Разликата меѓу директното љубовно шепотење – уста на увце – и љубовните смс пораки, еднакво е на разликата меѓу љубов и секс.
Текстинг (од анг. texting) е размена на текстуални пораки со користење на мобилни уреди со минимум знаци за пренос на максимум информации. Главна форма на испраќање пораки стана СМС (кратки пораки) која се здоби со популарност, особено кај младите, создавајќи ново име „txt генерација“ (текстинг генерација).
Кога некоја жена во 4 часот наутро пишува смс пораки наместо да му шепоти на увце на човекот што го сака, што се случува со неа? Ако пак нејзиниот партнер, одговарајќи на пораката, секоја ја започнува како поет, а ја завршува како гинеколог, што се случува со него?
Ваков тип на комуникација претставува уште еден доказ на пропаѓањето на традиционалното. Девет од десет пораки ги пишуваат и ги разменуваат жените. Така се пописмени и имаат побрзи прсти, така поседуваат мотив за размена на река зборови и не губат време чекајќи да се видат па да брборат. Но, мене ме интересира дали цивилизацијата на смс пораките подразбира крај на романтиката.
Дали љубовните пораки се само привидна емотивна поврзаност? Дали буквите на дисплејот ја заменуваат предиграта? Понекогаш и целиот љубовен чин? Дали носат нови правила во љубовното однесување? Редовна фреквенција на јавување. Зашто, ако батеријата не се потроши, што прави некој шест часа ако не мисли на вас? Зашто ви е таков емоционален деликвент? Дали популарноста на љубовните смс пораки лежат на фактот дека во тој безтелесен свет е можна неказнета повеќеканална врска? Од се по малку.
Ваквата неписменост е наречена нова текстинг писменост. Повеќето чукаат наслепо. Користат готови текстови. Честопати само кратенки, или ономатопеја од типот: Хм, Аааааа, Тееееееееееее, Еееееееееј. Фактот дека може да се допишуваат на средина на часот, на состанокот, за време на возење, во кино, ресторан, од смс се прави глобална епидемија. Ако пак ви фали инспирација или време, во секој апарат имате дваесеттина готови фабрички пораки. Само кликнувате на број и пуштате, или слика или текст. Бедните крадат туѓи пораки. Швалерите рециклираат стари. Депресивните девојки ги препишуваат во посебни тетратки и ги чуваат. Таквото однесување ми предизвикува астма.
Оваа мекдоналд писменост ги кастрира мобилните телефони. Така и му треба. Апаратот што го заменил писмото, честитките, средбите, што го растурил духот на авантурата – сега е, преку смс сведен на вибратор. Сретство за раздразнување, влажење и подготовка на објектот. Тие со повеќе мечта, зборуваат. Оние со помалку мечта, препишуваат заштитени со невидливост. Отука, многу девојки подобро звучат во смс отколку во живо.
Зашто ви се нејзините букви ако не го гледате моментот кога нејзините усни стануваат предизвикувачки? Како од пораката можете да го почувствувате нејзиниот сок? Точно е да по добивањето на пораката имате време да размислувате. Не многу. Според кодексот на есемовците, ако не одговорите во рок од три минути, нема многу варијанти на заклучок. Или пишувате долга порака или се откажувате од одговорот. Молчење како нечујно лелекање на далечина. Постоење преку букви. Дух на зборови, место зборови.
Пишува
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
Публицитет.мк