Деновиве беше одржан настанот под име ,,Разговори за Касарна’’ во просториите на Касарна Хаб во Охрид. На почетокот на настанот беше претставен АРХРИД како стручен колектив преку краток осврт на главните цели и плановите за идно дејствување. Во продолжение следуваше презентација на академски истражувачки трудови и изложба на наодите, при што истите се однесуваат на вредностите и потенцијалите на локацијата на некогашната касарна ,,Михајло Апостолски’’ во Охрид.
Охридската касарна како значаен остаток на архитектонската продукција од 20 век, е простор за за чијшто развој во текот на годините постојат различни непродуктивни дискусии, пред се предводени од индивидуални профитабилни тенденции, наместо сеопфатно решение со јавниот интерес во преден план. Како една од најголемите зелени површини на градот, таа претставува актуелна и сензитивна тема која бара исцрпна архитектонска и урбанистичка анализа и ја поставува потребата од креирање на компаративни решенија за истатаорганизација на архитектонско-урбанистички конкурс. Идејата на ,,Разговори за Касарна’’ беше да се поттикнат критички размислувања, дискусии и заклучоци помеѓу архитектонската сцена и заедницата, кои би резултирале со создавање на правци за нејзиниот иден развој. Преку анализата на архитектонските и урбанистичките вредности , но и можностите за адаптација на ваквиот навидум нефункционален опфат на градот, би се реализирало зараснување на урбаното ткаење. Клучните постулати кои произлегоа од ова истражување се: приоритет на РЕУПОТРЕБА, зачувување на ЗЕЛЕНИЛО, организација на КОНКУРС, како ставови врз кои би се темелел третманот на овој дел од градот, како негов стратешки значаен фрагмент.
Со трансформацијата на површините на касарната треба да се стреми кон наоѓање компромис меѓу потребата за урбанизација, комерцијализација, заштита на наследството и јавниот интерес. Местата кои веќе постојат, веќе се изградени и се дел од колективната меморија се обединувачки елементи на сегашноста и минатото, а преку процесот на трансформација се докажува дека истите можат да се прилагодат на иднината. За крај, свое обраќање имаше и претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – проф. Д-р Мишко Ралев кој, освен што изрази поддршка за колективот во име на Асоцијацијата, даде и свој осврт за важноста од организација на квалитетни архитектонски и урбанистички конкурси преку споредба на досегашните практики во државава наспроти она што е веќе системски воспоставено и активно се применува во Европа, вклучувајќи ги и нашите соседни држави. Како заклучок на неговото излагање даде поттик да не се откажуваме од борбата за спроведување на архитектонски, урбанистички и други конкурси: „Преку нив ние се бориме за нашата професија, за нејзиниот квалитет кој директно влијае врз квалитетот на просторот“, додавајќи дека: „Институцијата Архитектонски и/или урбанистички конкурс е суштински вредна и неопходна за развој на архитектурата преку развој на самите творци – архитектите, а со тоа и за развој на урбаните средини и нивните жители“.
Собирањето, разработката и организацијата на истражувачкиот материјал ја изведе АРХРИД како стручен колектив на архитекти, а истите беа доведени до реализација под покровителство на Касарна Хаб. Автори и организатори на презентацијата и изложбата се: Стефан Жупан, Иво Лазароски, Стефан Назифовски, Димитар Поп-Стефанија, Филип Спасески, Емилија Стојаноска, Симона Чингоска.
АРХРИД изразува огромно задоволство и почит до сите кои го посетија настанот и ги ислушаа стручните ставови. Потсетување за оние кои не беа во можност да го сторат истото, изложбата ќе биде отворена за посета до 1.10.2022 во просториите на Касарна Хаб.
Публицитет.мк