ХОПС како експертска организација веќе дваесет години работи на прашања во полето на политики на дроги, а сепак, велат тие, изминатиов период не биле поканети да учествуваат на јавните расправи за регулативата. ХОПС веќе направија анализа и вчера до Собранието ги поднеле забелешките за измените кои се нудат во законот, а кои велат се ставени на пленарна собраниска седница за денеска. Посочуваат неколку клучни точки и недостатоци кои се предлагаат со измените во постоечкиот закон.
„Прво е ограничувањето кое го прават измените во однос на дијагнозите, односно медицинските состојби. Моменално, како што е планирано во законот, само четири специјалисти можат да ги препишуваат продуктите од канабис – невролози, инфектолози, радиолози и онколози. Не се вклучени останатите стручни лица. Имено, канабисот се употребува над 25 години за глауком, очен притисок, што значи дека офталмолозите нема да може да го препишуваат. Потоа, лицата кои имаат колити, воспаление на цревата – гастроентеролозите нема да можат да препишуваат, а истото важи и за реуматолозите. Повикуваме постоечкиот закон во собраниска процедура да се повлече, да се доработи со цел да имаме добар функционален закон“, рече на прес-конференција пред Собрание Христијан Јанкулоски, извршен директор на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот.
Понатаму, за ХОПС е алармантен предлогот за воведување казнени одредби во овој закон, со кои се криминализира личната употреба на канабисот, што претставува дополнително регулирање на материја која веќе е регулирана со Кривичниот законик на РМ, што велат е спротивно на Уставот и предизвикува правна несигурност на граѓаните.
Ова во превод значи – со новите измени ќе се криминализира личната употреба, што не е случај со постоечкиот Закон. Со членот 215 за „неовластено производство и пуштање во промет наркотички супстанции“ стои дека личната употреба „не е криминално дело“. Во овој предлог-закон, пак, стои дека секој „дипломиран фармацевт, агроном, вработено лице во правно лице кое одгледува коноп, кое ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од коноп наменето за лична употреба – ќе се казни со казна затвор од една година до пет години“. Со ова, според активистите, се прекршува Конценцијата за човекови права која државата веќе ја има потпишано, а каде е потенцирано дека користењето на дрога не е кривично дело.
ХОПС сметаат дека регулативата не треба да се ограничува само на масло од канабис. Индикациите се многу пошироки. Не значи дека на секој ќе му помага само маслото, па сметаат треба да се дозволи пушење, вапоризирање, користење како храна, колачи итн..
Иако цел на предложените измени на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции е регулирање на медицинската употреба на конопот, велат од ХОПС, произлезе дека предложените одредби не и служат во целост на најавената цел, туку напротив фаворизираат финансиски моќни правни лица кои ќе го контролираат пазарот со канабис и неговите деривати.
Поради предложените одредби со кои се уредува начинот на производство, чување и преработка на канабисот, со кои се става голем финасиски товар на правните лица кои би ја работеле оваа дејност, за ХОПС е очекувано крајниот производ да биде со висока цена, а со тоа недостапен за најголемиот дел од луѓето на кои им е потребен.
„На пример за одгледување на канабис, законот предвидува строги безбедносни мерки кои не постојат за одгледувањето на афион од кого се произведува хероин. Имено просторот на кој ќе се одледува канабисот треба да е ограден со ограда висока најмалку 4 метри и обиколена со три реда бодликава жица пред оградата. Дополнително оптеретување за правните лица кои треба да го организираат одгледувањето на канабисот е и обезбедување на видео надзор над целиот простор и физичко обезбедување 24 часа секојдневно“, велат од ХОПС, потенцирајќи дека правното лице треба да вработи најмалку четири луѓе од кои фармацевт со три години работно искуство и агроном насока полјоделство со три години работно искуство.
„Повторно, ваква обврска за вработување на конкретен профил на професионалци, законодавецот не предвидел за одгледувачите на афион“, велат од ХОПС.
На прес-конференцијата беше присутен и Давор Ангеловски, граѓански активист и пациент, кој меѓу другото се осврна и на нелогични работи во образложението на предлог-законот кој е пратен до Собрание. Таму, вели тој, стои дека „употребата на овие растенија во традиционалната медицина е документирана во голем број на земји во светот за третман на затегнати (згрчени) мускули, конвулзии, астма, депресија, болка, гадење и повраќање, како и за стимулација на апетитот“…
„Понатаму, се оди дотаму што во образложението се објаснува и дека за пациенти што страдаат од болка оптималниот сооднос на ТХЦ и ЦБД треба да биде еден спрема еден, а потоа кај индикациите не може да се препишува? Самото образложение е контрадикторно, прво ’секаде во светот се користи за болка, а потоа ’не може’!? Еве јас поседувам и приложувам четири извештаи за болка. Сите четири се различни (парестезија на кожата, мијалгија, полиневропатија и дископатија). Јас прашувам како ќе се одлучат докторите да препишат некому масло од канабис, кога прво не можат да се одлучат за една дијагноза, даваат четири различни дијагнози и три различни лекови? Исто, зошто би морал да користам тешки лекови, од кои што во едниот во упатството седум пати се наведува ризикот од самоубиство, другите се штетни по срце, а има и таков што е прескап, се набавува приватно и чини над 1.500 денари? Јас пробав и увидов дека канабисот помага во мојата ситуација. Така да, јас се прашувам дали да ризикувам затвор, цело мое семејство да пати, за да оние решат дека за болка помага и треба да ми се помогне?“, праша Ангеловски.
Исто така, вели дека и во предлог-законот е образложено дека „аспиринот“ има терапевстски сооднос, ризичност од 20 спрема 1, што значи дека дваесет пати повеќе од препорачаната доза може да препорача смрт. Истовремено, ризичноста од канабисот е далеку помала – терапевтски сооднос 1.000 спрема 1.
Ангеловски во текст објавен во МКД.мк веќе укажа дека иако законот се носи за медицински цели и за користење на конопот како лек, сепак, во законот канабисот е окарактеризиран како опојна дрога.
Прашува зошто нереално се ограничуваат специјалистите кои ќе можат да препишат препарати од коноп. Односно, зошто се дозволува единствено на лекарите вработени во јавното здравство да можност да ги препишат и притоа се изоставени психијатрите, очните лекари, трауматолозите и другите стручни лица кои ќе сметаат дека конопот може да помогне во лекувањето на нивниот пациент, во справувањето со депресија, анксиозност, несоница, глауком, болка, тегоби.. кај кои со сигурност може да се каже дека ќе има бенефит од користењето на коноп. Со тоа, смета овие пациенти повторно ќе мора да набавуваат на црно.
Извор: mkd.mk