Прочитајте од каде потекнува секој поединечен зачин, како и каде се употребува, како може да се чува?
ЧУБРИКА
Чубрика или Satureja montana е зачин кој наоѓа широка примена во кулинарството. Таа е тревното растение кое најдобро успева во топлите и регионите со умерена клима. Татковина му се областите на Медитеранот и Блискиот Исток. Растението има низок раст во облик на ниски билки и подгрмушки, со висина од 15–50 см. Листовите се долги 1-3 см. Цветовите се распоредени кружно околу стебленцето, а по боја се бели до розово-виолетови.
ЃУМБИР
Ѓумбирот потекнува од тропските краеви на Азија. Се користи во свежа и сушена состојба или како прав, за припрема на супи, јадења од зеленчук, ориз, сосови и колачи. Оваа лековита билка во себе содржи протеини, етерично масло, фосфор, калциум, магнезиум, манган, фолна киселина и витамин Ц и Б6. Кинеската медицина го препорачува ѓумбирот да се кориси во комбинација и со други билки затоа што има моќ да го забрзува нивното дејство. Главната особеност на ѓумбирот е во неговата егзотичност и ориенталност која го издвојува од другите медитерански зачини. Поприлично е ароматичен, со јак и остар вкус и пријатен мирис благодарение на етеричното масло. Многу се користи во кујните во Азија каде неговата важност ја надминува само солта.
КАРИ-МАГИЧЕН МИКС ОД ЗАЧИНИ
Што прво ви паѓа на ум кога ќе се спомене зачинот кари? Дали ве асоцира на ароматичен зачин, со интензивна боја и вкус кој потекнува тропска Азија, односно од Индија. Тоа е делумно точно, но не во целост. Она што е главната заблуда е дека карито всушност не е еден зачин, туку е микс од повеќе зачини, кој на Хинду јазикот се нарекува масала. Секој готвач има посебен начин на приготвување на карито, затоа се вели дека има толку типови на кари колку и готвачи.
ОРИГАНО
Ориганото (Origanum vulgare) е зачинско растение кое и припаѓа на фамилијата Lamiaceae (нане). Води потекло од топлите западни и југозападни делови на Евроазија и Медитеранот. Иако е едно од најчесто користените зачински растенија денес во светот, сепак најмногу се користи во италијанската и грчката кујна. Интересен е податокот дека во Америка овој зачин бил донесен дури по Втората Светска Војна, кога војниците ја донеле манијата за пици, но затоа пак, во периодот помеѓу 1948 и 1956 продажбата на оригано во Америка се зголемила за неверојатни 5200 проценти!!!
ЖАЛФИЈА
Жалфијата (salvia officinalis) е позната уште од најстари времиња, и тоа како лековито растение. Дури и нејзиното латинско име укажува на нејзините лековити својства бидејќи зборот salvia доаѓа од зборот што значи здравје или лечење (спасување). Античките Грци и Римјани особено ја користеле како лек и тоа за голем број на болести почнувајќи од каснување од змија па се до плодност и виталност. Многу често ја нарекувале дури и S. salvatrix (спасителот). Иако во светот денес постојат околу 900 видови на оваа билка, сепак се мисли дека најквалитетната жалфија доаѓа од Далматинскиот регион во Хрватска.
БОСИЛЕК
Босилек, или сладок босилек, е народното име за растението Ocimum basilicum од фамилијата Lamiaceae (нане). Води потекло од Индија и некои други делови од Азија, а традицијата за неговото користење во кулинарството и медицината е стара повеќе од 5000 години. Најприсутен е во Италијанската кујна, иако некои од многуте видови босилек често се користат и во азиските кујни, особено во Индија, Тајланд, Камбоџа, Лаос, Виетнам и Индонезија.
Публицитет.мк