Вчера свечено беше отворен еден од најпознатите и најважните филмски фестивали кои се одржуваат во летниот период односно на почетокот од месец јули. Се работи за филмскиот фестивал во Карлови Вари кој оваа година се одржува во периодот помеѓу 29.јуни и 7. јули. Оваа година тој ќе го има своето 53 издание.
Меѓународен филмски фестивал Карлови Вари е најголемиот филмски фестивал во Чешка и најпрестижниот таков фестивал во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите од А-листата филмски фестивали (односно, не-специјализирани фестивали со конкурс за долгометражен играни филмови), категорија што ја дели со фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Сан Себастијан, Москва, Монтреал, Шангај и Токио. Меѓу режисерите, купувачите, дистрибутерите, агентите за продажба, како и новинари, овој фестивал важи за најважниот настан во цела Централна и Источна Европа.
Секоја година, на фестивалот се презентираат околу 200 филмови од целиот свет, и тој редовно е домаќин на познати и значајни филмски работници.
Карлови Вари фестивалот е наменет како за филмските професионалци така и за општата јавност, а на посетителите им нуди внимателно дизајнирана програма, одлични капацитети и широк спектар на други услуги.
Своето прво издание фестивалот го имал во далечната 1946 во Марианске Лазне. Фестивалот се преселил во Карлови Вари во 1947 година, а веќе следната година фестивалот станал натпреварувачки кога била доделена за прв пат главната награда -Кристален глобус. Во 1956 година, Меѓународната федерација на филмски продуцентски здруженија (FIAPF) официјално го назначи Карлови Вари во категорија на А фестивали.
Фестивалот во Карлови Вари цели 40 години работаше под политички притисок во социјалистичка Чехословачка. Во 1994 година, новиот тим на чело со познатиот чешки актер Јиржи Бартошка и водечкиот филмски новинар Ева Заоралова ја презедоа организацијата на фестивалот, и одлучија да го преобликуваат фестивалот во еден филмски форум кој заслужи меѓународно внимание. Во само неколку години, новиот програмски и организациски пристап имплементиран од страна на Бартошка и Заоралова помогна на фестивалот да му се врати претходното ниво на престиж со што се врати и интересот на филмските професионалци, како и на пошироката јавност.
Многу од 200 те филмови се прикажуваат само на фестивалот, додека други го прават тоа во Чешка или странска дистрибуција, преку телевизија или на други фестивали делумно благодарение на скринингот во Карлови Вари. Освен за филмовите прикажани како дел од ретроспективите, сите прикажани филмови се создадени во текот на претходната година и се прикажани за прв пат во Република Чешка – многу од нив како светски, меѓународни, или европски премиери.
Најголемиот број од нив се фокусира на традиционалните програмски целини – главна конкуренција, која е резервирана за долгометражни филмови снимени во текот на минатата сезона, кои не се прикажани на било кој друг фестивал во меѓународната конкуренција, како и во делот “Исток на Западот”, Исток на Запад, презентација на филмови на конкурентите од новите филмаџии од поранешните советски блок-земји, Грција и Блискиот Исток.
Секоја година, фестивалот доделува почесна награда Кристален глобус за извонреден уметнички придонес во светската кинематографија на водечка личности од светската кинематографија, со што фестивалот го признава актерскиот и режисерскиот придонес во областа на меѓународниот филм.
Меѓу досегашните добитници на оваа награда се актерите :Роберт Редфорд, Роберт де Ниро, Мајкл Даглас, Дени Девито, Џон Малкович, Харви Кајтел, Морган Фримен, Лив Улман, Џуди Денч, Сузан Сарандон, Џон Траволта и Мел Гибсон, режисерите Вилијам Фридкин, Милош Форман, Стивен Фриарс, Никита Михалков, Роман Полански, Оливер Стоун, Карлос Саура и Франко Зефирели како и продуцентите Саул Зенц и Роберт К. Шеј.
Годинава во трката по главната награда Кристален Глобус и паричната награда од 25000 американски долари ,се наоѓаат 12 филмови.
Дури десет филмови ќе ја доживеат својата светска премиера од 12 те кои се натпреваруваат за Кристалниот глобус на фестивалот на годинешниот фестивал во Карлови Вари.
Меѓу официјално селектираните наслови се наоѓа и водечкиот романски режисер Раду Џуде со неговиот најнов филм “Не ми е гајле ако одиме во историја како варвари”кој преставува истражување на националноста и националната траума; потоа семејната драма на аргентинката Ана Кац “Сонот Флорианополис”, и филмот на канадскиот режисер Себастијан Пилот на “Светулките се исчезнати”, приказна за една бунтовна тинејџерска врска.Истакнатиот настап на Калеб Лендри Џонс доминира во темната австроамериканска драма на Питер Брунер “До ноќта”, додека двајца режисери кои се враќаат во Карлови Вари овојпат презентираат “значително поетски нови филмови”: рускиот режисер Иван Твердовски ( познат по филмот “Зоологија”од пред две години)оваа година доаѓа со филмот “Скокач”, додека израелскиот режисер Џозеф Мадмони ја носи својата трета премиера од Западна Бохемија, драмата “Откуп“, ко-режирана од кинематограферот Боаз Јаков Јаков.
Оммо Омерзу, режисер од Чешка, ќе го прикаже филмот „ Зимски муви“ кој говори за пријателството меѓу деца, додека режисерот дебитант Адам Седлак ќе се натпреварува со “Доместик”, “клаустрофобична минималистичка студија за бавното пропаѓање на телото и умот”.
Словенската режисерка Соња Проенсен ќе се натпреварува со филмот “Историјата на љубовта”, “поетска приказна за созревањето на една девојка“.
Со дебитантски остварување на фестивалот доаѓаат Наталија Кабрал и Ориол Естрада со филмот „ Лагите на Миријам“ кој преставува копродукција помеѓу Доминиканската Република и Шпанија. Филмот се фокусира на потрагата по љубов на една девојка адолесцент.Меѓу филмовите од натпреварувачката програма се наоѓаат и меачната комедија на Павел Маслона “Паничен напад” од Полска; и драмата “Браќа” на режисерот Омур Атај од Турција.
Овогодинетото големо жири го предводи ирско шкотскиот писател и режисер Марк Кузенс (“Очите на Орсон Велс”), хрватската актерка Зринка Цвитешиќ (“Лондонски шпион”), италијанскатѕа продуцентка Марта Донзели (“Нико”, 1988), чешкиот новинар и продуцент Зденек Холи и холандската режисерка Наноуд Леополд.
Програмата „Исток на Запад“, која преставува презентација на филмови од новите филмаџии од поранешните советски републики, Грција и Блискиот Исток, исто така, донесува 12 филмови од кои дури 8 ќе ја имаат својата светска премиера.
Два филма ја претставуваат Полска: “53 војни” на Ева Буковска, психолошка драма приспособена од автобиографскиот роман на Гуджина Јагелска; и “Виа Карпатија” на Клара Кочанска и Каспер Бајон, “интимен, независен патен филм”, кој го опишува предизвикот во еден бегалски камп.
Од Република Чешка доаѓа Томас Павличек со филмот “Мечките со нас”,кој преставува студија за локалниот феномен на викенди во земјата. Чешко-словачкиот филм “Моменти” од Беата Парканова ги истражува семејните тензии а унгарскиот режисер Лазло Цуџа ја раскажува приказната за младите љубовници во бегство во филмот “Цветната долина”.
Иранецот Нима Еглима го носи филмот “Амир” за “генерацијата чиишто приватни животи се повеќе утврдени од правилата на општеството отколку по сопствена волја”, додека киргиско-рускиот филм “Сулејман планина” од Елизавета Стишова е комедија- драма која говори за исцелување на искршени семејни врски.
Филмот “Кристален лебед” на Дарја Жук е белоруско-германско-американско-руска приказна за еден студент по право од Минск кој сонува да стане диџеј во Америка. “Дишење во мермер”,филм од Гиере Беинориуте, е литовско-латвиско-хрватски поглед на влијанието врз семејството на нивното усвоено повлечено момче.
Рускиот филм “Длабоки реки” на Владимир Битоков е “сјајно живописно и визуелно извонредно деби” за животот на едно семејство со традиција, а “Вулкан” на Роман Бондарчук е визуелно впечатлива украинско-германска приказна која говори за борбата за живот на еден лошо подготвен протагонист кој ќе се изгуби на степата.
Филмот “Пауза” на Тониа Мишиали е грчко-кипарска студија за дилемите со кои се соочуваат жените во патријархалното општество.
Во натпреварувачката документарна програма, осум од 12 те филма, кои претставуваат 16 земји, се светски премиери, со филмови кои доаѓаат од Чиле до Кина, преку Египет, Балтикот и Непал.
Меѓу нив е и најновиот филм на минатогодишниот победник на Карлови Вари, Виталиј Мански, “Сведоци на Путин”, кој ја презентира претседателската кариера на рускиот моќник како и филмот “Мостови на времето” кој преставува “контемплативен документарен есеј” на Кристин Бриде и литванскиот режисер Ауриус Стонис.
Документарниот филм на Маруан Омара и Јохан Домк “Далеку од сон” го истражуваат депопулираното египетско одморалиште Шарм Ел Шеик, а филмот”Лизгањето” на Кирил Арис е нежен портрет на решеност да го заштити својот сакан од болка и загуба.
На фестивалот надвор од конкуренција ќе бидат прикажани покрај другите, ќе бидат прикажани и неколку филмови кои беа прикажани нагодинешниот кански филмски фестивал.Така, публиката ќе има можност да ги види филмовите “БлакКкКлансман”, на ртежисерот Спајк Ли„ Сите знаат“ на режисерот Асгар Фаради со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем во главните улоги како и добитникот на Златната Палма „ Крадливци“ на режисерот Ли Чанг – Донг.
Во рамките на фестивалот покрај другите програми , како што е пракса и на други филмски фестивали, постои програма во која се презентира домашниот чешки филм односно филмови од најновата чешка продукција, сигурно една од водечките европски кинематографии.оваа година ќе бидат прикажани вкупно 10 филмови направени во 2017 и 2018 година.
Инаку, и на годинешниот фестивал на отворањето на фестивалот беше доделена наградата почесен Кристален глобус на познатиот актер, режисер, продуцент и музичар Тим Робинс за извонредениот уметнички придонес во светската кинематографија .Робинс во рамките на својот престој че го престави филмот „ „Бегство од Шошенк“, сигурно еден од неговите најуспешни филмови. Освен тоа на 4.јули ,тој заедно со бендот „Руж Галери Бенд“ ќе одржи концерт.
На фестивалот како гости ќе присуствуваат и актерите Роберт Патисон, Ан Пеквин,Јаромир Ханзлик, познатата данска актерка Трине Дилхорн, Калеб Ленди Џонс, Роби Конхрајн, како и режисерите Бери левинсон,Ричард линлејтер,Роман Гаврас, Таика Ваитити како и Тери Гилијам кој заедно со Џоана Рибеиро на фестивалот ќе го престави својот најнов филм „ Човекот кој го уби Дон Кихот“ на чија реализација потроши 20 години од својот живот.
Пишува: Ѓоко Симјаноски