Денеска Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ ја одржа годишната средба на која беше речено дека 2017-та година за нив била успешна.
На меѓугенерациската акцијашка средба присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид д-р Јован Стојаноски, кој како и на останатите Здруженија на граѓани и невладини организации на членовите на „Брег на младоста “ им порача дека тој и локалната ќе бидат на нивна странa и ќе им помогнат толку колку што можат.
„Општината е отворена за вас, слободно може да ги користите нашите простории состаноци и други активности. Ви должиме младински културен центар, во кој место ќе најдат сите вакви здруженија кои значеле за животот и историјата на Македонија. Ние планираме да воведеме официјално отпочнување на туристичката сезона. Ајде заеднички да ја почнеме со едно чистење на градот, кое ќе кулминира со класично акцијашко дружење“, им рече на младите акцијаши градоначалникот Стојаноски.
Градоначачникот на Охрид д-р. Јован Стојаноски од денеска симболично стана и член на акцијашкиот клуб „Брег на младоста“
Во минатата година под мотото „Солидарност,хуманост,акцијаштво и волонтеризам“ успешно беа реализирани бројни активности,рече Зоран Стевоски од Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“.
– Наша делегација беше на Игманскиот антифашистички марш во близина на Сараево, каде беа собрани околу 20 000 луѓе, а го посетивме и бункерот на Тито во Коњиц. Повторно ги засадивме украдените садници во Спомен паркот на НОВ, под мотото „Колку што тие можат да украдат ние можеме уште повеќе да засадиме“. Беше организирана акција за чистење на меѓупросторот од Хидробиолошкиот завод до месноста Свети Стефан.
Со 15 наши членови ја поддржавме акцијата „Зелено Куманово“ а го организиравме седумдневниот Меѓународен акцијашки камп, со учество на стотина акцијаши од сите поранешни републики на Југославија. На наша, охридска иницијатива го формиравме Сојузот на акцијаши. Во него членуваат клубови од: Куманово, Скопје, Штип и од Прилеп, а се надеваме и од Тетово. Така и натаму ќе го шириме акцијаштвото. Инаку има вкупно 40 здруженија во сите бивши ју републики, потврди Стевоски.
Публицитет.мк