-Бистра и чиста како водата, ни пишува во одговорот на едно од прашањата Бистра Кумбароска која од родната Струга, преку Љубљана стигна до Виена. Нејзина под еднаква љубов се поезијата и социјалното претприемништво ( бизниси).
Таа е една од ретките кои откако заминале и успеале надвор од Македонија со проекти, ангажмани од светот се труди да и помогне на својата Македонија, толку колку што може.
Како што не ги заборава родителите, сестрата, внуката… така не заборава на реката Дрим и поетска Струга: – Струга, домот, мојот корен – тоа е воздухот кој го дишам, тоа се крилјата кои ги носам, невозможно е да ми недостига зашто ги носам насекаде со и во себе, вели Бистра.
За социјалните бизниси кои ја преокупираат ќе рече: – Во Виена, имам можност да учам од експерти во сферата, и особено задоволство ми е кога тоа знаење, контакти и компетенции успеав да ги споделам во Македонија. Во следните 10 години, убедена сум дека секој факултет во Европа ќе поседува и катедра за социјално претприемништво, како дел од формалниот курикулум.
Бистра Кумбароска ако ви речат претставете се во пет реченици , како би се опишале?
Јас сум Бистра, име кое сведочи за една вечна амбиција: да се биде чиста ко бистра вода, да се бида остроумна но многузначна ко бистар ум, тело полно љубов сум, кое верува во светоста и световноста на секој човечки живот. Најкратката дефинција за себе си која често ја кажувам на конференции е: Poetry is what I am, everything else is what I do; and I do impact. (превод: Поезијата претставува она што сум, сето останато е она што го работам, и работам за да го променам светот кон подобро.) Не верувам дека постои некој друг начин за да се промени нешто освен претприемачкиот. Ја комбинирам мојата социјална страна со профитната логика (сепак доаѓам од татко писател и мајка финансов директор, едноставно морав да најдам начин да ги искомбинирам и двете).
Вие и поезијата, мора да било интересно. Од мали нозе со неа . Не може, сигурно да биде поинаку, кога татко ви е познат писател и поет и човек кој цел работен век го помина во служба и дружба со СВП. Што е тоа што Ве тера да пишувате? Се сеќавате како почнавте некогаш и дали тие потреби да се пишува во текот на животот ви се менувале?
Дефинитивно најголемо влијание на мојот творечки потенцијал имаше мојот татко Разме Кумбароски кој секогаш умее (и ден денес) да ме изненади со нови книги, приказни и песни. Читањето е прекрасно хоби, читањето е влез во други светови, во тие светови не постои човек кој не би бил инспириран да пишува. Тешкотијата е можеби да се најде дел од реалноста која не инспирира да пишуваме, која вреди да се запише. Пишуваната меморија е многу поконцизна од вербалната. Што ли од реалноста е вредно за овековечување? Ете затоа пишувам, како одговор на тоа прашање.
Дел сте од една група поети, Астални проекции, што е тоа?
Асталните проекции се празник за поезијата во Македонија, тоа е за мене еден вид модерна преродба. Благодарение на моите драги Ана Голејшка и Ѓоко Здравески, идејата за поетското читање каде е потребен простор, микрофон, искрена мисла и поезијата сама ќе си дојде – стана реалност! Отсекогаш сме сонувале за простор и место каде поезијата се чита како што читаш весник, и поентата е дека „Астални проекции“ е настан каде е поканет секој што сака да чита поезија, без разлика на возраст, без разлика на тоа дали е познат поет или никогаш никој не чул за него. Идејата е да се покаже дека поезијата не е баук, дека тоа не е салон на ДПМ, дека не е секоја поезија библиска голгота или вечно несфатен симбол, туку дека поезијата е ние, самите нас: разнолика, игрива, искрена. На Астални чита секој кој ќе биде одбран по повикот што е објавен на социјалните мрежи. Досега не бил одбиен никој којшто се пријавил и самиот настанот е посетен од најразлични гости. Моја лична желба е Асталните проекции да ги “испроектираме” во Љубљана и Виена, и заедно со Ана и Ѓоко, мантраме врз таа идеја.
Професионално, лебот го заработувате работејќи во Виена во сферата на социјалните бизнис. Што е тоа , всушност?
