Деновиве скоро сите медиуми објавија едnа мошне пријатна вест од светот на музиката.Имено, по такаречи цели 40 години легендарната шведска група АББА повторно се врати на листата Топ 10 синглови во Велика Британија со една композиција од нивниот нов албум „Патување“кој треба да излезе на 5. ноември. Песната „Не затворај ме“директно влезе на 9.место на британската листа. Оваа песна е втора најмногу симнувана песна во изминатата недела која е е превземена на стриминг 2,3 милиони пати.
Ова е првиот сингл на групата АББА на британскиот Топ 10 по песната „Еден од нас“од јануари 1982 година кога по десет години постоење се распадна оваа група. Интересно е да се спомене дека ова е дваесетти сингл на групата кој се нашол на британскиот Топ 10.
И вториот сингл од новиот албум , со наслов „Се уште имам верба во тебе “ се најде на 14 место на англиската Топ листа.
Оваа пријатна вест е причина овој пат да се посетиме на еден голем хит (ги имаше многу)на групата АББА која беше активна од 1972 до 1982 година.Се работи за песната „Чикитита“ од 1979 година чии автори се ,машкиот дел од овој квартет,Бјорн Улвеус и Бени Андерсон.Песната била снимена на 13. Декември 1978 година а била објавена на 16. јануари 1979 година како прв сингл од албумот „Вуле ву“. Интересно е дека првично како главен сингл од овој албум требало да биде композицијата „Ако не беше ноќе“, но откако „Чикитита “ била завршена ,плановите биле изменети.
Оваа песна се покажа како еден од најголемите хитови на групата „АББА“. Песната беше изведена на добротворниот концерт на УНИЦЕФ во 1979 година кој беше емитуван во целиот свет а беше одржан во Генералното собрание на Обединетите нации по повод „Меѓународната година на детето“.Како резултат од овој настан АББА донирала половина од сите хонорари од песната изведена на овој концерт.Во 2014 година сите четрорица членови на групата АББА се согласиле да донираат 100% од хонорарот од оваа песна за потребите на УНИЦЕФ.
Песната беше број еден на топ листите во Белгија, Финска, Ирска, Холандија, Нов Зеланд Шпанија, Швајцарија, Мексико, Јужна Африка и Родезија. Таа беше меѓу првите пет во нивната родна земја , Шведска и Велика Британија каде се искачи на второто место, потоа во Австралија, Германија, Норвешка , со што стана најуспешниот сингл од албумот „ Вуле ву“но една од најпознтите добротворни песни досега.
Песната била напишана под големо влијание на перуанската песна „Ел кондор паса“во изведба на дуетот Сајмон и Гарфанкел.Таа пред да го добие конечниот наслов имала неколку работни наслови како : „Калсупаре“, „3 мудри момци“„Чикитита Анџелина“, „Во прегратките на Розалита“…
Видеото за оваа песна беше реализирано неколку месеци подоцна по објавувањето на синглот.Видеото беше снимено во март/април 1979 година во продукција на Би – Би – Си за време на снимањето на емисијата „АББА во Швајцарија“која беше емитувана низ Европа за време на Велигденските празници.Инаку , познато е дека АББА со своите видео записи беше една од првите групи кои дел од својата популарност ја постигнаа токму со своите извонредно снимени музички спотови кои честопати беа режирани од најпознатите режисери за таа намена.
Песната доживеа и голем броја изведби од други интерпретатори како на пример: Шер, групата „Бојзон“ , Нана Мускури и многу други.
Песната може да се слушне и во изведба на најпознатите светски оркестри и инстументалисти со што се потврдува нејзината популарност во сите овие 40 и повеќе години од нејзиното постоење.
Да се потсетиме дека групата АББА по победата на Песната на евровизија со песната „Ватерло“во 1974 година стана светски популарна група која се памети по енормно големиот број на хитови кои ги направија во периодот од 1972 до 1982 година. Во неа покрај машкиот дел кој е задолжен за музиката и текстовите членуваат и вокалните солистки Ани Фрид – Лингстад и Агнета Фалтског.Денес највозрасниот член на групата е Бјорн Улвеус со 76 години Ани Фрид има 75, Бени Андерсон има 74 а „најмлада“ е Агнета со 71 година.
Но , со своите две нови песни со кои излегоа пред публиката на 2.септември , тие покажаа и докажаа дека сеуште добро се држат и дека се во одлична форма.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк