Оскарот е највредната награда во светот на филмот која се доделува на почетокот на секоја календарска година.
Иако до доделувањето на оскарите има шест месеци веќе започнаа да се вртат имињата на потенцијалните кандидати за ова високо признание. Поголемиот дел од филмовите кои се најавуваат како кандидати ќе бидат прикажани на предстојните филмски фестивали кои ќе се одржат во периодот што е пред нас . Така веќе на 2 септември во Венеција започнува 72 .издание на најстариот филмски фестивал а веднаш потоа и 40. издание на филмскиот фестивал во Торонто, па оној во Њујорк, Сан Себастијан , Лондон…На сите нив своја премиера треба да доживеат поголем број од филмовите чии наслови се потенцијални кандидати за наградата Оскар. Дали тоа и ќе бидат останува да видиме во периодот што е пред нас.Овие денови во светскиот печат беа објавени имињата на десетина филмови за кои се говори како за потенцијални оскаровци.Нив ќе ви ги преставиме во две продолженија.
ВРАЌАЊЕ
Годинешниот оскаровец ,мексиканскиот режисер Алејандро Гонзалес Ињариту, кој го освои оскарот за режија за филмот „ Човекот птица“ , со својот најнов филм „Враќање“ повторно ќе атакува за највисоката награда . Овојпат тој ја реализира авантуристичката драма која е инспирирана од вистински настан кој се случил во 1820 година кога граничарот Хју Глас бил брутално нападнат од мечка и бил оставен такаречи мртов во дивината без да му помогнат ловџиите кои биле дел од тимот кој ловеле дивеч.Филмот всушност преставува приказна за моќта на човечкиот дух за преживување. Овој мошне амбициозен проект за кого сценариото го напишал самиот Ињариту според новелата на Мајкл Пунке , имал буџет од 135 милиони долари. За големите амбиции на овој филм говори и составот на актерската екипа која е предводена од Леонардо Ди Каприо кој го толкува ликот на Хју Глас. Тука се уште и новата ѕвезда во подем ,Том Харди,Пол Андерсон, Вил Поултер, Лукас Хас,Брендон Флечер и други.Дали Леонардо Ди Каприо со оваа улога конечно ќе дојде до Оскарот ,останува да видиме. Инаку тој досега има пет номинации за оваа награда но ниту еднаш не ја освоил.Интересно е да се спомене дека во филмот нема ниту еден женски лик.
СТИВ ЏОБС
Уште еден режисер оскаровец е еден од потенцијалните кандидати во трката по престојните оскари. Се работи за англискиот режисер Дени Бојл кој во 2009 година го доби оскарот за режија за филмот „ Милионер од предградието“.Неговиот најнов филм „ Стив Џобс“ преставува уште еден биографски филм за еден од најгенијалните луѓе на модерното дигитално време.Велиме уште еден ,бидејќи пред две години беше реализиран филмот „ Џобс“ кој говореше за почетоците во кариерата на овој модерен гениј. Во најавата за филмот на Дени Бојл стои дека филмот говори за врските на Стивен кој тој ги имал со седум луѓе кои биле значајни во неговиот живот како што се Лиза –Бренан Џобс и Стив Возниак.Ликот на Стивен Џобс го толкува Мајкл Фасбендер а тука се уште и Кејт Винслет, Сет Роген, Кетрин Ватерстон,Џеф Дениелс и други. Филмот е реализиран врз основа на биографската книга „ Стив Џобс “ од Волтер Исаксон од 2011 година. Премиерата на филмот е закажана за 9 октомври .Според составот на екипата која стои зад овој филм реално е да се очекува тој да предизвика интерес и кај публиката и кај критиката.
