По триесет години од последната работна акција во Македонија, во главниот град деновиве се одржа седумдневна работна акција „Скопје на нашите дланки 1963-2018“, во организација на Здружението на граѓани „Акцијаши“ од Скопје со поддршка на општина Гази Баба.
Ацијата се организираше по повод одбележувањето 55 години од катастрофалниот скопски земјотрес а меѓу учесниците беа и членови на акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид.
Во акцијата беа вклучени околу 150 лица, најмладиот имаше 13 години, а најстариот 78 години. Учествуваат голем број на акцијаши од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Франција.
Тие беа сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“. Акцијашите по земјотресот во 1963 година го имаат изградено токму овој студентски дом во една од работните акции за обнова на градот Скопје. Од 23 до 26 јули, во периодот од 8 до 12 часот се уредуваше просторот во студентскиот кампус и факултетите во општина Гази Баба.
Утрово на разделба бакнежи и солзи за седумте дена минати како еден миг и пораката – ќе се сретнеме и ќе се дружиме повторно.
Со оваа работна акција Скопје како град на солидарноста, Здружението „Акцијаши“ и скопјани на симболичен начин изразија благодарност до целата светска јавност и до југословенските народи кои доброволно помогнаа од урнатините да се извлечат настраданите и да се обнови градот.
Публицитет.мк