Аница Палацо од први јули годинава е координатор на Сојузот на Ротари клубовите во Македонија. Од истиот датум со Ротари клубот „Охрид“ раководи уште една жена тоа е Олгица Илоска.
Членството од нив до крајот на јуни 2016 година очекува да го зајакнат имиџот на ротаријанството во Охрид и Македонија и сите преземања и активности да добијат поголема гласност.
Пред неколку години Ротари клубот „Охрид“ стана член на една потесна соработка на клубови од Италија,Шведска,Русија,Србија и Македонија.
Од таа соработка клубот од Охрид напорно работеше и имаше среќа да биде поддржан со проектот за Општата болница – Детско одделение и да го финализира проектот во вредност од 60 000 американски долари.
Во мигов од 2 до 6 септември Палацо и Илоска се во Санкт Петребург, Русија. Таму се одржува годишната средба на овие Ротари клубови. Најголем дел од средбата е резервирана за презентација на проекти од кои се селектираат само три или четири и сите присутни клубови застануваат во нивна поддршка.
Аница и Олгица се подготвени и ќе презентираат нов проект со желба тој да биде прифатен од Меѓународните ротари клубови. Ротари клубот „Охрид“ сака да го помогне и осовремени детското одделение во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.
Се бара буџет од 80 000 долари и најголемиот дел од нив доколку проектот помине ќе се наменети за набавка на нова современа апаратура потребна во одделението.
Често во јавноста се поставува прашањето како функционираат Ротари клубовите во светот?
-Постои поделба на зони, зоните во дистрикти а тие се составени од клубови. Во Ротари Интернационал за да постои дистрикт има одредени норми што подразбира да се има минимум 40 клубови со минимум членство од 1200 луѓе. Македонија е многу мала држава. Од време на формирањето на Ротари клубот во Охрид во 2005 година дистриктот неколку пати се има преобликувано. Охридскиот клуб прво беше дел од Меѓународниот дистрикт Северна Грција, Бугарија и Србија… Следната година во Бугарија си формираа свој дистрикт бидејќи бројката на клубови драстично им порасна,подоцна се издвоија клубовите од Србија. Во Македонија има 17 Ротари клубови со тенденција до крајот на годинава да се формираат уште три. Но до 1200 членови сме далеку, сега не има околу 500.
Како ротаријанци сакаме да го зголемиме членството, но тоа не го правиме стихијно и кампањски, целта ни е и натаму да имаме квалитетно членство,а не само да достигнеме одредена бројка.
Клубовите во Македонија сега функционираат како дистрикт во потесна соработка со Албанија и Косово.
Настојуваме и веќе контактираме да се споиме со дистриктот во кој влегуваат клубовите во Словенија. Со тоа би добиле силен партнер од другата страна, изјави за „Публицитет.мк“ Аница Палацо.
Публицитет.мк