• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
среда, јули 9, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home На минување

Академик Миле Д. Миќуновиќ: Празнично прославување

декември 29, 2021
in На минување
Академик Миле Д. Миќуновиќ: Празнично прославување

Празнувањето им дава значење на случувањата во нашиот живот. Тоа е прилика да му се препуштиме на уживањето со луѓето, со музиката, со движењето на телото, со песната и да ја потврдиме својата верба во луѓето и во љубовта.

Во денешново време повеќето луѓе се под психички и под физички притисок. Единствено што се посакува е добар одмор, ослободување од секојдневието за да се наполнат батериите. Секојдневието потсетува на континуирано повторување на едно исто, а ни треба потсетување дека животот не е само повторување, дека постои нешто повеќе, нешто посвето, подобро…

Однапред се радуваме на годишниот одмор, на празниците, а нивното значење го сфаќаме дури откако ќе поминат. Во трката за времето забораваме да живееме во моментот, времето ни станува непријател. Времето е пари, тоа ни е и најголема вредност. Токму затоа, прославите се важен дел за релаксирање. На нив уживаме со луѓето, со музиката, со движењето на телото, со песната… Прославата е сеќавање дека сме дел од времето, дека тоа е дел од нас, дека нема да ни избега. Го прославуваме делот од времето против кое толку многу се бунтуваме. Прославата е оживување на чувството дека не сме осамени, прославата ни ја враќа вербата во луѓето и во љубовта зашто на неа не се зборува за „лоши“ работи. Секојпат кога јадиме заедно, кога ги креваме чашите во мир и достоинство, го прославуваме сојузот што нè врзува. Прославата, значи, е и потврда на врската, во прославата гледаме дека сме дел од заедницата, намалувајќи го чувството на осаменост и на изолација.

20211229 3

Како сакаме да прославуваме

Сами си го даваме значењето на случувањата во нашиот живот. Почесто се сеќаваме на негативните доживувања и во себе го негуваме стравот и незадоволството. Тоа значи дека случувањата, вклучувајќи ги и прославите, немаат вредност, освен оние на кои ние самите им даваме значење. Затоа вистинската вредност на прославата е во негувањето на чувството на заедништво, на пријателството и на уживањето, што, по правило, носи позитивни чувства.

Честопати, празниците што вклучуваат подготовки за прослава, дополнително нè оптоваруваат, наместо да нè релаксираат. Големи се трошоците што бараат задоволување на очекувањата на другите, подготовка на јадења за одржување на традицијата и на обичаите. На крајот уживаат другите, а тие кои ја подготвуваат сакаат само добро да се наспијат (треба да се знае дека и спиењето е еден вид на прослава, само што не сме свесни).

За многумина подготовките се и уживање, посебно ако се има доволно пари и време. Основно прашање што треба да си го поставиме е: колку прославата за нас е општествена обврска, колкави се очекувањата што ги поставуваат другите или самите и кои се нашите вистински потреби? Всушност, треба да си поставиме прашање што сакаме да направиме, а не си дозволуваме поради разочарувањето на околината и слично. Затоа е битно однапред да се опуштиме, да не го условуваме сопственото задоволство поради задоволството на другите или поради совршената маса. Треба да бараме помош од своите најблиски. Многу работи можат да ни помогнат да си го најдеме посакуваното релаксирање.

Преголеми очекувања и неврози

Честопати, со прославите се поврзани и неврози предизвикани од преголемите очекувања. Преголемите очекувања, од било кој тип и во било каква околност, предизвикуваат разочарување со чувство на потиштеност. Очекувањата се преамбициозни, очекувајќи од средината топлина и пофалби какви што сме ги замислувале во сонот. Ако не се оствари замисленото – се нервираме. Тоа е истиот механизам како и кај неостварената љубов, односно кога очекуваме, кога се надеваме, кога мечтаеме, кога ги вложуваме сите адути за таа средба, за тој ден или час… А тогаш саканата особа гледа друга индивидуа со која добро се забавува, а ние остануваме сами во својата желба. За да ја пополниле таа празнина, вртиме негативни мисли за себе или за таа особа (не сум јас вреден, никогаш нема да успеам, тој е обичен женкар…).

Анксиозна невроза. Се плашиме од она што најмногу го сакаме до толкава мерка што се блокираме, предизвикувајќи чукање на срцето, телесни болки, потење и сл. За да не „паднеме“ во таква состојба, мораме да учиме да се вреднуваме себеси и да се сакаме самите такви какви што сме, а тоа во нашата култура, полна со норми и очекувања, не е лесно.

