Еден од најпознатите филмски фестивали во Европа кои спаѓаат во редот на фестивалите од таканаречената А листа е Меѓународниот филмски фестивал во Берлин кој оваа година се одржува по 70 пат.
Вообичаено, фестивалот се одржува во првите денови од месец февруари и обично трае десетина дена.Но, оваа година, токму на јубилејот, фестивалот започна две недели подоцна заради одржувањето на церемонијата на 92. Оскари кои оваа година се одржаа порано заради почетокот на Зимската Олимпијада.
Како и да е фестивалот свечено беше отворен во четвртокот на 20. Февруари а ќе трае до 1. Март. Фестивалот беше отворен со канадско – ирската копродукција „ Мојата година на Селинџер“ на режисерот Филип Фаларду, кој е направен според романот на американската писателка Џоана Раков.Филмот се фокусира на 1990 години во Њујорк , каде што низ книжевниот свет зборува за уметноста , но и за сето она што го одбележува денешното живеење.Главните улоги во филмот, кој не е дел од натпреварувачката програма туку од програмата „ Берлинале спешл“ , ги толкуваат: Маргарет Квели и Сигурни Вивер.
Годинашната церемонија на отворањето ,заради јубилејот, траеше нешто подолго.Наместо досегашната повеќе годишна домаќинка на церемонијата на отворањето на фестивалот Анке Енгелке, оваа година домаќин на церемонијата беше бугарскиот актер Самуел Финзи. По неговиот монолог тој на сцената ги повика новите водачи на фестивалот ,уметничкиот директор Карло Катриан и извршната директорка на фестивалот Мариета Рисенберк кои свечено го прогласија за отворен 70 тиот јубилеен фестивал.
Предходно ,како што е вообичаено со куси инсерти беа преставени 18 те филмови од натпреварувачката програма и беа преставени седумте членови од годинешното жири кое е предводено од актерот Џереми Ајронс.Тие беа повикани на сцената и им беа преставени на присутната публика.
Во текот на свеченоста беше одржан едноминутен молк посветен на жртвите во Ханау каде беа убиени девет луѓе.
Во кусото соопштение кое беше објавено нешто порано во четвртокот, филмскиот фестивал истакна дека тагува по истрелите во средата навечер во Ханау и повтори дека Берлиналето се залага за толеранција , почитување и гостопримство и дека остро се противи на насилството и расизмот.
Откако беше свечено отворен фестивалот , домаќинот Самуел Финзи заедно со уметничкиот директор Карло Картиан ги повикаа членовите на екипата од филмот на отворањето„ Мојата година на Селинџер“ , режисерот Филип Фаларду и актерите Сигурни Вивер и младата Маргарет Квели кои задно со уште неколку актери кои настапуваат во филмот , им се поклонија на публиката.
Пред тоа на црвениот килим прошетаа главните ѕвезди од филмот како и членовите на жирито. Освен нив по црвениот килим поминаа и неколку познати германски актери и режисери како Даниел Брул, Нина Хос, Том Тиквер, Фатих Акин и други.
Годинешниот фестивал по цели 18 години директорување на Дитер Кослик, од оваа година ќе го водат уметничкиот директор Карло Катриан кој во последните години оваа работа ја вршеше за потребите на фестивалот во Локарно, Швајцарија, кој ја направи годинешната селекција и извршниот директор на фестивалот Мариета Рисенбек.
Според организаторите на фестивалот, годинешното Берлинале ќе биде во знакот на политиката и разноликоста, теми кои се актуелни во филмската индустрија.
Околу 340 филмови ќе бидат прикажани на годинешната смотра, од кои 37,9 одсто се режирани од женски режисери.Од 18 те филмови кои се во трката по Златната мечка , шест се режирани од жени или биле асистенти на режисерите.
Да се потсетиме, изминатата година организаторите на фестивалот , кога наголемо се зборуваше за сексизмот и малечката застапеност на жени режисери,потпишаа договор за што поголема родова рамноправност.„ Шест филмови не е рамноправност, но ние сме на добар пат тоа да го постигнеме“ рекол Катриан.Сепак, оваа бројка е помала во однос на измината година кога во официјалната натпреварувачка програма со 17 филмови дури седум беа режирани од женски режисери.
