речиси на сите примероци пафти и токи. Листови, гранки, цветови во разни форми од едноставна до сложена изведба во барок стил. Тие го претставуваат циклусот на природата, кружниот тек на животот, често пати во стилизирана композиција „дрво на животот“ што се поврзува со брачните односи, поколенијата, односно генеалогијата на родот.
Зооморфните мотиви се појавуваат во вид на двоглав орел како симбол заштитник, симбол на светлоста и духовното обновување, но и како симбол на врховната власт, потоа коњите кои ги јаваат Св.Георгиј и Св.Димитриј, како и претставите на магаре и крава во шталата како дел од претставата на Раѓањето Христово. Се среќаваат и стилизирани претстави на рајски птици што наликуваат на паун, што во себе ја носат христијанската симболика на вечноста и бесмртноста.
Антропоморфните мотиви се јавуваат на примероците изработени од седеф, на кои се претставени композиции од библиски сцени и претстави на светители што ја истакнува нивната профилактична, заштитна функција. Тука се прикажани претстави на Рождеството Христово – Марија Богородица и Јосиф, Исус Христос како дете во лулка, ангел, но и претстави на светители на коњ – Свети Георгиј како ја убива ламјата и Свети Димитриј како го убива царот. На еден примерок пафти се пластично претставени раце од маж и жена споени една со друга што ја симболизира вечната љубов на младоженците. Овој тип на пафти се среќава во охридскиот, но и во струшкиот крај каде имало обичај да се подаруваат на девојката при свршувачка.
Кај неколку примероци од збирката постои врежан натпис што укажува на времето кога е изработен предметот и веројатно кој го изработил – мајсторот или пак, нарачателот.
Овие делови од накитот се вредни примероци, украси на облеката кои повеќе од половина век не се во употреба, а денес се среќаваат само како сувенир стилизирано изработени од срма или други материјали.
Кај овие украси на појасот се напластени културни слоеви и влијанија од најстарите култури, преку источните ориентални, па сè до западноевропските влијанија во XIX век. Врвни занаетчиски изработки се сведоци за умешноста на мајсторите, но и за вкусот и естетиката на оние што ги нарачувале. Во нив силно се изразени народните верувања, верските погледи, истакнувајќи го соединувањето, поврзувањето, преминот од еден во друг циклус на животот и симболизирајќи ја плодноста и заштитата на жената.
Фото: Миле Илоски
Публицитет.мк