Нашето незнаење е големо и не го познаваме доволно сопственото битие. Како најчеста последица од непознавањето на своето битие е неразбирањето што предизвикува многу проблеми.
Колку пати не сме се разбрале со другите и сме се искарале со тие што најмногу ги сакаме, колку пати сме ја почувствувале човечката неблагодарност и самотијата? Сетете се колкупати поради тоа сте се повлекле во себе и повторно сте се обидувале да ги разберете другите со желба и тие да ве разберат? Многупати сте се обидувале и исто толку пати сте се откажувале.
Таквите односи го наметнуваат правилото и ние да бидеме како и другите, правдајќи се дека и другите така работат. Тогаш и ние стануваме проблем за другите и не сме повеќе жртва. Тогаш она што е најчовечко останува длабоко зачаурено во нас без можност да се развива. Ако во овие односи сакаме да го истакнеме најважниот збор, тоа би бил зборот љубов. Познато е од минатото дека сите оние кои дошле на повисоко ниво на сознание за нашата духовна вистина имале заедничка особина – биле учени да сакаат (Хаксли). Јапонците велат дека сите патишта водат на планината Фуџи, ама само еден до неговиот врв, а тоа е љубов. Што повеќе сме подготвени да сакаме тоа сме поблиску до сознанието. Тие што мразат, од таа омраза не ја гледаат стварноста и талкаат во темницата на незнаењето.
Љубовта претставува основен градежен материјал внатре во нас и меѓу нас. Човекот со својот труд го открива знаењето и станува свесен на искрата на универзалната љубов што е во него и на неговата мисија од искра да направи факел што ќе му го осветлува патот. Одејќи по патот осветлен со светилка од љубов, подобро се гледа и се сознава вистината за нашата духовна стварност.
Ако е виното весник на сонцето на кое грозјето созрело, тогаш луѓето се весник на љубовта што ги изнедри, створи.
Сократ и неговите сопатници биле уверени дека преку разговор може да се дојде до вистината за себе. Затоа толеранцијата е сфатена како основа што го овозможува траењето на разговорот. Толеранција е став, а трпеливоста е однос. За ставот нема ограничување, за односот има. Целта на разговорот е да се дојде до вистината.
Вистината ја бараат тие што не знаат каде е. Ако некој смета дека вистината се наоѓа кај него ќе смета дека разговорот не е потребен. Соговорниците тежнеат да ја сознаат вистината внимателно слушајќи се. Ако сме толерантни подобро ќе го разбереме соговорникот кој за иста работа зборува поинаку од нас.
Во прилог кон ова сознание оди фактот дека сите луѓе се браќа, дека имаат исти потреби и би требало да имаат и исти услови, заедно со другите, да ги остваруваат. Еден од основните услови за тие сознание да се остварат е запознавајќи се себеси да ги запознаваш другите.
Барајќи ја вистината за своето битие, луѓето забележале дека внатрешните извори на среќа се најдобри, односно дека единствено вистинско богатство е богатството на душата.
Што всушност е вистина? Некогаш ни е мила (кога е наша); некогаш не е (кога е туѓа), понекогаш сама по себе предизвикува тага, среќа или рамнодушност. Тоа ќе го знеме кога туѓата вистина ќе ни биде мила како своја.
Поради големото незнаење што се манифестира и кон вистината, понекогаш ни се чини дека добрината не е можна, дека праведноста е недостапна и дека е невозможно да се биде добар што, за наша среќа, не е така. Тие вредности сосема не се остварливи, ама тешко на оној кој кон нив не тежнее.
Најголем дел од сознанијата се сведуваат на тоа дека сме природа и дека сме целина и врвно дело на Створителот. Истражувачите упатуваат дека атрибутите на Створителот треба да се бараат во себе, во природата, космосот и во нивното единство.
Затоа сè повеќе има организации што се залагаат за чување на природата, свесни дека со нејзиното уништување се уништуваат себеси и сите живи суштества. Луѓето несовесно и неморално се однесуваат кон сето она што Створителот им го дарувал, на своја штета и на штета на сè она што е створено. Тоа зборува дека најголемиот број од луѓето не знаат да се гледаат во најчистото огледало и на тој начин да ги бараат одговорите за своето духовно битие и своето потекло. Многумина не знаат дека тоа, како такво, постои. Сè што е речено за дуализмот како основна карактеристика на нашето битие, се наоѓа и во природата. Светлина и темнина, топло и студено, црно и бело, раѓање и умирање, добро и лошо…
Секое растение никнало од некое семе, има корен и крошна. За разлика од крошната, коренот не се гледа. Една мудрост вели: Ако ја сакаш крошната, мисли на коренот.
И во природата тоа што не се гледа е поважно од тоа што се гледа. Исто како и кај луѓето. Ако ја скинеме крошната таа повторно ќе порасне. Ако го скинеме коренот, крошната ќе се исуши и никогаш повеќе нема да ја има.
Растенијата се хранат преку коренот и си растат, листаат и процветуваат кога сонцето ќе ги огрее. Оние што се изложени повеќе на сонцето побрзо цутат и даваат квалитетни плодови. Интересно е дека во најголемиот број на плодовите или цветовите се наоѓаат новите семиња од тие растенија. Во природата луѓето го препознаваат доброто како и лошото. Земјотресите, поплавите, големите топлини и студ, многуте животни што меѓусебно се убиваат… Правилата што ги препознаваме во природата ја стеснуваат можноста дека се работи за случајност.
И во животинскиот свет се забележуваат истите законитости. Постои совршена креација и склад во природата. И животните се раѓаат и умираат како растенијата и луѓето. Забележуваме дека дабарот се раѓа со знаење да прави брана, пчелата да собира мед… за тоа да го научат не морале да одат во училиште. Сè укажува дека постојат правила што важат во природата, без никакви можности да ги менуваме, да ги догматизираме и до крај да ги објасниме. Некои искуства, стари со илјадници години, укажуваат на постоење на таквите законитости што му ги препишувале на Створителот, на неговата мисла, волја и креација.
Нашата куќа, планетата Земја, се наоѓа во Космос и се врти околу својата оска 1670 км/ч, а околу Сонцето шеесет пати побрзо. На патот околу Сонцето секој 30 км Земјата отстапува од својата патека за 2,8 мм. Ако отстапувањето би било 3,1 мм, сите би изгореле или ако е 2,5 мм, сите би смрзнале.
Замислете го Универзумот со повеќе милијарди ѕвезди и галаксии што се движат по својата патека со голема брзина во голем ред и хармонија. Научниците тврдат дека за тој ред многу придонесува тоа што небеските тела истовремено се вртат околу својата оска и внатре во својот систем. Дека не е само вртењето во прашање еве што за тоа напишал Њутн:
Тоа зачудувачко разместување на Сонцето, планетите и кометите може да биде само дело на едно семоќно и премудро битие… не мислам дека гравитацијата може да биде објаснета само со природни причини, туку сум принуден тоа да му го препишам на промисленоста и одлуката на некоја свесна сила… дека движењата на планетите не се резултат само на природни причини, туку ги движи некоја интелигентна сила… Да може сето тоа да се постави во меѓусебен однос и сето тоа да се направи, претпоставува дека тој не е ниту слеп ниту случаен туку добро упатен во механиката и геометријата.
Во секој случај на патот кон вистината за своето битие, главна пречка се егоизмот и незнаењето. Кога во доволна мерка ќе ги совладаме овие две пречки ќе знаеме дека духовното е поважно од материјалното и дека се дел од целото. Тогаш ќе ни биде поважно каква ни е душата отколку каква ни е краватата. Тогаш ќе ни биде поважен мирисот на розата од нејзината боја.
Не знам, ама затоа верувам, како оние пред мене, овие сега и оние што подоцна ќе дојдат дека ги чувствувам Законите на Створителот. Тоа што го знаат сите – патувањето почнува на крајот (по смртта), па не ви требаат чевли, не морате да се пакувате, подготвувате, превозот е организиран и само чекате да ве повикаат.
Материјалното доаѓа и понекогаш за момент исчезнува, ама душата останува и нејзе не можеме да ја изгубиме. Чувајте ја, нејзината вредност е немерлива.
Крај.
Пишува:
Академик д-р Миле Миќуновиќ од Охрид
Објавените текстови во рубриката АРГУМЕНТИ ЗА …
на „Публицитет.мк “ се лични ставови на авторите,
а не на редакцијата.
Публицитет.мк