Повеќе би рекла лебот сама си го произведувам, а не заработувам 🙂 Дел сум од екипата која работи во Импакт Хаб Виена, coworking простор во чиј фокус е развој, поддршка и оспособување на претприемачи со профитабилен, но општествено одговорен бизнис модел. Јас сум регионален програмски координатор, позиција која претходно не постоше во тимот, но сега е круцијална во развојот на нашите активности и позиционирањето на Импакт Хаб Виена како инкубатор во регионот на Центална и Источна Европа. Една од моите омилени дефиниции на социјалниот претпиемач е онаа која вели дека социјален претприемач е секој оној кој ги комбинира способностите на Ричарт Бренсон и Мајка Тереза, т.е. создава профит преку правење добро. Правењето добро во економски контекст, често се дефинираше како хуманитарни цели, донации или организации од непрофитна природа. За среќa, новите економски текови креираа нови парадигми и модели кои не прават разлика помегу профитот и позитивното општествено влијание. Тоа значи, колку повеќе расте профитот, толку расте и позитивниот импакт, и тој импакт се мери со истата прецизност како и мерењето на профитот, и тоа подразбира свесност и одговорно работење не само на менаџментот туку и на целиот тим. Во 2015та, благодарение на Импакт Хаб Виена и Младиинфо, успеавме во Македонија за прв пат да ја отвориме Наградата за социјално претприемништво и да наградиме исклучителни бизнис идеи креирани од студенти. Круцијален дел од овој натпреват е редицата работлиници кои ги организираме низ Македонија, каде со заинтересирани студенти разговараме и развиваме знаење во оваа не толку позната тема во Македонија. Во Виена, имам можност да учам од експерти во сферата, и особено задоволство ми е кога тоа знаење, контакти и компетенции успевам да ги споделам во Македонија. Во следниоте 10 години, убедена сум дека секој факултет во Европа ќе поседува и катедра за социјално претмприемништво, како дел од формалниот курикулум.
Последно време пишувате на англиски. Зошто?
Зашто секојдневно се изразувам на англиски, и тоа е јазикот на кој светот минува низ моите мисли, а и обратно, јазикот на кој јас го допирам пулсот на светот. Има една посебна убавина во емотивните пејсажи на странските јазици. Кога би можела, би творела секој ден на различен јазик. Во секој случај, во 2016та планирам да ја објавам својата втора стихозбирка на македонски јазик, а наскоро се надевам и на првата стихозбирка на англиски.
Што друго го преокупира Вашето време?
Јас сум време, така што ништо не ме преокупира, но има нешта кои ме оддржуваат будна 🙂
Ме одржува будна фактот дека она што почна да расте во Македонија во периодот кога си заминав, (и се вика младиинфо) секојдневно расте на различни европски фронтови и добива се поголемо меѓународно внимание. Месечно остваруваме 200.000 посети на портал кој нуди најкредибилни и најтранспаренти инфомации за луѓе од 18 до 35 годипна возраст. Пред само неколку месеци, ја регистриравме и организацијата Младиинфо Австрија, имплементираме проекти во 8 различни земји, влијаеме на толпа млади луге кои имаат за цел да креираат иднина за себеси. Во моментов работиме на еден нов онлајн курс, MOOC (Massice Open Online Course) кој ќе стигне до илјадници млади луѓе во Европа и светот и ќе им понуди знаења, совети и поддршка во нивните следни кариерни чекори. Следете ја веб страницата на младиинфо за повеќе информации.
Ве фаќа ли носталгија по Вашата Струга?
Моето следно патување за Македонија е планирано во ноември, ќе бидам дел од Македонскиот Економски Самит кој се оддржува во Скопје. На мое големо изненадување, пред само неколку месеци бев избрана за успешен рол-модел од страна на Обединетата Македонска Дијаспора, и преку нивната мрежа на контакти, бев поканета како спикер на Македонскиот Економски Самит. Сметам дека тоа ќе биде еден исклучителен настан за Македонија. По самитот, на 23-ти ноември, ќе одржам и кратка работилница на темата социјални бизниси во Американското катче во Скопје. Дел од мојата фамилија е во Скопје, така што едвај чекам да ја прегрнам мојата внука Ана, а и да поминам време со мојата сестра, мајка и татко. Струга, домот, мојот корен – тоа е воздухот кој го дишам, тоа се крилјата кои ги носам, невозможно е да ми недостига зашто ги носам насекаде со и во себе.
