• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
четврток, август 13, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Промовирана книгата „Охридска книжевна школа“ од проф. д-р Димитар Пандев

август 13, 2026
in Во потрага по трајната убавина
Промовирана книгата „Охридска книжевна школа“ од проф. д-р Димитар Пандев

Во рамки на програмата по повод 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1140 години од основањето на Охридската книжевна школа во Охрид се одржа промоцијата на книгата „Охридска книжевна школа“, чиј автор е проф. д-р Димитар Пандев.

Книгата е во издание на Општина Охрид, а нејзин уредник е Митре Велјаноски. За делото говореа промоторите м-р Перчо Божиновски и проф. д-р Бобан Карапејовски, кои ја истакнаа неговата вредност и значење за проучувањето и афирмацијата на Охридската книжевна школа.

ОХРИДСКАТА КНИЖЕВНА ШКОЛА

 МЕЃУ МАКЕДОНИСТИКАТА И ЛИНГВИСТИКАТА

Македонскиот литературен јазик произлезе од јазикот на словенската писменост во Македонија, имено од јазикот на Охридската книжевна школа на историска фреквенција меѓу јазикот словенски на првопреведените богослужбени книги и јазикот на македонските текстови пишувани со македонската варијанта на црковнословенскиот јазик, препознаен меѓу Асемановото евангелие и Болоњскиот псалтир, ракописи што славистиката меѓу првите ги осозна низ своите восхитено романтичарски набљудувања на словенската писменост, особено од палеографски и кодиколошки аспект, со што отвори низа прашања во опсег од византиско-словенската книжевна симбиоза, преку старината на словенските писма, глаголицата и кирилицата, до татковината  на старословенскиот јазик. И секое од овие прашања еволуирало со развојот на славистиката и лингвистиката, од воочувањето на првите дијалектни разлики во праславенскиот јазик до дијалектната основа на старословенскиот јазик.

А со откривањето на оригиналните слова (похвали и поуки) на јазикот словенски и препознавањето во нив прв оригинален словенски писател во ликот на  свети Климент Охридски, од една страна, а од друга страна, со откривањето на голем број средновековни ракописи, и глаголички и кирилични, по потекло од Македонија, се отворија низа прашања од суштествено значење и за подемот на славистиката, но и за пробивот на македонистиката.

Имено, со препознавањето на дијалектните особености на охридскиот говор  во Охридскиот апостол и во Болоњскиот псалтир, се отвора  историскодијалектолошката перспектива во славистиката и лингвистиката, која им го отвори патот на фонетиката и на другите лингвистички дисциплини, меѓу другото од позиции на младограматизмот и формализмот во лингвистиката.

А токму спроти времето на младограматизмот, Григор Прличев во потцртаните прибелешки на „Кратка словенска граматика (1868 г.) јасно забележува дека во Македонија се прави разлика меѓу сăд од старословенското ссѫдъ  и суд. Два збора, всушност, два концепта што отвораат различни книжевни хоризонти: богословски наспроти апокрифен.  А во времето на премин од социјалната лингвистика во функционална, Вјачеслав Шчепкин ја поставува теоријата за забрзан развој на малите литератури, врз сознајбите извлечени од Болоњскиот псалтир, а во времето на премин од формалната лингвистика во структурализмот, Ватрослав Јагиќ дефинитивно ја образложува македонската теорија за старословенскиот јазик.

Врз проучувањата во областа на социјалната и, особено на формалната  лингвистика, во функционалната лингвистика се поставува теоријата за литературните јазици, од една страна, врз примерот на старословенскиот јазик, како јазик на богослужбата, т.е. со ограничена функционалност, а од друга страна, врз современиот македонски јазик меѓу двете светски војни, како јазик врз кој во XIX век се развила мала по обем учена литература и богата фолклорна литература, а меѓу двете светски војни се развивал претежно во говорена форма.