Оваа година , како што веќе споменавме, во главната програма се наоѓаат 18 филмови од 18 земји, вклучувајќи ги и копродукциите.Од нив дури 16 ќе ја имаат својата светска премиера а еден од нив е документарен.
Најзвучни имиња на годинешниов фестивал секако се: Абел Ферара кој во Берлин доаѓа со својот најнов филм „Сиберија“, еден енигматичен и такаречи експериментален филм во кој настапува неговиот редовен актерски соработник Вилијам Дефо, и британската режисерка Сели Потер која доаѓа со мозаичната драма „ Неупотребениот пат“ во кој настапуваат: Хавиер Бардем, Селма Хајек, Ел Фенинг, Бранка Катиќ и Лора Лини.
Во програмата се наоѓаат и тројца важни режисери кои доаѓаат од Азија.тоа се: тајванецот Тсаи Минг – Лијанг со филмот „ Денови“, кореанецот Хонг Санг – Со ( кого не без причина го викаат корејски Вуди Ален ) со филмот „ Жената која избега“ кој преставува хумористична драма и режисерот од Камбоџа Рити Пан кој со својот најнов филм „Озрачени“ го продолжува својот десетогодишен проект од низа филмови кои се занимаваат со геноцидот на Црвените Кмери.Тој за својот нов документарец вели „дека за доброто на човештвото мора да ги разберете различните облици на зло и дека злото зрачи толку што стигнува до идните генерации“.
Домаќинот на фестивалот , Германија, е застапена со два филма. Едниот од нив е на ветеранот Кристијан Пецолд . Филмот носи наслов „ Ундине“. Вториот е еден помлад автор со авганистанско потекло, Бурхан Курбани, кој ќе се престави со адаптацијата на еден од највлијателните романи на 20 век„ Берлин Александарплац“од Алфред Доблин кого своевремено го екранизираше Фасбиндер.Новата верзија е осовремена и се случува во денешна Германија.
Американците на фестивалот во Берлин доаѓаат со два филма кои веќе биле прикажани на други фестивали. Првиот , насловен како „ Првата крава“ на режисерката Кели Речард беше прикажан на фестивалот Трибека во Њујорк а вториот „ Никогаш , ретко, понекогаш, секогаш“ на режисерката Елиза Хитмен беше прикажан на Санденс филмскиот фестивал.
Од Иран доаѓа филмот „ Таму нема зло“ во кој режисерот Мохамед Расулов се осврнува на современиот филозовски концепт на „ Баналноста на злото“ на Хана Арент.Интересно е да се спомене дека овој филм е забранет за прикажување во Иран.
Куриозитет во годинешната програма преставува рускиот филм„ ДАУ Наташа“на рускиот режисер Илја Кржановски и германската долгогодишна мејкап артистка Екатерина Ертел кои , според многумина , го направиле најконтроверзниот филм годинава.Најпрвин, ДАУ бил започнат како биографски филм за славниот советски физичар , нобеловецот, Лев Ландау, за потоа да прерасне во своевиден уметнички риалити со епски размери.За потребите на филмот, Кржановски во украинскиот Харков од 2009 до 2011 изградил филмски сет на 12 хектари кој бил реплика на ДАУ. Всушност станува збор за животот во еден изолиран таен Советски институт за истражување, каде што заради однесувањето на Наташа ќе реагира државната безбедност.Во текот на четири години Кржановски снимил 700 часови материјал. Дау како инсталација бил преставен во центарот Помпиду во Париз, а во Берлин ќе бидат прикажани два од 14 те кино филмови кои би требало да произлезат од овој монструм – проект.
Освен овој, на фестивалот ќе бидат прикажани уште неколку биографски филмови меѓу кои и италијанскиот филм„Сакам да се сокријам“ на режисерот Џорџо Дирити во кој се говори за познатиот италијански сликар наивец Антонио Лигабу.
Познатиот француски режисер Филип Гарел ќе се натпреварува со француско швајцарската копродукција „ Сол на солзи“а режисерите Беноа Делепин и Густав Кервен со француско белгиската копродукција „ Избришете ја историјата“.
Од јужна Америка доаѓаат филмовите „ Натрапникот“ на режисерката Наталија Мета кој преставува аргентинско мексиканска копродукција и „ Сите мртви“ бразилско француска копродукција во режија на Каетано Котордо и Марко Дутра.
