Првиот вистински месец од пролетта секако е април. Тогаш, природата се буди од зимскиот сон во сета своја убавина кога расцветува во сите можни бои. Тоа е месец кога се раѓаат и многу нови љубови а старите добиваат нов жар…
За овој месец поетите ги напишале можеби своите најубави стихови а песнопојците ги испеале своите најубави песни…
Интересно е дека за овој месец , покрај оние за љубовта,се испеани и голем број на песни во кои се поврзува април со некој град. Па така познати се песните „Април во Париз“ , „Април во Белград“ или да речеме „ Април во Португалија“…
Токму за оваа последната,ќе се потсетиме во овој прилог.
Многумина велат дека најпозната песна за Португалија е „Коимбра“ или попозната како
„Април во Португалија“за која музиката ја напишал Раул Ферао а стиховите Хозе Галхардо .Верувале или не таа има повеќе од 200 различни изведби низ целиот свет.
Еве ја приказната за неа…
Потеклото на песната „Коимбра“(област и град во Португалија , позната по својата историја и Универзитет и некогашна престолнина) е некаде од доцните 1930 –ти, кога ја напишал Раул Ферао инаку електроинжинер по професија.Но, песната останала непозната и заборавена се’ додека не била употребена во филмот „Капа Неграс“ од 1946 година во кој настапуваат Алберто Рибиеро и Амалија Родригез а во кој се раскажува една тажна љубовна приказна која се случува во Коимбра.
Песната и’ се допаднала на Амалија која веднаш ја снимила и ја вклучила на својот концертен репертоар.Песната мошне брзо ја освојува Европа со својата единствена мелодија.
Мошне брзо е преименувана во „Април во Португалија“ и е снимена со нови стихови на француски и англиски јазик во изведба на Лоренс Велк, Бинг Крозби, Луис Армстронг ,Еарта Кит и Луис Пицара.За жал , новите стихови не биле толку добри како оригиналните…
Со тебе го најдов мојот априлски сон во Португалија,
Кога откривме романса каква што никогаш не сме знаеле,
Мојата глава беше во облаците, а моето срце полуде,
И лудо реков „Те сакам“.
Од друга страна, оригиналните стихови од песната всушност , преставуваат едно носталгично љубовно писмо до Коимбра и неговиот антички универзитет.
За светскиот успех на оваа композиција говори и податокот дека „Април во Португал“на својот репертоар ја ставиле покрај веќе споменатите интерпретатори ,уште и :Џејн Морган, Хулио Иглесиас, Катерина Валенте, Вик Дамоне, Габриела Фери и многу други.
Интересно е да се спомене дека песната доживеала огромен успех и како инструментална верзија . Така, таа може да се слушне во изведба на оркесртите на :Мантовани, Перез Прадо, Чет Аткинс, Берт Кемпферт, Лондонскиот поп оркестар, Нори Парамур, Реј Кониф, Перси Фејт, Каунт Бејзи, Џејмс Ласт, Клаус Вундерлих, Пол Мориа, Франк Пурсел…
Ве потсетуваме на овој прекрасен евергрин со можеби најавтентичната изведба на извонредната Амалија Родригез која на некој начин и ја прослави оваа песна.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк