Во саботата на 9. септември, со церемонијата на доделувањето на наградите заврши годинешното 74 издание на Венецијанскиот филмски фестивал ,инаку најстариот филмски фестивал во светот. Оваа година во трката по наградата „Златен лав“ се натпреваруваа 21 филм од сите страни на светот.
Според известувачите од годинешниот фестивал, Венеција оваа година според квалитетот на прикажаните филмови го надмина годинешниот Кански филмски фестивал.
Во рамките на сите званични програми годинешниот фестивал беа прикажани над 200 филмови со мошне висок квалитет.
Како што е познато годинешното жири кое ги оценуваше филмовите од главната натпреварувачка програма , го предводеше американската актерка Анет Бенинг а во него учествуваа и режисерите Мишел Франко, Едгар Рајт и тајванецот Јон фан, актерките Ребека Хол, Ана Муглалис и Јасмин Тринка.
Жирито за најдобар филм го прогласи научно фантастичниот филм „ Обликот на водата“, посветен на љубовта , во режија на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо, кој одамна живее и создава во Холивуд. Добитникот на годинешниот „Златен лав“уште од самиот почеток на фестивалот важел за еден од фаворитите . Тој освои високи оценки од страна на критиката и публиката која мошне емотивно реагирала на љубовната приказна помеѓу една девојка и едно чудовиште.
Дел Торо примајќи ја наградата од рацете на председателот на фестивалот Паоло Барата ќе рече дека наградата им ја посветува на младите латино американски режисери.
Интересно е да се спомене дека победничкиот филм , според многумина познавачи на филмот, преставува идејно неоригинална но дизајнерски усовршена верзија на стариот руски филм од 1962 година „ Човекот –амфибија“на режисерите Владимир Чоботарјов и Генадиј Казански кои тие го направиле според романот на Александар Бељајев.
Жирито оваа година имало навистина тешка задача бидејќи во натпреварувачката програма имало навистина голем број на квалитетни филмови меѓу кои мошне добри оценки добиле и филмовите на Џорџ Клуни „ Субурбикон “ и „ Мајка“на режисерот Дарен Аронофски, кои важеле за големи гаворити до самиот крај. Сепак според мислењето на многумина наградите ги добиле филмовите за кои најмногу се зборувало и пишувало.
Така, „Сребрениот лав“ односно наградата на жирито , му припадна на израелскиот режисер Самоел Моаз за неговиот филм „ Фолкстрт“, еден возбудлив филм кој режисерот го направил како драмски триптих кој говори за судбината на еден татко и син.
„Сребрениот лав“за најдобра режија му припадна на белгискиот режисер Гзавие Легранд за неговиот дебитантски филм „До затворот“во кој на еден визуелен снажен начин говори за темата на насилството во семејството. Добитникот на наградата не можеше да ги сопре солзите од преголема возбуда и радост и едвај искажа некоклу зборови на благодарност до неговите соработници и до жирито. Инаку овој филм се закити уште со една награда.Имено, жирито за доделување на наградата„ Лав на иднината„ која преставува награда за најдобар дебитански филм , која го носи името на Луиѓи де Лаурентис , му ја додели токму на Гзавие Легранд.
Наградата за најдобра машка улога , именувана како „ Пехар Волпи“ , сосема заслужено ја освои палестинскиот театарски актер Камел ел Баша ,за извонредно одиграната улога на Јасер , во мошне добриот либански филм „ Навреда“ на режисерот Зијад Дуерија. Инаку, ова е негова прва улога на филмското платно.
Британската актерка Шарлота Ремплинг ја освои наградата за најдобра женска улога која таа ја оствари во филмот „ Хана“ на режисерот Андре Палаоар.Таа во филмот го отелотворува ликот на Хана, осамена и од семејството оставена жена која насобраниот бес и страдање го лечи со часови на глума.
Наградата за најдобро сценарио му припадна на британецот Мартин Мекдонаг за приказната од неговиот филм „ Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, кој ги освоил симпатиите и на публиката и на критиката.
Специјалната награда на жирито отиде во рацете на австралискиот режисер, Абориџанецот Ворвик Торнтон , за ангажираниот филм „ Слатка земја“, во кој тој се занимава со темата на расизмот кон припадниците на австралиските домороци.
Наградата која го носи името на легендарниот италијански актер Марчело Мастројани, а која му се доделува на млад актер или актерка, му припадна на младиот актер Чарли Пламер за улогата во филмот „ Леан он Пете“ на британецот Ендрју Хејг.
Во втората по важност натпреварувачка програма „ Хоризонти “ за најдобар филм , жирито предводено од познатиот италијански режисер Ѓани Амелио,го прогласи остварувањето „ Нико,1988“ на италјанската режисерка Сузана Никарели.
Во оваа конкуренција , наградата за најдобра режија ја доби Вахид Џаливанд за супериорниот ирански филм „ Нема датум, нема потпис“.
За најдобра машка улога наградата токму за улогата во овој филм му припадна на Навид Мохамадзадех, додека наградата за најдобра женска улога во оваа програма и припадна на младата алжирска актерка Лина Кудри за улогата во филмот „ Добра среќа“.
Оваа година беше востановена нова натпреварувачка програма именувана како „Виртуелна стварност“.Прв победнички филм во оваа програма стана американскиот филм „ Арденовото будење“ на режисерот Јуџинг Чунг.
Во програмата „ Класици“ победи полскиот филм „ Принцот и Дибук“ на режисерите Елвира Њивера и Пјотр Росоловски.
Годинешниот фестивал во Венеција беше затворен со проекцијата на најновиот филм на култниот јапонски режисер Такеши Китано „ Outrage Coda”.
И така ,заврши уште едно издание на најстариот филмски фестивал во светот кој во последните години на својата програма презентира филмови кои стануваат главни кандидати во трката по Оскарите. Дали тоа ќе се случи и со некој од филмовите од годинешната селекција , ќе дознаеме наскоро.
Пишува: Ѓоко Симјаноски