ЦРНА МИСА
Меѓу потенцијалните кандидати за следните награди Оскар се наоѓа и биографската криминалистичка драма „ Црна миса“.Се работи за екранизација на книгата што ја напишал Дик Лер а која говори за Вити Булгер ,ирски криминалец од Бостон кој бил осомничен за силување и грабеж.Поголемиот дел од животот тој го поминал во затвор. Кога го напуштил затворот „ Алкатраз“ тој му се вратил на стариот начин на живот правејќи си место во светот на организираниот криминал.Но, во истовреме тој бил и кодош на полицијата, разоткривајќи ја италјанската мафија.Тој и неговиот другар Стив Флеми ,им просредувале информации на агентите на ЕФБИ АЈ,Џон Џ. Конели и Дик Морис. Следувале неколку медиумски добро покриени апсења,додека во истовреме Булгер продолжил да се искачува по скалилото на најмоќен криминалец во Бостон.Режисер на филмот ,чиј буџет изнесувал 65 милиони долари ,е Скот Купер. Во филмот настапуваат Џони Деп, кој е такаречи непрепознатлив, потоа Бенедикт Камбербеч,Дакота Џонсон ,која се прослави со настапот во филмот „50 нијанси сиво“,Џоел Едџертон, Кевин Бејкон, Петер Сарскаг и други. Дали со оваа улога Џони Деп конечно ,по трите номинации кои ги имаше досега , ќе стигне до оскарот ќе дознаеме наскоро доколку се обистинат предвидувањата дека овој филм ќе биде потенцијален кандидат во трката по оскарите.Филмотќе биде прикажан на предстојниот Венециски филмски фестивал надвор од конкуренција по наградата Златен Лав.
ЕВЕРЕСТ
Мошне познатиот исландски режисер Балтазар Кормакур кој во 2000 година се прослави со наградуваниот филм „101 Рејкјавик “ наскоро ќе се престави со својот најнов филм „ Еверест“кој преставува авантуристичка драма со елементи на трилер.Се работи за приказна која говори за една алпинистичка експедиција во поход на Монт Еверес , чии членови ќе бидат десеткувани по неколку силни снежни бури и лавини.Во филмот настапува мошне атрактивна актерска екипа предводена од Џејк Гиленхол.Тука се уште и Кира Најтли,Елизабет Дебицки,Робин Врајт, Џејсон Кларк,Џош Бролин, Сем Вортингтон, Емили Вотсон ,Мартин Хендерсон …Ако веќе се смета за потенцијален кандидат во трката по оскари тогаш сигурно се цели кон некој од оскарите во техничките категории. Но, нели сеуште е рано да се носат предвремени заклучоци .Се’ ќе стане појасно по неговото премиерно прикажување на 2 септември на отворањето на 72 издание Венецискиот филмски фестивал.Веднаш потоа филмот ќе биде прикажан и на фестивалот во Торонто.
ДАНСКА ДЕВОЈКА
И филмот „Данска девојка “ својата светска премиера ќе ја доживее на 5 септември на фестивалот во Венеција каде ќе биде дел од званичната програма на фестивалот во трката по главната награда Златниот Лав.Главната улога во филмот ја толкува годинешниот добитник на Оскарот за главна улога Еди Рејдмен кој можеби со улогата во овој филм повторно ќе се закити со ова високо признание. Овој пат тој го игра ликот на Ејнар ,сопругот на данската сликарка Герда Венегер која во Копенхаген во раните дваесети години од изминатиот век ќе направи негов портрет каде тој е облечен како жена.Сликата доживува огромен успех по што Ејнар одлучува да има женски изглед. Тој го менува своето име во Лили Елбе. Со подршка на својата сопруга работата не застанува тука…Режисер на филмот е англичанецот Том Хупер кој во 2011 година го доби оскарот за најдобра режија за филмот „Говорот на кралот“.Во филмот покрај споменатиот Редмејн настапуваат уште и Алисиа Викандер, Амбер Хеад, Себастијан Кох, Бен Вишов и други.Филмот со право се очекува да биде потенцијален кандидат за оскар пред се’ заради режисерот Хупер и носителот на главната улога Еди Редмејн кој покажа дека извонредно се снаоѓа во улогите на вистински личности. Потстување ,Редмејн го освои оскарот за толкување на ликот на Стивен Хокинг во филмот „ Теорија за се’„
Автор: Ѓоко Симјаноски/ Публицитет.мк