„ Филмовите претежно имаат мрачна страна, а тоа е веројатно заради тоа што остварувањата кои ги биравме , гледаат во сегашноста без илузии, не за да се предизвика страв, туку да се отворат очите„ велат организаторите за годинешниот избор на филмовите.
Претседател на годинешното жири е познатиот актер Џереми Ајронс а од другите членови ќе ги споменеме уште и француската актерка Беренис Бежо, италијанецот Лука Маринели, американскиот режисер Кенет Лонерган и бразилецот Клебер Медонса Филино.
Втората натпреварувачка програма „ Панорама“е посветена на новите филмови на етаблирани режисери, дебитантски филмови и откритија, со фокус на силни авторски визии.Филмовите кои се прикажуваат во оваа програма конкурираат за наградата која ја доделуваат повеќе од 20000 посетители на Берлиналето како и за наградите кои ги доделува посебно независно жири.
Во програмата „ Панорама “ оваа година ќе бидат прикажани 25 филмови на познати режисери а меѓу нив и српскиот филм на познатиот режисер Срдан Голубовиќ „ Татко“ во кој главната улога ја толкува Горан Богдан. Ќе биде прикажан и хрватско швајцарскиот филм „ Маре“ на режисерката Андреја Штака кој е снимен на хрватски јазик во околината на Дубровник во кој настапуваат Марија Шкаричиќ и Бојан Навојец.
Во програмата „ Панорама документ“селектирани се 11 документарни филмови.
Програмата „ Берлинале спешл“содржи 20 филмови од најновата светска продукција. Во рамките на оваа програма меѓу другите ќе биде прикажан и биографсскиот филм „ Шарлатан“ на славната полска режисерка Агњешка Холанд кој говори за Јан Миколашеку , славниот чешки надрилекар кој лечел и англиски кралеви и партиски функционери , за на крајот да настрада во еден монтиран процес. Тука е и компјутерски анимираниот филм „ Онвард“ во режија на Дан Сеанлен во продукција на компанијата Пиксар како и најголемиот италијански хит во оваа година „ Пинокио“ во режија на Матео Гароне со Робрто Бењини во улогата на Гепето.
По повод 70 иот роденден воведени се и две нови програми, и тоа: „ Пренос“за која директорот Карло Катриан покани седум филмски автори кои оставиле трага на Берлиналето и да одберат автори со кои би сакале да одржат јавни дискусии.
Втората програма „ Случувања“ има за цел да даде подршка на новите гласови во филмот. Меѓу 20те филмови е селектиран и романскиот филм „ Малмкрог“на режисерот Кристи Пуиу во кој Македонија е копродуцент.
За разлика од лани кога на фестивалот во натпреварувачката програма го имавме филмот на Теона Митевска
„ Господ постои, името и е Петрунија“,оваа година имаме само двајца преставници во Талент кампус, режисерот Ханис Багашов и актерот Стефан Вуисиќ.
Овој фестивал се одржува од 1951 година и се смета за најпосетениот филмски фестивал на светот со 274000 продадени влезници годишно.
На фестивалот се доделуваат наградите Златна мечка за најдобар филм, Гран при на жирито, како и Сребрени мечки за најдобар режисер, актер, актерка, сценарио и филмска музика.
Од 1992 година на овој фестивал се доделува наградата Теди за филм кој за тема ја има ЛГБТ популацијата.
Организаторите на фестивалот оваа година соопштија дека ја повлекуваат наградата Алфред Бауер, именувана по некогашниот директор на фестивалот, по откривањето дека бил поврзан со нацизмот.
За разлика од сродните фестивали од А категорија ,Кан и Венеција, кои ги красат присуството на голем број на филмски ѕвезди, фестивалот во Берлин е многу поскромен во тој поглед . Повеќето ѕвезди кои ќе дојдат на фестивалот ќе дојдат или како дел од програмата или поради почесната награда како онаа што ќе и биде доделена на актерката Хелен Мирен која ќе и биде доделена на затворањето на фестивалот на 29.февруари , кога ќе биде одржана церемонијата на доделувањето на наградите на годинешните добитниците .Фестивалот завршува во недела на 1. март.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк