Насилството врз жените претставува глобален проблем и е перманентен фокус на светската јавност преку презентирање на различни решенија за негова елиминација.Сепак, како што се истакнува во повикот за борба против насилството, не постои едно решение кое ќе стави крај на насилството врз жените, велат од Женскиот центар „Бисера“ каде секоја година активно се вклучуваат во кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Оттаму ги повикуваат сите да направат се што е во нивна моќ за да стават крај на семејното насилство, на сексуалното вознемирување, на раните бракови и на сите форми на насилство врз жените.
-Насилството врз жените е извор на страдање на сите што се засегнати, кривично дело и повреда на човековите права.Ние можеме и мораме да работиме заедно за да ставиме крај на насилството, велат од „Бисера“.
Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ во Македонија се одбележува од 2014 година и има цел да ја подигне општествената свест и да поттикне на размислување за индивидуалниот и колективниот придонес во борбата за спречување на родово базирано насилство, а се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.
Публицитет.мк