Социјалдемократскиот сојуз на Македонија покажа и докажа дека сепак е единствената државотворна партија со секоја одлука која ја носи, особено и со последниот предлог концепт за политички и општествен дијалог, за доброто на народот, рече на прес д-р Асен Шајн , претседател на ОО на СДСМ – Охрид.
-Општинската организација на СДСМ Охрид изминатиов период се посвети на анализа на пораките од сопственото членство.На консолидација и реорганизација за поефикасно работење.На детектирање на локалните проблеми како и предлози за нивно решавање.
Мојата обврска како Претседател на општинската организација е да го слушнам гласот на граѓаните, нивното незадоволство од досегашното владеење на локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ како и разочарувањето од неостварените ветувања дадени пред скоро четири години од Градоначалникот.
Дозволете за почеток на кратко да се осврнам на само два од на големо ветените и помпезно најавените проекти на актуелниот градоначалник Кирил Пецаков и на ВМРО ДПМНЕ чија реализација остана само во идно време и ги нема на повидок.
Од реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република “ големо НИШТО.
Единствено видливо е дека ја нема само фонтаната, а просторот е покриен со омилените на сите нас бекатонки распоредени во некој чуден редослед сфатлив само за нивно око, а присутен низ целото градско подрачје.
Но, со оглед на тоа што се ближат локалните избори, сигурни сме дека наскоро ќе започнат, како и секогаш, со замачкување очи на граѓаните пропратени со добропознатото сечење ленти и фрлање лопати.
Охриѓани се емотивно врзани за овој простор и токму затоа кај нив разочарувањето е големо, дотолку повеќе што проектот за плоштадот моменталната локална власт го затекна готов со постапка која беше донесена до конзерваториско одобрение, а тие за 4 години не успеаа ни тоа да го обезбедат. Обезбедија само нови смешни локации за тезги , криејќи го единствениот природен и заштите споменик ОХРИДСКИОТ СТАР ЧИНАР.
Катна гаража – МИСЛОВНА ИМЕНКА
Охрид, се повеќе и повеќе се гуши во сообраќаен хаос. Најавена беше катна гаража зад „Ривиера“, најавена беше катна гаража кај СВР Охрид и на крај најавена беше катна гаража кај „Градски Пазар“ ама досега не сме виделе ниту една.
И бидејќи не сме виделе ниту една, повторно сме сигурни дека пред локалните избори ќе слушнеме нови небулози за овој нереализиран проект, би сакале да ја запрашаме локалната власт Дали старо – новото ветување за изградба на катна гаража имаат план да го реализираат преку досега ветеното јавно приватно партнерство или преку аплицирање за унгарскиот кредит, кој ние граѓаните наредните години дебело ќе го враќаме ?
Колку и да сакаме да пронајдеме успех во реализацијата на ветени проекти, невозможно е. Дури и самиот Градоначалник скоро четири години како негов најголем успех ја истакнува реконструкцијата на улицата Македонски Просветители – проект кој што го затекна во завршна фаза од претходната власт, како и неговиот наводен успех за раздолжување на сметката на општината, која што исто така ја затекна речиси 80 % завршена.
Разочарувачки за охриѓани е како Градоначалникот за скоро цели четири години успеа само да фрли асфалт на неколку улички во градот и околината, а притоа не успеа ни на готов проект и обезбедени средства од претходната власт да ја доврши целата улица „Гоце Делчев“.
Почитувани , сепак многу прашања остануваат отворени. Се обврзувам како Претседател на општинската организација на Социјалдемократскот сојуз на Македоија во иднина да побарам одговор за сите нејаснотии кои се во интерес на охриѓани и убеден сум дека граѓаните овој пат нема да ја поклонат својата доверба на моменталната локална власт за празни ветувања, рече д-р Асен Шајн , претседател на СДСМ на пресот одржан денеска во партиските простории.
Публицитет.мк