Проблемот со миграцијата и со можниот нов бран бегалци на Балканот постои, но тој не треба да се предимензионира, смета Вемунт Арбаке, професор од Универзитетот „Аристотелис“ од Солун, кој денеска во Охрид се обрати на втората Регионална школа за безбедност што ја организира Факултетот за безбедност.
Во врска со изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан дадена неодамна во Охрид дека според информации на НАТО до 2020 година низ овој дел на Европа ќе минат 60 милиони бегалци, грчкиот професор изјави дека тоа се целосно иреални тврдења и ставови на држави како Унгарија, Полска или Чешка, земји чии раководства, како што рече, покажале некооперативост во справувањето со кризата настаната со големиот бегалски бран во 2015 година.
За можноста од евентуален нов бран бегалци што би го зафатил регионот, професорот Арбаке истакна дека проблемот не е толку голем за што говори податокот дека бројот бегалци после првиот бран значително е намален, но оти истиот постои како предизвик што упатува на потребата од видоизменет пристап и поголема кооперативност меѓу државите за справување со ова прашање.
– Ниту ние, ниту ЕУ е доволно подготвена за справување со проблемот на миграцијата. Дури и високопоставени претставници на Унијата и на ОН признаваат дека меѓународната заедница многу подобро се справи со бегалските кризи во минатото, како на пример за време на војната во Виетнам или поранешна Југославија отколку при последната мигрантска криза со бегалците од Блискиот Исток, рече Арбаке.
На тридневната школа во Охрид учествуваат професори и студенти од Македонија, Грција и Бугарија кои ќе дискутираат за проблемот со миграцијата. Собирот треба да придонесе за подобрување на меѓусебната соработка меѓу земјите од трасата и изградба на прагматична политика со оперативни мерки во Европа и Западниот Балкан како понатаму да се справува со бегалски кризи.
Според професорот Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност, научната заедница од регионот подобро реагирала при бегалската криза во 2015 година отколку раководствата на државите на највиско ниво, притоа потсетувајќи на констатираните слабости во безбедносниот систем.
– Регионот мора и натаму да остане буден и да има заеднички одговор на предизвикот околу миграцијата. Пристапот треба да биде пред се хуманитарен, но воедно треба да се има предвид безбедносниот аспект врз состојбите во регионот што ја наметнува како реалност потребата од заедничка безбедносна проценка и регионална политика кон проблемот, рече Ѓуровски.
Извор: www.mia.mk