А малата по обем учена литература се засновала врз религиозната, исто како што богослужбениот јазик претежно се остварувал во говорена форма. По трагите на исказот „Ќе се чита од светото евангелие“. Во онаа истозначна  смисла, во која Прличев ќе забележи „многу псалми преведени на македонско наречје се читаа по црквите и вдахнуваа свештен ужас кај христијаните“. А Прличевиот поглед на свет произлегува од псалмичното „На тебе се надевам, Господи“ (Псалм 31. 1), загледан во Македонија како „плачевна долина“ (Псалм 84.6), во која тој одново запејува како був на разурната тврдина (Псалм 102.6).

А од школата на Григор Прличев произлегува Гоце Делчев, кој светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите, ‒ чиста когнитивна метафора како човековиот ум (треба) да го разбира светот, по патот на праведните обележан во псалтирот(псалм 1.1), од Месецесловесникот во Асемановото евангелие, преку преминот „од слава во слава“во Охридскиот апостол (во онаа Прличева смисла „а ти спешиш, сине“)   до надежта над бездната во Болоњскиот псалтир. А бездната гласовно се издига во „бездение“ (на што би завиделе заумните поети, како на времето кога живите им завидувале на мртвите). А  од тоа псалмично бездение, заради неканонската вокализација на малиот ер, замугрува современата македонска литература.

Охридската книжевна школа била предмет на  интерес од различни аспекти. Во оваа пригода, по повод 1140 годишнината од нејзиното основање нашиот пристап е од позиции на когнитивната лингвистика, во потрага по универзалната слика на светот одразена во јазичниот поглед на учениците во Охридската книжевна школа, по патеките на Григор Прличев и Гоце Делчев, и сочувана во македонскиот литературен јазик токму во ова наше време, ‒ 80 години потем кодификацијата на македонскиот јазик.

Впрочем, според луцидно-мунициозните  пресметувања на С. М. Куљбакин, „Охридскиот апостол се одделува од Добромир(овото евангелие) со период приближно 50, не многу повеќе ‒ не многу помалку ‒ години, (па) се однесува кон втората половина, поскоро кон третата четвртина на XII  век“ (Куљбакин, Охридски апостол, 1907:  LV), а Охридскиот апостол  е за две-три децении постар од Болоњскиот псалтир (LI),

Со други зборови, според Куљбакин, професорот на Блаже Конески, 80 години (како да) изминале од времето на Добромировото евангелие до времето на Болоњскиот псалтир. И, би дополниле, во времето на подем на македонската варијанта на црковнословенскиот јазик на правописно-јазичните вкрстувања меѓу македонските средновековни книжевни школи, и би се сообразиле со Куљбакин, кога во „македонската писменост“ (терминот е негов) не биле навлезени особености што се појавиле во јужнословенската писменост, имено во време, кога „едни писци уште како да ги следеле старите традиции, или навики, други, пак, особено младите, преминувале кон новата форма. Да појасниме, станува збор за новиот нацрт на буквата Ч кон крајот на XII век во јужнословенската писменост.

А нацртот на ч во облик на чаша, е една од препознатливите особености на македонското писмо, но и правопис: ЧѪ, според Петар Лавров, професорот на Крсте Мисирков.

80 години македонско кирилично писмо во времето на подем на македонската варијанта на црковнословенскиот јазик наспроти 80 години од кодификацијата на писмото и правописот на македонскиот јазик! Фасцинантна тема!!!  

Во контекст на 1140 годишнината од основањето на Охридската книжевна школа.

И сето тоа во духот на псалм 77. 6: „Дојдете, чеда, послушајте ме! Дојдете и ќе ви раскажам вам – на сите што се плашите од Бога – за да знае да го хвали Господа идното поколение – синовите што ќе се родат и народот што ќе се создава!“ (Теофилакт Охридски, „Пространо житие на свети Климент Охридски“)

(извадок од книгата на Димитар Пандев, „Охридска книжевна школа“, Општина Охрид, 2026 г., с. 263-266)

Публицитет.мк

Посетеност: 183
Share
Previous Post

Ако џезот ви е слабост, Нишвил 2026 е изборот: Вечерва Влатко Стефановски трио, утревечер Бони Ем!

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 183

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk