Вие, граѓаните имате право да добивате навремени, евтини и квалитетни услуги. Локалната самоуправа е сервис на граѓаните и таа треба да биде достапна до секој граѓанин, во секое место и во секое време. Токму затоа ја отвораме локалната самоуправа за да може секој граѓанин да ја добие потребната услуга, но на едно место, рече на денешната средба со новинарите Живка Ангелеска кандидатка за советничка во идниот совет на Општина Охрид.
Тоа го овозможуваме преку отворање на канцеларии на локалната самоуправа во секоја урбана и месна заедница. Напоредно со ова, го зајакнуваме нивниот правен статус. Дополнително, секој урбана и месна заедница ќе добие на располагање сопствен буџет од максимум 1 милион денари. Со овие средства се подобрува инфраструктурата во секое место.
Напоредно со развојот на технологијата и желбите на граѓаните од поквалитетни, побрзи и поефикасни услуги, се наметнува потребата од унапредување на ефикасноста во давањето на услугите од страна на градоначалникот и општинската администрација кон граѓаните и правните субјекти на територијата на општина Охрид. Општината треба да е иницијативна и динамична, со цел да го подобри животот на граѓаните во градот и секое населено место. Новата општинска власт треба да е услужна и подеднакво посветена на сите граѓани.
Обезбедуваме поддршка и помош за најзагрозените семејства и за лицата со посебни потреби. Ја унапредуваме физичката и техничка достапност во однос на улиците, сообраќајот, комуникациите и превозот за лицата со инвалидитет. Општинската зграда и сите општински јавни објекти ќе бидат достапни за лицата со попреченост и ќе се изготви план чија цел ќе биде достапност на сите објекти и простории на цело општинско подрачје за лицата со попреченост, рече Ангелеска, кандидатка за советничка од редовите на СДСМ – Охрид.
Публицитет.мк