Атлетски Клуб “Охрид” заедно со Атлетската Федерација на Македонија на 28 април за прв пат годинава ќе организира Меѓународен Меморијален атлетски митинг “Влатко Димитров” во чест на проф. Влатко Димитров долгогодишен тренер на Атлетски Клуб “Охрид” и секако еден од најзаслужните за сите успеси на клубот а и општо на македонската атлетика.
-Димитров остави неизбришливи траги во историјата на македонската атлетика и како тренер на Атлетски клуб “Охрид” и како долгогодишен селектор на Атлетската репрезентација на РМ затоа сметаме дека на овој начин барем малку ќе му се оддолжиме за постигнатото за атлетиката во Охрид и Македонија. Идејата за организација на ваков митинг е уште од минатата година а оваа година од скоро официјално е внесена во календарот на натпревари на АФМ и понатака ќе биде традиционален во последната сабота на месец април секоја година, вели Пецо Неданов, претседател на Атлетскиот клуб „Охрид“.
Дисциплините во машка и женска конкуренција ќе бидат следните: 100м,400м,1500м,3000 стиплчез, скок во далечина, скок во височина, фрлање ѓуле, диск и копје, а како меморијална дисциплина на митингот одлучивме да биде скок во далечина во која дисциплина покојниот Димитров имаше најмногу успеси во својата долгогодишна кариера па и ден денес неговите атлетичари држат рекорди на Македонија. Организаторот се труди да обезбеди скромен награден фонд за таа дисциплина додека за останатите дисциплини АФМ ќе обезбеди медали и дипломи.
Публицитет.мк