Милчо Јованоски/ Публицитет.мк
Следи избор од поезијата на Бистра Кумбароска
Која е?
Која е таа песна
која не е ни пријатна ни непријатна
која те голицка секое утро на биро,
се користи како плочка за играње куцанка,
или се меша со нес кафе и со ладна вода?
Која е таа песна
која те смешка секоја вечер во сон,
која те буди посилно од комшиите,
која е ситна, а лична
и не фаќа место во ташна,
а ѕвечи како клуч на привезок?
Која е таа песна
која би била достојна за тебе,
која би била доволна за мене,
и која ќе те допира кога јас не можам,
и која ќе ме гушне кога ти не сакаш?
Која е таа песна
која не ја величи љубовта,
а те сака колку јас тебе?
Не,
не е оваа.
(не пишувам веќе)
Вчера решив дека нема да пишувам веќе.
Почнав да ги чешлам далноводите над Скопје
и се прашував колку високо ќе стигнам.
Колку ли треба да си празен
за да те одвее ветрот!?
Водата менува три агрегатни состојби
и така ја чисти својата меморија.
Јас сè уште тежнеам кон една
и кон мир во ова талкање.
Јас не пишувам веќе,
бар не за друго освен за тебе.
И додека навечер ги чешлам
далноводите над Скопје,
се прашувам на кој ќош од перницата
заспиваат твоите очи
и во кој ќош на твојот прозор
го оставив сјајот од моите.
(во пет минути)
Денот се раѓа како тазе отворена паста за заби,
бел и непроѕирен,
мек а полн гранули,
колку стискаш – толку истекува,
колку и да истече, вкусот не се менува.
Сме навикнале, низ годините.
Разговорите се пијат како еспресо,
кратко еспресо,
струење низ 2 – 3 голтки,
колку побрзо, тоа погорко,
колку и да е горко, слатки спомени остануваат.
Ликот секогаш кажува повеќе од усните.
Жал ми е што не можеш да разбереш
зошто од мала
љубам да гледам млазни авиони.
Чудно е што гледаш нагоре
кога ти зборувам за сите песни
кои не ги запишав.
Секој ден има почеток и крај,
секој разговор има почеток и крај.
И не знам што е полошо,
тоа што немаме почеток
или тоа што немаме крај.
Чоко флипс
Да се гледа езеро пред себе си
секогаш кога ветрот ги насолзува очите;
да не се заборави да се пишува,
пораки, писма, мејлови
дури ни тогаш кога прстите се укочуваат;
да се научи да се прекршуваат нештата,
и тоа по својата средишна линија,
да се превиткуваат, мерат, поклопуваат
и тогаш кога
целиот свет е боенка со криви линии.
Нашите животи се чоко флипс топчиња,
распрскани по светот ко џамлии.
И во овој момент,
не посакувам да се сретнеме,
знам дека ќе се.
И тој ден ќе биде топол,
толку топол
што ќе се стопиме во дланките на сонцето,
ќе оставаме кафени траги на неговите прсти,
под ноктите
и така измешани и претопени
ќе се прашуваме каков вкус оставаме.
Тој ден сонцето ќе заборави
што е ден, а што ноќ,
и ќе ги дадеме од себе си
деловите кои ги знаеме
и деловите кои не ги знаеме.
Формата за момент ќе се промени,
но светот ко совршена фабрика
одново ќе нè стокми и создаде
и ќе нè растркала низ своите погони.
Нашите животи се слатки чоко флипс топчиња
и јас им се радувам ко што доликува.
Ко дете.
(летна, после плажа)
Замини како завеса низ отворен прозор
додека на ТВ врти
филмот „Големите очекувања“
не чуди се на силниот провев,
не давај отпор,
јас имам прозори
на сите четири страни од светот.
Остави ми празен корниз
и штипки кои нечујно се тресат,
одлетај каде сакаш,
ако знаеш каде, ако знаеш да сакаш
јас имам прозори
на сите четири страни од светот,
а не сум дома ниту во една. Не бев.
Нема време за предели
каде реалноста не допрела,
нема планови, нема иднина,
не умеам да прозборам за она што се случило,
го опевам она што се сеќавам дека се случило
тоа е премногу за тебе,
премалку за мене.
Јас имам прозори
на сите четири страни од светот
но тие веќе не се отворени за да погледнеш,
отворени се за да заминеш.