Пцуење е употреба на груби, прости или вулгарни зборови. Пцуењето е форма на вербално насилство ако е насочено на свесно навредување на друга особа. Често пати е само неубава навика. Навиките се стекнуваат во раната детска возраст, имитирајќи ги возрасните. Всушност, тие возрасни несвесно ја поттикнуваат употребата на пцовката и вулгарните зборови, зашто тоа им се чини „симпатично од детската уста“, бидејќи децата не го знаат значењето на зборот што го изговараат. Понекогаш ќе се изненадите како децата несвесно ги копираат, не само пцовките, туку и ситуациите кога возрасните пцујат.
Возрасните пцујат кога се лути, кога нешто не им трга од рака, кога нешто ќе им падне од рака, кога нешто ќе расипат или ќе го скршат. Возрасните пцујат и тогаш кога сакаат некого да го навредат или да го понижат. Пцовката не е само начин на навреда, туку, честопати, е израз на немоќ, замена за физичка агресија, ако противникот е физички посилен или е помоќен.
Кои се пцујачите? Иако ги слушаме децата како употребуваат прости зборови, знаеме дека тие не се пцујачи, туку ги имитираат возрасните. Ако се возите во автобус или во воз, можете да поцрвенеете слушајќи како зборуваат тинејџерите. Секој втор збор им е прост што нема никаква врска со тоа за што зборуваат. Пцовките се нивни „потпирачи“. Тие мислат дека е тоа „кул“ однесување, а всушност е недостаток на смислен текст, резултат од сиромашен вокабулар зашто денешната младина многу малку чита. Наместо читање на убава литература, тие консумираат третокласирани филмови, евтини увозени филмски и ТВ продукции, во кои филмските ликови зборуваат во сленг, пцујат, припаѓаат на необразована популација, на млади општествени разбојници.
Гледајќи низ историјата, пцовките биле различни „табу“ зборови, но, иако забранети, се нашле по ѕидовите на многу старите градови, како што се Помпеја и Херкуланеум. Како пцовка можат да бидат употребени зборови што означуваат делови од човечката анатомија, глаголи што означуваат сексуални работи, глаголски именки што опишуваат некоја физиолошка потреба, како и означување на луѓето со животински видови. Налутените возачи на другите возачи им упатуваат зборови како: „волу“, „коњу“, „козо“, „кокошко“…, иако тие зборови, сами по себе, не се ништо навредливи и прости, ама во контексот одредуваат ситуација, алудирајќи дека соодветната личност не се однесува разумно, човечки, туку има пониска интелегенција итн. Навредливо е припадниците на други нации или раси да се нарекуваат со погрдни називи, како, на пр.: „Циганин“, наместо Ром, или „црнчуга“ наместо Афроамериканец.
Фантазери
Во секојдневните ситуации луѓето меѓесебно се навредуваат, нарекувајќи се со медицински дијагнози, како „идиот“ и „кретен“, се испраќаат еден на друг во делови на телото во кои не можат да влезат. Иако во нашиот јазик има сосема пристоен број на пцовки и погрдни зборови, велат дека од нас пофантазери се Унгарците, а не заостануваат ниту Шпанците и Италијаните. Познавачите на европските јазици велат дека во тој поглед, без фантазија се Германците, дури и Французите. Првите мислат дека се многу прости ако некого го испратат во задница, а другите ако на некој му кажат дека е „лајно“ или дека е „рогоња“.
За луѓето што пцујат велиме дека се вулгарни, невоспитани, дури и необразовани. Колку тоа нема врска со образованието можеме да се увериме слушајќи ги разговорите во кафулињата или на јавни места каде што се собрани уредно облечени деловни луѓе или студенти, идни академски граѓани. Пцујат, опишувајќи некој спортски натпревар, коментирајќи некои потези од владата, презборуваат дневни случувања и сосема е јасно дека меѓу себе не се навредуваат, ама употребуваат помалку или повеќе сочни пцовки за да го зголемат влијанието на своите зборови или за да го изразат повпечатливо својот став.
Велат дека некои професии повеќе пцујат од другите. Градежниците подобро се разбираат ако на крајот на реченицата пцујат. Исто така, и спортистите пцујат зашто се во стресни состојби, па пцовката има улога на катализатор. Подобро е на спротивниот играч да му ја пцуеш мајката отколку да му се скрши ногата, а да не зборуваме што би им се случило на спортските судии да им пресудат со тепање поради пристрасното судење на натпреварот.
Во некои професии пцуењето и употребата на вулгарни зборови не доаѓа во обѕир. Такво е, на пример, професорското и учителското звање. Поради воспитувањето на децата и на младината, нивниот речник и нивното однесување мора да биде за пример на идното поколение.
Почитувај ги другите, почитувај се себеси
Непримерно е луѓето на повисоките позиции своите потчинети да ги омаловажуваат, да им се обраќаат со непристојни зборови или со пцовки. Оправданата критика на нивната работа можат и мораат да се изразат на човечки начин, не навредувајќи го нивното достоинство. Меѓучовечките односи, често, се многу комплицирани, оптоварени со емоции и со различни општествени положби, сукоб на интереси, а се менуваат од ситуација во ситуација.
Не можете подеднакво да се однесувате со луѓето со кои сте во работен однос, како и со оние со кои ве поврзувааат семејни или пријателски врски. Додека на работата владее коректно и создржано однесување, опуштената семејна и пријателска ситуација дозволува поголема интиомност и помалку формално однесување. Тоа, сепак, не значи дека кон своите блиски луѓе можеме недолично да се однесуваме, нив не смееме да ги омаловажуваме. Почитувајќи ја личноста на секој свој соработник, на членот на семејството или на пријателот, покажуваме дека и самите имаме самопочитување.
Несигурните и искомплексираните личности ја користат својата положба за на другите да им го наметнат своето мислење и како би владееле со она што го немаат, било да се работи за стручност, социјална моќ или почитување.
Скоро сите пцуеме, барем понекогаш. Проверете како тоа вие го правите.
Следна недела: Со плачењето ја олеснуваме „својата душа“.
Пишува
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид