Екипата на Чист Охрид денеска одржа акција покрај зградите наспроти Отекс, долж улицата 7ми ноември. Локацијата ја одредивме како приоритетна не само поради тоа што се работи за урбана средина на која има многу отпад на тревните површини, туку и од причина што се наоѓа во близина на меѓуградската автобуска станица и е една од првите, за жал срамни глетки за туристите кои доаѓаат во нашиот град.
Би сакале да изразиме загриженост за состојбата на локацијата. Од станарите добивме информации дека се фрла отпад од терасите, а беше забележително и дека оние станари кои пушат на своите тераси, без размислување ги фрлаат отпушоците во тревникот. Исто така мора да се истакне и фактот дека постојат два контејнери на оддалеченост од 2-3 метри од самиот тревник, но и покрај тоа, целиот тревник беше преплавен со ѓубре.
Исто така, ситуацијата до самите контејнери е очајна, што може да се види и на фотографиите. Најдовме многу хартивчиња од чоколади и бонбони, парчиња најлон одамна во фаза на распаѓање, кабли, чевли… но она што најмногу нѐ загрижи е фактот што под самите тераси има и медицински отпад. Најдовме шприц без игла, и на фотографијата од него може да се види дека бил употреблив до 2013 година.
Оттука, би сакале да го запрашаме надлежното комунално претпријатие Охридски комуналец како го објаснува фактот што во урбана средина, веднаш до згради каде што секако живеат и мали деца, е оставен медицински отпад во тревник цели 5 години?
Очекуваме надлежното претпријатие најитно да реагира и на адекватен начин да го собере овој отпад, да го отстрани и да го складира во соодветни контејнери. Исто така, би сакале во блиска иднина да видиме повисоко ниво на ажурност на комуналните служби со цел да се исчистат површините кои во моментов се нечисти, а да се направи истото и на оние површини кои граѓаните ги пријавуваат на новоотворената телефонска линија во иницијативата „Пријави отпад“ (075 395 417).
Публицитет.мк