Пред неколку месеци ме насмеа разговорот со еден мој пријател, кој долги години живее во Лондон. По долгиот “локдаун” што го поминаа поради пандемијата, го прашав како го издржа? Често се навраќам на неговите одговори, особено кога ќе ме фати нервоза поради многуте пропуштени изложби, театарски претстави, концерти и разни кафански собиранки, во изминатите две пандемиски години…
Јас: Како сте, како издржавте во локдаун?
Тој: Супер, одлично, многу ми годи, уживавме.
Јас: Како тоа уживавте, дома по цел ден?
Тој: Дааа, се одморивме, смирено, фино, без трчање, без брзање. Најпосле да се видиме како луѓе (со сопругата).
Јас: И ?
Тој: Си имаме шема. Неколку часа работиме, онлајн. Па, заедно спремаме ручек, попладнето секој сам, навечер гледаме серии заедно. Имаме уште стотина наслови на списокот за гледање. Си зедовме маче, се смееме со него…
Јас: Упс, прв пат слушам некој да не се жали од карантинот.
Тој: Какво жалење, само нека продолжи вака. Едно чудо пари заштедиме, никаде не одиме, никој не доаѓа, за ништо не се расфрламе.
По овој кус разговор со пријателот, малку ми стана полесно кога размислувам за пропуштените изложби, концерти, театри. Се дружам со најблиските, со најдрагите луѓе. А корона вирусот одеднаш почнав да го набљудувам и од друга перспектива – како еден глобален превоспитувач, поправач на некои од грешките на луѓето!
Во овој празничен период на врвот на мојата ” Christmas classics” топ листа е Fairytale of New York од групата The Pogues. Различна е од другите божиќни песни по многу нешта.
Публицитет.мк