Еден од најголемите музички хитови во далечната 1962 година ,поточно во годините кога твистот беше најпопуларната игра на игранките, се појави една песничка која на препад ги освои слушателите. Беше тоа „ Брзиот Гонзалес “ во исполнение на тогаш мошне популарниот интерпретатор Пат Бун.
Текстот за песната за најбрзиот глушец Гонзалес го напишале Бади Кеј, Етел Ли и Дејвид Хес а музиката е дело на Дејвид Данте.
Песната најпрвин ја снимил Дејвид Данте , чие вистинско име било Дејвид Хес, во 1961 година. Пат Бун ја слушнал песната кога бил на патување на Филипините каде што настапувал. По враќањето во Америка ја снимил песната која мошне брзо станала неверојатен хит и како сингл плоча била издадена во 1962 година.
Неговата изведба се искачила на шестото место на Билборд топ 100 листата во 1962 година и таму останала цели 13 недели.
Нејзината популарност била мошне голема и во повеќе европски земји ( во Велика Британија се искачила на второто место на британската топ 100 листа)каде синглот бил продаден во повеќе милионски тираж.
Во верзијата на Пат Бун , песната започнува со говорен вовед во кој се наведува дека приказната се случува во една месечева ноќ во Мексико, каде главниот јунак се шета помеѓу некои стари хациенди каде слушнал еден женски глас како пее „Ла-ла-ла…“
Тоа бил гласот на амерканската пејачката Робин Вард.
Песната доживеа голем број на препеви во повеќе европски земји и тоа од многу познати пејачки имиња.Така во Германија песната меѓу другите ја отпеа мошне популарната Катерина Валенте заедно со нејзиниот брат Силвио Франческо, во Франција на својот репертоар ја имаа Даниел Жерар, големата Далида како и Пјер Лалонде, во бившата Југославија на српскохрватски ја испеа Душан Јакшиќ а во Италија тогаш мошне популарните Џони Дорели и Пепино Ди Капри. Песната беше препеана и на шпански, грчки, унгарски, естонски, корејски , норвешки и чешки јазик.
Потсетување на изведбата на Пат Бун.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк