Безбедносната состојба во регионот и земјата налага што поскоро решавање на политичката криза. Уште повеќе заради тоа што е отворена можноста Турција да не ги исполни седумдесет и двата услови кои и ги постави Европската Унија за добивање на визна либерализација, по што може да следи нов мигрантски бран. Ова го порачаа експертите кои во Охрид учествуваат на конференцијата посветена на современите трендови на општествената контрола на криминалот.
Сите политички субјекти во Република Македонија мора да се издигнат над своите партиски позиции и во прв план да го стават интересот на државата. Земјата е исправена пред повеќе безбедносни предизвици, а по затворањето на балканската мигрантска рута таа се усложнува со појавата на криминални банди кои шверцуваат мигранти. Состојбата ќе се усложни доколку Турција не добие визна либерализација што ќе предизвика нов бран бегалци, сметаат експертите.
„Балканската рута се затвори формално, меѓутоа се развија илегалните рути и сега ние сме на таа рута, Македонија, Србија, мора да се справуваме со голем број илегални премини. Затоа се формираат илегални групи, класични криминални групи кои остваруваат против правна корист на тој начин што префрлаат мигранти“, вели проф. д-р Томе Баткоски.
Професорот Жидас Даскаловски смета дека идеално решение за надминување на политичката криза е меѓународната заедница да се вклучи во прочистувањето на избирачкиот список.
„Видовме дека имаме еден сигнал од Јоханес Хан-еврокомесарот, дека можеби наједноставно, најверодостојно ќе биде доколку се вклучи меѓународната заедница во тоа таканаречено прочистување на избирачкиот список, кое би довело до ситуација сите партии разумно да постапат и да го признаат избирачкиот список, како релевантен и да можат да дојдат до договор за излез од политичката криза во рамките на она што се избори и изборен натпревар“, смета проф. д-р Жидас Даскаловски.
Експертите сметаат дека околностите пред кои е исправена земјата налагаат безбедносните структури да мора постојано да ги осовременуваат своите методи на планот на откривање и спречување на секаков вид криминални дејства, вклучувајќи го и тероризмот.
Извор: www.mrt.com.mk