Еуфорија. Освен неврозата на стравот, со празнувањата е поврзана и еуфоријата во која лебдиме во зголемено расположение, а во себе содржи непрепознатлива напнатост и тегоба. После неколку дена во таква состојба, ни треба многу сон и мирување.

Неделна невроза. Се јавува за време на викендите и при празнувањата за време на собирањето со фамилијата, која е извор на фрустрации. Во таквите фамилии се негувааат вредности што ги наметнува општеството, традицијата или авторитетот и тука, најчесто, нема слободно изразување на чувства и на уживање. Особите што се формирани во таква средина, кои не се избориле за правото на своите потреби и своето уживање, и во другите прослави ќе биде под влијание на забрани.

Неделна осаменост. Се создава во моментот кога не сме заштитени со вообичаените обврски и тогаш почнуваме негативно да мислиме за себе, соочени со самотијата, со неисполнетите желби, со празнина. Во празнина и отапеност се создава празнична депресија.

20211229 4

 

Пејте и танцувајте зашто музиката лекува

Во сите култури повторувањето на вокалите има големо значење за рамнотежата на телото, на умот и на духот. Повторувајте: „ооо“, „ауу“, „еее“, „ууу“, „иии“, „ааа“. Пронајдете кој звук ви е пријатен во расположението, пронајдете го движењето на телото за тој звук и ќе го видите благодетот на таа архаична музика. Повторувањето во музиката дава релаксација и сигурност, зато сакаме да се препуштиме на позната музика. Таа може да ослободи некои потиснати чувства од тага, од радост. Некои мелодии ни ја олеснуваат психичката и физичката болка. Музиката што содржи многи променливи ритмови може да нè разбуди, а мирната музика делува како добар седатив. Музиката може да ја изнесе на површината самотијата и копнежот за саканата особа, може да го поттикне одушевувањето, може дополнително да возбуди до еуфорија или, пак, да релаксира до сон.

Пеењето е издишен вентил, ја разбива напнатоста. Фасцинантно е да се знае дека песните што ги пееме дејствуваат на работата на нашето тело! Ако тоа уште го следиме и со слободни движења, изразувајќи го она што е во нас, ја доведуваме во рамнотежа душата и телото подобро отколку со било кој лек. Танцувајќи на дожд, на улица, дома, сами, во друштво се ослободуваме од вишокот на килограмите, од депресијата и од алкохолот.

Алкохолот во мали количини дејстува како стимуланс, ни помага да излеземе од секојдневните пози, да ја отвориме душата, создавајќи топлина и пријатност во оние делови на телото што се закочени, како што е главата и вратот, екстремитетите и полните органи. Ако претераме, тоа чувство се губи и се заменува со чувство на тапост, на мачнина. Кога ќе испието некоја чаша повеќе, движете се, танцувајте за алкохолот да излезе преку дишењето и да се намали концентрацијата во крвта за да не ја труе душата и телото.

Подгответе се психички за прослава

Излезете од вообичаеното мислење за себе: „не е тоа за мене“, „всушност, не ме разбираат“, „престар сум“, „не сум јас дел од тоа“, „ништо не ми значи една година повеќе“. Запрашајте се дали има место за нешто убаво во вашиот живот. Бидете внимателни, забележувајте го светот околу вас. Подгответе се за прослава на празникот што доаѓа. Размислете зошто ви е тој празник важен, колку го носите во себе од детството, како прославата на Новата година нè обединува од сите континенти… Следете го ритамот на своето тело, кога му треба чаша за опуштување и кога му е доста. Тоа е попаметно од вас. Виното во мали количества го поттикнува духот, го разбива оклопот и отпорот, но во поголеми количества го уништува. Својот дух не заменувајте го со алкохолот.

Секој ден славете го животот. Така, пред прославувањето, нема да имате големи очекувања, ниту, пак, големи разочарувања и изолација. Дајте сè од себе, „откачете“ се, направете нешто будалесто, нешто што во обичен ден не би го направиле. Така ќе ги намалите чувствата на: страв, срам и вина во обичните денови кога ќе се сетите на случувањата од прославата. Следен чекор е да се откачите и во обичен ден, создавајќи чувство на слобода на изразување. Не чекајте ги промените во животот за да ги славите неговите моменти, така ќе бидете поопуштени во овој несовршен свет.

20211229 5

Пишува:

Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид

 

Посетеност: 74
Share
Previous Post

Пратеничката Жаклина Лазаревска подели новогодишни пакетчиња во ООУ „Св Климент Охридски“ во Охрид

Next Post

Денес им е роденден: Вера Каранфилоска

Next Post
Денес им е роденден: Вера Каранфилоска

Денес им е роденден: Вера Каранфилоска

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 74

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk