Уште во заедницата на племиња, борејќи се за вода, за храна, за сојузници, во некоја одамнешна верзија на фарма, се поштевавме (чистење глава) од болви и постепено ја развиваме софистицираната социјална интелигенција, поточно склоноста кон озборување.
Ако ги погледнете насловните страници на дневните весници, ќе забележите дека се полни со озборувања на познати и на „познати“. Се чини дека е поголема веста за испаѓањето на брадавицата од градата на Бјонка (Beyonce) отколку земјотресот што однесол 400 човечки жртви во Тибет. Но, зошто луѓето тоа го читаат? Што ќе се промени во нашиот живот, ако знаеме дека се променило нешто во животот на особата која ја познаваме само од малите или од големите екрани, или од страниците на списанијата? Биолозите велат дека 60% од сите наши разговори се однесуваат на туѓи озборувања. Значи, озборуваме сите. Постојано. Тоа не го признаваме.
Зборот „озборување“ (трач, англиски gossip) секогаш немал негативно значење. Во почетокот зборот gossip означувал кум или семеен пријател и се однесувал за оние што пренесувале вести за новостите во семејството. Во времето на Шекспир ( Shakespeaer) gossip била особа која ѝ правела друштво на родилката, скратувајќи ѝ го времето со приказни. Доброто озборување е позабавна верзија од Ламазовите вежби за дишење при породување: „Диши, диши – си ја видела ли Леди Гага, 70 тони опрема ѝ требеше за концертот, а всушност единствена желба ѝ е комплетно пластично да се оперира… браво, се јави главчето, туркај, туркај, дали ти реков дека на фарма…“
За што се зборува кога се озборува
Луѓето сакаат да слушаат и да зборуваат за другите. Франк (Frank T. McAndrew), професор по психологија, смета дека животот во малите заедници на племиња, нашите предци ги натерал да развијат софистицирана социјална интелигенција. Замислете да живеете во мала група која е присилена да се бори за извор на храна, за вода, за пријатели и за сојузници. Нешто слично како на „Фарма“. Морате да проверите кому можете да му верувате и кој би ви бил добар партнер. Тоа можеле да бидат смо оние кои можеле да го предвидат однесувањето на луѓето околу себе и кои можеле да влијаат на тоа. Прашање е дали изразот „без влакно на јазикот“ е своевидна референца на тие приматски времиња. Главно, за преживување, ни биле потребни многу приказни, завидна моќ на слушање и добра моќ на запазување. Всушност, сите сме ние деца-победници на праисториската фарма и на разни други релити-шоу, односно на суровата историска стварност. Затоа и владееме со Земјата. За жал, не многу мудро, но тоа е друга тема. Според тоа, испаѓа дека озборувањето не е толку лошо.
Ни помага подобро да се поврземе со пријателите
Озборувањето, разговорот, слушањето, размена на тајните и на приказните нè поврзуваат, ни помагаат во создавање на пријателство и го зацврстува идентитетот внатре во групата. Иако се смета дека жените се посклони на озборување, подеднакво уживаат двата пола. Истражувањата што ги вршел Франк (Frank T. McAndrew) покажале дека со радост ќе ја сослушаме и ќе ја пренесеме лошата вест за некој кој не ни е пријател исто како и добрата за некој кој ни е пријател. Мажите најмногу сакаат да озборуваат со својата партнерка, додека жените озборуваат и со пријателките. Се чини дека и мажите и жените сакаат да озборуваат за особи од сопствениот пол.
Ни помага да учиме
Повеќето луѓе подобро реагираат на приказни, а озборувањето е една форма на приказни, меѓучовечки фолклор, само што место: „Еднаш одамна…“, оди: „Дали слушна дека Тој и Тој…“. Со слушање и со прераскажување на таквите приказни ги учиме општествените норми и правилата на однесување. Учиме како да се однесуваме, односно како да не се однесуваме во одредената ситуација. Меѓутоа, треба да имаме наум дека и општествените норми се менуваат. На пример, ако видиме дека никој не ја осудил особата Х затоа што пред камерите си ги оперирала градите, со време ќе се појават уште, па не треба да се чудиме, ако тоа стане норма(лно).
Нè држи под контрола
Озборувањето може да биде и казна за оние кои ја прекршиле нормата или некоја општествена вредност. Значи, ако од претходниот пример особата Х доживее големо озборување, особата Y добро ќе размисли дали ќе оди по нејзините стапки. Не е лесно да се биде црна овца во фамилијата или особа исклучена од групата поради негативните озборувања. На тој начин општествениот притисок нè држи под контрола. Од друга страна, позитивните озборувања можат луѓето внатре во групата да ги стимулираат на соработка. Не треба да се заборави дека озборувањето има и голема разорна моќ. Луѓето, најчесто, озборуваат на штета за другите, и тоа од себични причини. И така, тешко стекнатите општествени вештини што ги наследивме од предците можат за момент да се изманипулираат и да се претворат во непријателство од кое следува бес, лутина, срам и жалење.
Зошто ги озборуваме познатите
Зошто ги озборуваме оние кои воопшто не ги познаваме, а и нема да ги запознаеме? Научниците велат дека тоа ни е „вгрдено“ во мозокот, кој има посебно место за меморирање на лица. Нашите предци морале да научаат да разликуваат пријател од непријател, но сретнувале мал број лица. За разлика од нив, ние се среќаваме со огромен број на лица, како преку лични контакти, уште повеќе преку масовни медиуми и средства на комуникации. Повеќето од нас знаат повеќе детали за славните отколку за некој од членовите на фамилијата. Затоа нашата сива маса мисли дека тие особи се битни и ги распоредуваат во фиоките фамилија и пријатели или, пак, во познати. Науката вели дека и тоа не е лошо.
Со озборување на познати се крши мразот
Како што мажите, кои не се познаваат, го започнуваат неформално разговорот со приказната за фудбалот што можеби, и не го следат, така и повеќето жени озборувањето за познатите им помага да го разбијаат мразот.
Со озборување на познатите учиме на туѓи примери
Како во Езоповите бајки, приказните за животите на познатите ни даваат приказна за успех или, пак, нè предупредуваат за неуспех. Исто така, за некои луѓе облекувањето и однесувањето на познатите им се за пример, а на други им се предупредување.
Со озборување на познатите си ја подигаме самодовербата
На луѓето со мала самодоверба може да им помогне да се споредуваат со својот идол. Но, тоа е меч со две острици. Ако се споредувате со спортист поради неговите достигнувања, тоа е добро, но ако му се восхитувате само затоа што оргија со малолетници во хотелска соба… Бескрајното восхитување и желба за приближување кон славната особа може да биде контрапродуктивно, некои одати до зависност, што моше да заврши трагично како во случајот со Џон Ленон (John Lennon), кој го убил неговиот фан Марк Давид (Mark David Chapman).
Озборувањето на познатите е издувен вентил
Луѓето кога ги озборуваат славните на некој начин и ги критикуваат, искажувајќи завист или несогалсување со нивниот животен избор. Што се повеќе луѓето несреќни, фрустрирани и несигурни, повеќе и ќе озборуваат.
Мака ви е од насловите во весниците? Медиумите на озборувањата заработуваат, а на луѓето им е полесно кога можат да озборуваат луѓе, а не реформите во здравството или во другите придружни појави на транзицискиот капитализам на балкански начин.
Следна недела: Зависта е корисно оружје.
Пишува
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид