Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на 9 и 10 јуни 2016 година (четврток и петок), ќе биде домаќин на претседателот на Чешката Република, Милош Земан, кој ќе престојува во дводневна официјалнапосета на Република Македонија.
На првиот ден од посетата, ќе биде остварена тет-а-тет средба на претседателот Иванов и претседателот Земан, како и пленарен состанок на официјалните делегации на двете држави.
Во рамки на официјалната посета, претседателот Иванов ќе го одликува претседателот на Чешката Република, г. Милош Земан со Орденот „8 Септември“. Претседателот Земан се одликува за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива рамноправна соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија.
На вториот ден од посетата, двајцата претседатели ќе имаат обраќање на Македонско – чешкиот бизнис форум, на кој ќе присуствуваат претставници од стопанските комори на двете земји, како и чешки и македонски бизнисмени од повеќе области како енергетика, туризам, банкарство, прехрамбена, автомобилска и фармацевтска индустрија.
Во рамки на официјалната посета на претседателот на Чешката Република, двајцата претседатели ќе го посетат и манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“.
Публицитет.мк